Промоција на книгата „Тешко ќе најдеш добар човек“ од Фланери О'Конор

07.07.2021 13:26
Промоција на книгата „Тешко ќе најдеш добар човек“ од Фланери О'Конор

   Во четврток, 08 јули, во кафе-книжарницата Буква со почеток од 20:30 часот ќе се одржи промоција на збирката раскази „Тешко ќе најдеш добар човек“ од Фланери О'Конор. 

Се работи за збирка раскази на една од најзначајните американски писателки и есеистки, Фланери О'Конор, во издание на Темплум. Ова е првата книга од О'Конор преведена на македонски.

За книгата ќе разговаат преведувачката Румена Бужаровска и уредникот на Темплум, Никола Гелевски.

За книгата, Бужаровска вели:
„Секоја реченица кај О'Конор е експлозивна и повеќезначна. Нејзиниот јазик живописно го отсликува говорот на американскиот Југ - оттаму и предизвиците при преводот. Тоа е така бидејќи и покрај тоа што нејзините приказни се универзални, нивниот идиом е локален, типичен за Југот на Америка - и токму тоа им ја дава нивната богата неповторлива обоеност.  

Расказите коегзистираат во извонредна мешавина од комичното и сериозното, со што голем дел од ликовите и ситуациите наликуваат на гротески. Најголема заслуга за присуството на хуморот во нејзините дела е секако нејзиното извонредно чувство за деталите, како и сатиричната намера која е подлога на поголемиот дел од текстовите: неретко нејзината цел е да ја исмее неукоста, себељубието и себичноста на човекот.“

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото