Зошто луѓето се поразлични од сите останати мајмуни? Поради готвењето, глупчо

29.05.2009 18:42
_Karl_Juengel_001 (8).jpg

Човечките суштества не се задолжително „опремени“ за да бидат гладијатори на природата. Ние немаме канџи, ниту оклоп. Тоа што јадеме месо делува изненадувачки бидејќи не сме создадени за да го џвакаме незготвено во дивината. Нашите вилици се слаби; нашите заби се тапи; нашите усти се мали. Она нешто под нашите носеви? Едвај претставува едно дупче.

За да им служат на овие факти, некои луѓе се повикуваат на вегетаријанизмот или исхраната со сирова храна. Ние би требало да бараме и да јадеме храна на начинот на кој нашите далечни предци го правеле тоа. За Ричард Ренгам, професор по биолошка антропологија на Харвард и автор на книгата „ Catching Fire“, сепак, овие факти, а и некои други, укажуваат на нешто сосем поинаку. Тие помагаат да се докаже дека ние сме, како што тој живописно нè нарекува, „мајмуни што готват, суштества на огнот.“

Насловот на неговата нова книга - “Catching Fire: How Cooking Made Us Human” (Уловување на огнот: како готвењето нè направи луѓе) - звучи малку необично. Можеби ќе си помислите дека напишал книга со медитации за срцето или слично. Не. „Catching Fire“ е директен, темелен и сосредоточен научен есеј кој претставува една нова теорија за човечката еволуција, која Ренгам ја нарекува „готвачката хипотеза“, онаа која Дарвин (меѓу другите) едноставно ја пропуштил.

Мајмуните почнале да се преобразуваат во луѓе и ,според господинот Ренгам, видот Homo erectus се појавил пред отприлика две милиони години поради една основна причина: сме научиле да го скротиме огнот и да ја грееме нашата храна.

„Зготвената храна прави многу нешта“, вели тој во книгата. „Ја прави нашата храна побезбедна, создава богати вкусови и го намалува ризикот од расипување. Топлењето на храната ни овозможува да ја отвораме, да ја сечеме или да ја смачкуваме. Но ниту една од овие предности не е толку битна како најмалку ценетиот факт: готвењето ја зголемува количината на енергија што нашите тела ја добиваат од храната.“

„Дополнителната енергија им дала биолошки предности на првите готвачи“, продолжува тој. „Тие преживеале и се размножувале подобро отколку претходно. Нивните гени се рашириле. Нивните тела реагирале со биолошко приспособување на зготвената храна, обликувани од природната селекција да го искористат максимумот од новата исхрана. Имало промени во внатрешниот и надворешниот изглед, во екологијата, животната историја, психологијата и општеството.“

Поедноставено, Ренгам пишува дека јадењето зготвена храна - без разлика дали е месо или растенија, или обете - го олеснило нејзиното варење, и со тоа нашите внатрешни органи можеле да се смалат. Енергијата што порано сме ја трошеле на дигестија (а дигестијата бара многу повеќе енергија отколку што можете да си замислите) била вишок, овозможувајќи им на нашите мозоци, кои исто така користат огромни количини енергија, да пораснат. Топлината добиена од огнот ни овозможила да ги изгубиме влакната од телото, и така сме можеле да трчаме повеќе и да ловиме без да се прегреваме. Бидејќи сме престанале да јадеме на разни места додека сме се хранеле со растенија и наместо тоа сме се собирале на едно место, покрај огнот, сме морале да научиме да се социјализираме (дружиме), и нашиот темперамент се смирувал.

Имало и други придобивки за предците на луѓето. Тој во книгата вели: „Заштитата од огнот навечер им овозможувала да спијат на земја и да ги изгубат способностите за качување, и набрзо женките почнале да готват за мажјаците кои своето зголемено слободно време го користеле за потрага по повеќе месо и мед. Додека останатите пред-луѓе некаде во Африка продолжиле стотици илјади години да јадат сирова храна, онаа среќната група станала Homo erectus - и човештвото започнало.“

Го читаме сево ова и си мислиме: зарем е навистина можно ова да е нешто ново?
Господинот Ренгам изгледа изненаден како што сме и ние. „Она што е необично околу ова едноставно тврдење“, пишува тој, “е тоа што претставува нешто ново.“

Ренгам доаѓа до оваа теорија водејќи нè преку делата на останатите антрополози и натуралисти, вклучувајќи ги Клод Леви-Строс и Дарвин, кој не му обратил големо внимание на готвењето, претпоставувајќи дека на луѓето им одело добро и без него.

Потоа ни доставува темелно и сурово соголување на движењето за сирова храна и неговите следбеници. Тој цитира истражувања кои покажуваат дека таквата исхрана не гарантира соодветна задоволување на енергските потреби, и подвлекува дека во едно истражување 50% од жените подложени на таква исхрана престанале да имаат месечен циклус. Не постои друг начин на кој нашите предци можеле да преживеат или да се размножуваат. Со задоволство ни кажува дека исхраната со сирова храна предизвикува пречесто уринирање, а исто така проблеми со ’рбетот и колковите.

„Дури и отфрлените“, пишува тој „морале да ја готват храната за да преживеат. Не можев да најдам ниту еден податок за луѓе кои долгорочно живееле јадејќи сирова храна од дивината.“ Ренгам исто така ја поставува, поради сложените социјални и економски причини, популарната хипотеза за еволуцијата на човекот-ловец, која претпоставува дека месојадните единки биле одговорни за неговата еволуција. Јадењето месо „имало помало влијание врз нашите тела отколку готвената храна“, пишува тој. „Дури и вегетаријанците користат готвена храна. Ние сме поголеми готвачи отколку месојадци.“

Меѓу попровокативните делови на книгата се оние кои ја тестираат еволуцијата на улогата на половите. Според Ренгам, готвењето ги направило женките поранливи во однос на мажјачкиот авторитет. „Потпирањето на готвената храна создава можности за соработка но, исто толку важно, ги изложува готвачите на експлоатација“, пишува тој. „Готвењето одзема време, и затоа осамените готвачи не можат лесно да ја чуваат својата стока од крадците како што се гладните мажјаци кои останале без храна.“ На женките им требала машка заштита.

Бракот, или како што Ренгам го нарекува „примитивен заштитнички рекет“, бил едно од решенијата. Тој не е среќен што готвењето „ги заробило жените во една нова улога на потчинети слуги спроведена од културата во која доминираат машките.“

„Готвењето“, вели тој во книгата, “создало и овозможило еден нов систем на машка културолошка надмоќност. Тоа не е убава слика.“

Како студент, Ренгам студирал со приматологот Џејн Гудал во Гомбе, Танзанија, кој е автор, заедно со Дејл Питерсон, на книгата “Demonic Males: Apes and the Origins of Human Violence” (Демонски мажјаци: Мајмуните и потеклото на човечкото насилство). „Зоологистите често се трудат да ја опфатат суштината на нашиот вид преку изрази како што се гол, двоног или мајмун со голем мозок“, пишува Ренгам. Потоа додава: „Тие подеднакво можат да нè нарекуваат мајмуни со мала уста.“

Фотографии: Карл Јуенгел