Животот му бега на зборот, а ова е сериозна книга за животот

01.09.2021 14:51
Животот му бега на зборот, а ова е сериозна книга за животот

 

(Кон збирката раскази „Мајки и камионџии“ во издание на Артконект, 2021. Превод од словачки: Звонко Танески)

  „Мајки и камионџии“ на Ирена Добраковова не е обична збирка раскази. Не, попрецизно би било да се каже: „Мајки и камионџии“ е извонредно необична збирка раскази, роман од раскази или, мозаик од пет мини романи. Некаде мозаикот е составен од проѕирни, фино нијансирани, педантно наредени и полирани стакленца, т.е. внимателно одбрани, прецизни зборови. А некаде, среде деликатните витражи стрчат титански планини од страст, гнев и чиста енергија. И тоа има смисла, прво, зашто не зборуваме сите исто и второ, зашто животот му бега на зборот. А ова е сериозна книга за животот.

Книгата пренесува парчиња од животите на пет раскажувачки, распослани меѓу Братислава и Торино, во изобилство генерациски и културолошки одредници и патокази кои за читателот/читателката создаваат домашна атмосфера на удобно и безбедно очекување, некакви коти за кои не сме сигурни кога во книгата сме стасале да ги присвоиме. Книгата започнува со расказот „Татко“, приказна која ја следиме низ неосудувачката, констатирачка и речиси целосно лишена од емоции перспектива на малолетната ќерка. Во вториот расказ, со намерна стилска инфантилност, во раскошен хаос од чувства и настани, Ивана копа во минатото за кое дури на крајот, низ купиштата писма, мејлови, сеќавања, ксанакс и рохипнол, стануваме сигурни дека не е фикција. За Оливија, во третата приказна, љубовниот скандал меѓу возрасна наставничка и ученик е повод да ги преиспита своите животни одлуки и ставови. Во четвртиот расказ, Лара, мајка на две момченца во несреќен брак, не ги преиспитува животните избори, туку ги анализира меѓучовечките влијанија. Вероник, во последната приказна, едноставно живее, без рефлексија и речиси без ставови.

Иако секоја од приказните е самодоволен организам, сите приказни заедно се синџир од родителствувања и детства. Зашто, книгата почнува во рајска неиздиференцираност од околината со приказна во која ликот на таткото, а не раскажувачката перспектива, е екстраполиран на светот, каде не се знае каде завршува тој, а каде започнува детето кое раскажува. Низ следните 4 раскази раскажувачките растат, запираат, се двоумат, носат одлуки, постојано потпирајќи се врз првично челичната, а постепено сѐ помалку пресудна и на крајот, веќе превртена врска родител-дете. Во таа смисла, ова е книга за растењето и веројатно повеќе од сѐ друго, книга за мајките, кои, живи или мртви, демнат над животите на децата.


Kнигата, волшебно, успева да биде компактна и покрај раздробеноста на перспективите. Како да читаме бран кој почнува да се создава од бесконечната морска маса. Првиот раскажувачки глас е речиси затрупан од приказната и раскажува безлично, неутрално, без став, без осуда, без однос и не раскажува за себе. Дури и расказот е насловен со општа именка. Потоа книгата влегува во пубертет – во расказот „Ивана“ станува интензивна, подвоена, нејасна, возбудлива, старо-млада, храбро-плашлива; постојано навидум на чекор до пресудното откритие што ќе ја разгатне психолошката мистерија и ќе ја врзе приказната во психолошка каузалност, што ќе даде мотивација и предност на бунилото пред гласот. Во „Оливија“ се дефинира во остро и чисто „јас“ наспроти светот, во тирада на незадоволството, која започнува воздржано за да се распени во вулгарност и во „Лара“ да триумфира во целосна самосвесна еманципација, во храбра констатација на неизбежна, неминовна издвоеност. Во „Вероник“, на крајот, просветителското, непреиспитувачко „јас“ прегорува во целосна апсорпција на светот, ги топи и ги повнатрешнува неговите облици и дури ја доведува во прашање нивната реалност. Така, Ивана Добраковова слика два комплементарни процеса: додека првото лице еднина, раскажувачката, низ расказите макотрпно се еманципира, светот, надворешното, ја губи силата и така обезвластено ја губи и онтолошката несомненост. Зашто, нели, никаква болест нема, и никаков свет. Тоа сум само јас, со сето зло, со сѐ што ми припаѓа, да ја парафразираме Ивана од третата приказна.

И на крајот, да не заборавиме, ова е сериозна книга преполна со писателски, камионџиски палавштини. Приказните комуницираат меѓу себе. Затекнуваме ситни мотиви, инфинитезимални интертекстуалности, некогаш како заборавени црвени чадори кои со радост ги препознаваме – некој топоним, некоја поента, некој израз. Другпат, врските се како кука на крајот од синџирот што ја извлекува едната приказна во другата, како самите да си воспоставуваат ред. Како Ивана Добраковова, дури малку застрашувачки, да е и мајка и ќерка на својата книга.

Ивана Добраковова е највпечатливата претставничка на новата словачка книжевна сцена и има сериозно присуство во современата европска книжевност. Ниедна нејзина книга не поминала незабележена. Со трите збирки раскази и со романот „Белви“ е добитничка на многу книжевни награди, а сите дела биле во конкуренција за наградата за книжевност „Анасофт“. Најпопуларната „Мајки и камионџии“, која во превод на Звонко Танески сега ја имаме и на македонски јазик, ја доби Наградата за книжевност на Европската Унија. Во Братислава, каде што е родена, студирала англиски и француски јазик, живее во Торино каде што работи како преведувачка. Пишувањето ѝ е, замислете, втора професија.

Илустрација на корица: Катерина Николовска
Останати илустрации: Gizem Vural