Пожарите досега уништиле 8.803 хектари шумска површина во земјава

25.08.2021 12:19
Пожарите досега уништиле 8.803 хектари шумска површина во земјава

Извештајот на Јавното претпријатие Национални шуми за штетите од овогодинешните пожари во земјава, заклучно со 15 август, покажува дека со пожарите била зафатена површина од 9.907 хектари, од кои 8.803 хектари отпаѓаат на површини со шуми или завршиле во шуми, при што изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса.

Владата на вчерашната седница го усвои Извештајот на ова јавно претпријатие и истовремено го задолжи ЈП Национални шуми да донесе програма за пошумување со план за активности уште во текот на оваа есен.

Дополнително, Владата го задолжи ова јавно претпријатие целокупната количина опожарена дрвна маса како последица од пожарите да остане во сопственост и со неа целосно да стопанисува ЈП Национални шуми.

Воедно, по препорака на Главниот штаб за управување со кризи, Владата донесе одлука за укинување на забраната за движење во шуми и шумски предели, и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да спроведуваат засилени контроли за заштита и спречување на пожари на отворено.

Инаку, ќе бидат потребни од две до пет децении, колку што е потребно да израснат новите дрвја што ќе бидат посадени на изгорените голини. Шумите се клучен фактор кои имаат влијание врз климатските промени, но и чувствуваат негативни последици од пожарите и природните непогоди што настануваат од покачувањето на просечните температури на воздухот во светски рамки.

Извор: Мета.мк

 

ОкоБоли главаВицФото