Роман за созревањето

10.11.2021 23:13
Роман за созревањето

Последниот текст во рамки на придружната програма за млади книжевници на Inside/Out. 

  Психолошкиот роман со невообичаен наслов „Еден сив мартовски ден“ од Тања Урошевиќ ги следи животните приказни на Катерина, Оливера и Маријана, и нивното некогашно и наизглед совршено средношколско другарување, во кое сѐ уште се кријат многу неразјаснети односи и тајни. Мартовскиот сив ден во романот функционира како означител на почетокот на пријателствата и значајните случувања во животот на три лика. Преку пејзажните описи на градот, авторката ненаметливо го доловува духот на Скопје во 40-те и 60-те години на минатиот век. Флуидната нарација на делото содржи детали што се дел од нишката која ги поврзува трите девојки, изразена преку нивната љубов кон младиот Сергеј, кој го менува текот на нивните животни патишта уште за време на средношколските денови и останува да се испреплетува во нивната иднина. Особен впечаток остава поединечното претставување на секој од ликовите, бидејќи Тања одвоила посебно внимание на одредени аспекти од нивните животи. Текстот ги следи ликовите од самиот почеток, од нивното раѓање, од начинот на облекување, на пример, од провирањето во хулахопките во приказната на Катерина што, пак, потсетува и се врзува за детска невиност.

Но, пред тоа, самиот роман започнува со ослободувањето на Катерина од казнено-поправна установа по нејзиното одлежување на петгодишна казна по тешка сообраќајка. Катарина прави интроспекција на убавите сеќавања, кои ги споредува со сегашниот миг кој е далеку од среќен, безгрижен и слободен. „Еден сив мартовски ден“ е повеќе од роман за созревањето на трите другарки и одделувањето од школските клупи. Ликовите кои Урошевиќ ги внесува во текстот се носечки ликови, кои се проследуваат како прераснуваат од младешки љубовни интереси во животни партнери. Авторката ги поставува машките ликови во релација со одземањето на слободата на женските ликови и нивните професии, односно, Катерина, Катја или подоцна – Кети како професорка по англиски јазик, Оливера како пијанистка и Маријана како лекарка, во подоцнежните години посебно заинтересирана за заболувањата кај абориџинските заедници. Тие се исто така профилирани преку нивните меѓусебни релации, нивните детства, војната, тешките социо-економски услови, повоениот период, Скопскиот земјотрес, адолесценцијата итн. Низ приказната на малата Катерина, оставена сама во група на непознати деца за време на вонредната воена состојба, додека нејзините родители заминуваат да помагаат на бојното поле и во медицинскиот персонал, се покренува проблемот на напуштеноста и одделеноста од Другиот, низ што се илустрира животната потреба за потрага по сопствен простор, блискост и среќа:

„Не е најстрашна одделеноста од другиот, таканаречен нормален свет, туку тоа што таму ни тагата ни болката не можат вистински да се дотагуваат, да се доболедуваат, ни мислите да се домислат, поради тоа несакано и неодминливо присуство на другите”. (Тања Урошевиќ, 32)

Романескниот ритам се забрзува и ја зголемува возбудата кај читателите кога авторката одлучува да ги воведе и да ги следи роднинските врски кај секоја од девојките. Со воведувањето на ликот на мајката на Катерина – Раиса Павлова која е професорка по пијано, се поставува врската меѓу Раиса и Оливера, кај која се забележува неверојатен талент. Оливера пак, тоа знаење подоцна го пренесува на ќерката на Катерина – Весна. Весна пак, подоцна го пренасочува својот интерес кон изучување на птиците и го запознава Сергеј – претходно споменатата непреболена љубов на Оливера и Катерина. Така, низ ова испреплетување на врските, Урошевиќ го истражила не само меѓусебното влијание, туку и значајниот пренос на знаењата од една на друга генерација жени и нивниот заеднички пат до успехот.

Урошевиќ дава критика на општествените услови за живот преку приказ на животните ситуации на пример на Сергеј, чијашто бунтовност растела секојдневно. Зборува за досега премолчувани нешта, но без преувеличување. Таа реалистично ни ги доловува нивните доживувања за домот, за семејството и за околината во која ликовите растеле. Револтот и бесот на ќерката на Катерина и Стево, на пример, индиректно се отсликуваат преку домашното воспитување на Весна и нивната немарливост кон неа. Значајноста, пак, на позитивното дејствување на другите луѓе, покрај родителите, е прикажана во релацијата меѓу Весна и Оливера, која ѝ дозволува на Весна нова слобода за изразување. Освен тоа, вака тесно поврзаните и разгранети животи, ја критикуваат доминантната машка фигура во животите на секој од женските ликови, која е присутна уште во раните денови на нивното детство.


Авторката е студентка на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје

Илустрации: Славица Јанешлиева

Inside/Out - Онлајн емисија за македонската феминистичка и квир книжевност е финансиски поддржана од Регионалната мрежа за културна разноликост (READ) и од Европската унија. Содржината на емисијата претставува единствена одговорност на Pobunjenе čitateljkе и Коалиција МАРГИНИ и не нужно ги претставува ставовите на донаторите.