Раскази што се како животинки: Свет меѓу магијата и тагата

16.11.2021 16:55
Раскази што се како животинки: Свет меѓу магијата и тагата

 
  Кога ја отвораме збирката раскази „
Начин на љубење“ (Артконект, 2021) на португалскиот писател Валтер Уго Мае, се запознаваме со еден прекрасен парадокс – пред себе имаме книга за помлади читатели која не е тоа. Иако несомнено имаат призвук на литература за млади, расказите во книгава се дело на автор кој не ја потценува нивната интелигенција, комплексноста и богатството на нивните емотивни светови. Затоа, успева да создаде книжевно дело кое успешно комуницира со читатели на различни возрасти.

Во расказите, авторот ни дава увид во еден уникатен книжевен свет во којшто децата и младите се борат со неразбраноста и со суровоста што ги опкружува. И покрај кокетирањето со структурата на сказните, расказите на Валтер Уго Мае не се класични книжевни „колачиња“ со среќен крај. Во нив нема место за излитеното „и така тие среќно си живееја до крајот на животот“. Ако мора да го парафразираме ова банално клише, тогаш би можеле да кажеме: и така тие продолжија да созреваат и да се бунтуваат до крајот на животот.

Со едноставен јазик, авторот гради деликатни, префинети текстови во кои продира во длабочините на внатрешните простори на младите кои се соочуваат со тагата, смртта, нееднаквоста, отфрленоста... Ликовите во книгава неретко се своевидни чудаци, аутсајдери, особени на некој свој, специфичен начин. Па и покрај тоа, станува збор за ликови со кои читателот лесно може да се идентификува и да сочувствува со нив – со тивките бунтовници кои знаат да пркосат со својата нежност и имагинација, кои не се откажуваат од стремежот кон слобода и кои понекогаш успеваат да се изборат за својата победа наоѓајќи прибежиште во имагинацијата и измислените светови.

Без оглед дали пишува за младешкото будење на љубовта, за борбата против зададените правила, норми и авторитети, за нурнувањето во тајните и мистеријата на постоењето, за справувањето со стравот од смртта и постојаната борба со тагата или за судирот на светогледите на децата и возрасните, Валтер Уго Мае успева истовремено да биде едноставен, поетичен, допадливо меланхоличен, ненападно дидактичен и суптилно симболичен.

„Маѓепсаноста е единствениот можен лек за неизбежната тага“ – вели нараторот во расказот „Најубавите нешта на светот“. Токму такви се приказните на Валтер Уго Мае – распослани помеѓу маѓепсаноста и тагата. Под креветот на нараторот во расказот „Омиленото чудовиште“ живее едно чудовиште кое е – тажно. А хероината во „Принцезата со душа на кокошка“ чувствува незадржлива потреба да ги пронајде тажните луѓе за да ги насмее.

Лек за тагата, барем за непоправливите индивидуалисти кои инсистираат тврдоглаво да го бранат правото на градење сопствени паралелни универзуми, може да биде книгата. Децата „чија глава е на месечината“ знаат дека „книгите се како животинки. (...) Всушност, еден вид срца. Пулсираат, се менуваат, имаат намери, обрнуваат внимание. Ако длабински се прочитаат, стануваат неверојатно живи.“

Збирката раскази на Уго Валер Мае е токму таква. Допрете ја книгата откако ќе ја прочитате. Го чувствувате ли нејзиното срцебиење?

Илустрации за прилогот: Felicia Chiao