1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Човек кој следи политика без испран мозок, макар бил тој мозок и со просечни аналитички капацитети, има само едно единствено прашање - дали е нормално општеството кое доживува невидена екстаза на самиот поим - политичка криза?
Општество, каде во просек еднаш годишно, таа криза се дочекува егзалтирано, па за момент (што обично трае неколку месеци) сиот живот престанува и целиот фокус е кон барање чаре за да се преживее тој веќе традиционален настан - крај на мнозинството, на државата и на светот!?
Откако ќе се види дека крајот не бил баш крај, животот продолжува, се разбира до следната криза, што ете ја, ги чека своите пет минути зад аголот.
Овој неспорен талент за мелодраматика можеби би бил провокативен или дури и забавен, но проблемот е што зад аголот, понекогаш, замислете, чекаат вистински кризи.
Кризи кои бараат луѓе инспирирани од работа, од ред и од принцип.
Луѓе кои не се возбудуваат на хаос и мешаници, туку такви на кои приоритет им е изградба на заедница што ја разбира политиката не како шоу- бизнис или спортска арена, туку како едно здодевно поле, како сервис во интерес на граѓаните, кои се далеку повеќе од полудени фанови или зовриени навивачи.
Овие размислувања ми беа прекинати од снимка што колега ја испрати, едно видео од тоа како победникот во една скопска општина си ја слави победата...
Очигледно и на најголемите оптимисти треба да им е јасно дека (ако воопшто сакаме напред) блиску ќе е денот кога ќе мора да се соочиме дека децениите на погрешно поимање на улогата на политиката не се решаваат со прости политички одлуки, ниту со средби во Клубот на пратеници.
Потребни се темелни протресувања.
Овде не треба да се бираат партиски или политички лидери - овде сепак требаат просветители.
И одговорноста за наоѓање чаре за овие процеси не е само кај партиите, никако не смее да биде, туку кај сите општествени актери, а најмногу кај оние од образованието, каде штетата - на подолг рок, да, ама е најдиректно нанесена и е најопасна.
Толку е. Многу е просто.
Проблемот е само што простото е обично најтешко...
Цртежи: Troels Carlsen