Сите предности (и недостатоци) на продолжувањето на животот

20.08.2021 02:35
Сите предности (и недостатоци) на продолжувањето на животот

Фил Микелсон го освои ПГА првенството во голф кога имаше 50 години. Том Брејди го освои својот последен Супербоул на 43 години. Серена Вилијамс сè уште е врвна ѕвезда во тенис, и покрај тоа што има 39 години. Џо Бајден стана претседател на 78 години. Минатата година Боб Дилан издаде сјаен албум, со полни 79 години.

Луѓето живеат подолго, подолго се поздрави, постигнуваат повеќе нешта во доба која некогаш изгледаше осудена само на мирување. А не зборуваме само за суперѕвездите.

Истражувачите почнаа да прават разлика помеѓу „хронолошка доба“ - колку сте стари според календарот - и „биолошка доба“, односно колку е старо вашето тело, според функционирањето на органите и некои други маркери. Се покажува дека луѓето се разликуваат многу.

Во една студија спроведена на 1 000 жители во Нов Зеланд, еден учесник стареел вкупно 0,40 биолошки години за секоја хронолошка година. Од друга страна, друг стареел 2,44 биолошки години за секоја календарска година. А тоа многу зависело од генетиката, опкружувањето и начинот на живот.

На едно ниво, подоброто здравје и долговечноста се позната приказна. Во 1900 година, очекуваниот животен век во САД бил околу 47 години, а сега е 78. Но можеби сме на прагот на ново откритие.

Во текот на дваесеттиот век, животот главно го продолжувавме борејќи се со болестите. Во првата половина од векот вакцините и другите иновации спречија луѓето да умираат млади од лесно преносливи болести. Во вториот дел од векот, подобрувањата во начинот на живот и другите медицински откритија спречија многумина да умрат во средната доба, од срцеви удари или канцери.

Но, иако сите овие подобрувања направија денес да е сосема нормално луѓето да живеат подолго од 65 години, стареењето не може да се запре. Дури и ако победите рак на градите или преживеете инфаркт, пропаѓањето на вашиот организам ќе ве докрајчи релативно брзо. Просечен осумдесетгодишник просечно страда од пет различни болести.

Затоа, дури и сосема да го искорениме ракот, тоа би довело до зголемување на просечно очекуваниот животен век од вкупно три години. Во најдобар случај, тотален лек за сите болести на срцето, би овозможил дополнителни две години.

Не е доволно само да се излечат болестите. Можеби е неопходно да му се обратиме на стареењето како такво, кое е најголема причина за сите болки во подоцнежниот живот.

С. Џеј Олшански, професор по епидемиологија и биостатистика на Универзитетот Илиноис во Чикаго, помогна да добиеме нова дефиниција на стареењето: „акумулација на разновидни удари по темелите на нашиот живот - особено на ДНК, одредени протеини, јаглехидрати и липиди (масти) - кои почнуваат рано, а на крајот ги има толку што телото веќе не може само да закрепне.“

Значи, останува прашањето дали можеме да интервенираме и да го забавиме процесот на стареење? Неодамна, Олшански ми прати мејл: „Иако не постојат документирани интервенции кои се докажано безбедни и ефикасни во процесот на забавување на стареењето, мислам дека сме на праг на нешто големо.“

Слично смета и Ендру Стил, автор на книгата „Безвременски: Новата наука за тоа како да се старее а да не се остари“). Тој опишува низа експериментални интервенции кои помагаат да се забават биолошките процеси кои се дел од стареењето.

На пример, кога старееме, создаваме сè повеќе „сенесцентни“ клетки, кои испуштаат молекули кои практично го забрзуваат стареењето. Во 2011 година, научниците ги отстранија овие клетки кај глувци и им ги продолжија животите. Клиничките испитувања на луѓе почнаа во 2008 година.

„Пресметката со стареењето звучи како научна фантастика сè додека некој не ви објасни до каде е стигната биологијата“, пишува Стил. „Клучен момент е кога ќе развиеме и кога ќе почнеме да применуваме такви третмани.“

Ерата на побавно стареење донесува и нови предизвици. На пример, во денешна Америка веќе има огромна здравствена нееднаквост. Дваесет и петгодишен бел маж со помалку од 12 години образование има 61 процент шанси да доживее 65 години. Дваесет и петгодишен бел маж со 16 или повеќе години образование има 91 процент шанси. Се прашувам дали класата факултетски образовани луѓе со напредокот на технологијата би можела да отскокне уште повеќе.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Antoine Marchalot

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото