Пречувствителноста често се смета за слабост, но може да биде и сила!

26.07.2023 13:31
Пречувствителноста често се смета за слабост, но може да биде и сила !

Зборот „чувствителност“ по својата дефиниција е двосмислен, бидејќи може да значи способност за спознавање на светот околу нас, но и нечија ранливост на напади или акции на другите. Всушност, кога таа ранливост е поинтензивна, обично ја нарекуваме пречувствителност, па секоја личност која е таква лесно ќе пушти солза на романтичен филм, но и емотивно ќе реагира на речиси секој, според него/неа, „погрешен поглед“.

Пречувствителноста стана особено важна тема во последните години, многу често како опис на однесувањето на луѓето во време на политичка хиперкоректност. Буквално не постои тема која некој се обидува да ја покрене без некој да биде навреден од тоа. Гледано од страна, ваквите реакции понекогаш се претерани, но сепак не би требало да се суди за туѓите чувства.

Се разбира, чувствителноста може да се манифестира на различни начини и од различни причини, па реакцијата може да биде повлекување или, спротивно на тоа, емотивен контранапад. Сè зависи од надворешните и внатрешните дразби, предизвикувачи на манифестирањето на чувствителноста. Тоа може да биде телефонски повик од пријател, разговор со колега, странец кој ве запира на улица или сеќавање на саканата личност, па и забрзано чукање на срцето или одење на театарска претстава или концерт. Без разлика во каков облик се појавуваат, ние сме постојано изложени на такви стимуланси и треба да ги препознаеме, прифатиме и обработиме за да преживееме. Едноставно, се работи за тоа да се најде начин за адаптација на околината.

Се разбира, не реагираме сите на ист начин на секој стимул. Повеќето ќе реагираат на истите стимули на приближно ист начин, но некои се почувствителни, па нивната реакција ќе биде побурна или поемотивна. И така доаѓаме до критериумите според кои нечија реакција можеме да ја оцениме како пречувствителност: подлабока обработка на информациите; зголемена склоност кон емоционални реакции и емпатија; зголемена свест и за најмалите промени во околината; поголема склоност кон прекумерна стимулација.

На оваа форма на однесување обично се гледа како на нечија ранливост. Но, не мора секогаш да биде така, исто како што преосетливоста не мора нужно да биде резултат на некои трауматски искуства или други несреќи од претходниот живот. Истражувањата покажуваат дека варијациите во чувствителноста се 47% последица на генетиката, а 53% зависат од влијанијата од околината, што значи дека тие во поголем дел се наследни, па затоа се дел од адаптацијата и еволуцијата во подолг временски период. Покрај тоа, забележано е дека чувствителни реакции се присутни и кај други цицачи.

Сепак, статистичките анализи покажуваат дека зголемената чувствителност може да донесе и одредени придобивки, бидејќи поединци во групата можат да влијаат на прифаќањето на различни стратегии и побрзо да се прилагодат на промените во околината. Покрај тоа, луѓето кои покажуваат зголемена чувствителност подобро реагираат на поддршката што им се нуди во лекувањето на некои психички нарушувања, како што е на пример депресијата.

Всушност, поради тоа често резултатите на овие личности се подобри. Можеби звучи изненадувачки, но една студија од 2018 година, исто така, покажа дека зголемената чувствителност може да помогне кај програмите за терапија за ,,булинг” на млади и нивниот отпор кон насилниците. Накратко, хиперсензитивните луѓе имаат одлични предиспозиции за социјализација, учење, свесност за околината, а во комбинација со здрава животна средина, поефикасни се во спречувањето на зависноста.

Она што ни преостанува е да се вратиме на почетокот и да резимираме дека пречувствителноста често се поврзува со ранливост, но очигледно, таа може да биде и сила.

Слики: Nathalie Lees

Извор: https://www.tportal.hr/

ОкоБоли главаВицФото