Непознатото влијание на пробиотиците

21.06.2021 01:29
Непознатото влијание на пробиотиците

Еран Елинав

Цревниот микробиом претставува збир од сите микроорганизми настанати во цревата на човекот. Станува збор за исклучително динамичен и сложен екосистем сочинет од бактерии кои во голема мера влијаат на здравјето на луѓето. Уште порано е утврдено дека количината и типот бактерии во цревата доведуваат до појава на разни заболувања па дури и манични епизоди кај лицата со биполарно нарушување на личноста.

Едно ново истражување, пак, откри на кој начин пробиотиците внесени после долг период земање антибиотици спречуваат враќање на микробиомот на пациентот во нормала.

Имено, при земањето антибиотици се нарушува цревниот микробиом. Меѓутоа, откако ќе заврши терапијата тој би требало да се врати во нормала. Ендоскопијата и колоноскопијата правени на испитаници кои земале антибиотици пред и после пробиотиците покажале дека дејството на овие прехранбени препарати во комбинација со антибиотици предизвикува сериозно нарушување на микробиомот и го отежнува процесот на заздравување. „Откако ќе го колонизираат цревото, пробиотиците потполно го инхибираат враќањето на автохтониот микробиом кој бил нарушен за време на лекувањето со антибиотици“, наведува во списанието Cell авторот на истражувањето Еран Елинав од Научниот институт Вајцман во Израел.

Од друга страна, група испитаници чиј оригинален примерок од микробиомот бил земен пред консумирањето антибиотици и по завршувањето на терапијата бил вратен, оздравеле за само неколку дена. Меѓутоа, Елинав наведува дека користењето автохтон микробиом во лекувањето сепак не е најдобро решение.

Во согласност со тоа, научниците заклучиле дека пробиотиците кај различни луѓе дејствуваат поинаку бидејќи секој човек има единствена микробиолошка слика, заради што, според зборовите на имунологот Еран Елинав, „погрешно е да се очекува дека готовиот пробиотик подеднакво ќе дејствува кај сите“. Како што понатаму наведува Елинав, во иднина пробиотиците би требало да бидат поперсонализирани.

Сепак, овој познат имунолог предупредува дека исклучивото потпирање на бактериите од изметот, кои ги анализирале истражувачите, не е сосема веродостоен начин за испитување на здравјето на цревниот микробиом.

Во друго истражување, исто така објавено во списанието Cell, истата група научници го анализирала дејството на пробиотиците на примерок од 15 испитаници. На почетокот на истражувањето луѓето биле поделени во две групи од кои првата пиела препарат составен од 11 најчесто користени видови пробиотици додека на останатите им било дадено плацебо. По завршувањето на експериментот научниците ги изненадила состојбата што ја затекнале во цревата на испитаниците. Очекувано, во групата која земала плацебо не дошоло до никакви значајни промени. Меѓутоа, испитаниците кои го пиеле опишаниот препарат, Елинав ги дели во две групи: првата, која одолеала на дејството на пробиотиците и втората, каде овој препарат не само што се населил во цревниот систем и го изменил составот на микробиомот туку влијаел и на гените на домаќинот, односно на процесот на експресија на гените во кој најчесто се произведуваат протеините, но и функционалната РНК.

Истражувачите во заклучокот на оваа студија истакнуваат дека заради разновидното и неизбалансирано дејство на пробиотиците, кај луѓето во иднина би требало да се посвети повеќе внимание на поразновидни терапии кои во поголема мера би биле прилагодени на специфичниот цревен микробиом на пациентот.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: http://elementarium.cpn.rs/

ОкоБоли главаВицФото