Дали луѓето се почесни од што мислиме?

02.08.2021 01:14
Дали луѓето се почесни одошто мислите?

Замислете дека, додека шетате по улица налетувате на загубен паричник полн со пари: дали парите само ќе ги тутнете в џеб или паричникот ќе му го вратите на сопственикот? На ова прашање секој од нас може да одговори исклучиво во свое име, иако е прашално дали во реална ситуација навистина би постапиле како во замислената.

За оваа морална дилема да ја направат реална и да го испитаат човечкото однесување во такви околности, група научници спроведоа масовен социјален експеримент. Тие ја ставија на искушение чесноста на луѓето, од дури 40 држави во светот, со помош на повеќе од 17 000 „загубени“ паричници и врз основа на резултатите се обидоа да извлечат некои поопшти заклучоци.

Соработниците на истражувачите главно оделе во големи градови и на јавни места - како плоштади, музеи, театри, банки, па дури и во полициски станици - глумејќи луѓе кои штотуку пронашле паричник, впрочем набрзина го испуштале паричникот и се оддалечувале од местото. Во испуштените паричници имало различни суми пари: во некои имало големи суми, во некои мали, додека во некои воопшто немало пари.

Количината пари во паричниците не била идентична за сите земји, туку истражувачите ја прилагодувале на куповната моќ во секоја од нив. Секако, според списокот за купување, овие паричници содржеле и визит карта со мејл адреса или телефонски број од „сопственикот“, за чесните наоѓачи евентуално да можат да ги вратат. На општо изненадување на научниците, истражувањето покажало дека луѓето претежно ги враќале паричниците и, спротивно на класичната економска логика, колку сумата во паричникот била поголема, толку почесто им ги враќале на сопствениците.

Покрај тоа што ги изневериле очекувањата на професионалните економисти, овие резултати успеале да изненадат и 2 500 испитаници од еден прашалник, кои, кога одговарале на анкетните прашања, предвидувале дека учесниците во експериментот ќе постапуваат во согласност со сопствените себични интереси. Меѓутоа, луѓето се однесувале токму спротивно, подредувајќи ги сопствените интереси под интересите на другите.

Севкупно гледано, во просек 51 процент од оние кои нашле паричници со помала сума пари им ги вратиле на сопствениците, додека, кога станува збор за празните паричници, тоа го направиле само 40 проценти од учесниците во експериментот. Она што е најинтересно, паричниците со голема сума пари, во просек ги вратиле 72 проценти од луѓето.

Меѓутоа, стапките на враќање на најденото се разликуваат од земја до земја. Најниски стапки се забележани во Кина, Мароко, Казахстан и Кенија, бидејќи во овие земји само 8-20 проценти од среќните наоѓачи им ги вратиле паричниците на нивните наводни сопственици. Кога е во прашање враќањето на празните паричници, на прво место се Швајцарците.

Авторите на истражувањето, објавено во научното списание Science, наведуваат дека многу ги зачудило тоа што на некои места, како што се Ватикан или просториите на агенциите за борба против корупцијата, сосема изостанува чесноста на среќните наоѓачи. Покрај тоа, интересно е што единствено во Перу и Мексико луѓето порадо ги враќале празните отколку полните паричници.

Сепак, истражувачите наведуваат дека овие два исклучоци не се толку статистички значајни за да го оспорат изведувањето поопшт заклучок. Имено, речиси универзално е правилото дека луѓето на законскиот сопственик порадо ќе му го вратат паричникот со повредна содржина отколку оној со помала. Она што останува како прашање е: зошто е така?

Авторите на оваа студија сметаат дека одговорот на прашањето се крие во комбинацијата на два фактори. Првиот е алтруизмот. Тоа најдобро може да се види во ситуации кога во паричниците кои ги испуштале истражувачите, во нив имало и клуч. Имено, се покажало дека паричниците со клучеви порадо биле вратени отколку оние што немале клуч. А бидејќи клучот е нешто што има вредност за сопственикот, но не и за наоѓачот, тогаш тоа значи дека луѓето, барем делумно, се воделе од извесни алтруистички мотиви - зашто ги загрижувала штетата што би можела да му биде нанесена на сопственикот.

Меѓутоа, иако признаваат дека алтруизмот игра извесна мотивациска улога при донесувањето одлука да се врати паричникот, овие економисти - поучени од претходните истражувања на оваа тема - сепак сметаат дека на луѓето главно повеќе им е грижа за самите нив. Затоа тврдат дека друг (воедно и клучен) фактор кој бил главен мотив на чесните наоѓачи е одбивноста кон перцепцијата крадец.

„Луѓето сакаат да се доживуваат како чесни личности, а не како крадци. Доколку некој сака да го задржи најдениот паричник, тоа значи дека мора да усвои нова слика за себеси, што не може да пројде без психолошки последици“, објаснува Мишел Марешал, економист од Универзитетот во Цирих и коавтор на оваа студија. „Овие психолошки сили можат да бидат многу помоќни од финансиските.“

Тоа го потврдуваат и одговорите во анкетите кои испитаниците им ги пружиле на истражувачите. Тие наведуваат дека непријавувањето на паричникот без пари сепак помалку делувало како кражба, а колку повеќе пари имало во паричникот толку повеќе им изгледало како крадење. Со други зборови, колку поголема сума имало во паричникот, толку на наоѓачите им било потешко да ја задржат, зашто би се чувствувале како крадци.

„Погрешно претпоставивме дека човечките суштества се себични“, признава Алан Кон, економист од Универзитетот во Мичиген и прв автор на оваа студија. „Во реалноста, нивната слика за нив самите како чесна личност им е далеку поважна од краткорочната парична добивка.“

Превод: Алек Кузмановски

Извор: http://elementarium.cpn.rs/

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото