Кои се господарите на светот?

17.05.2019 00:46
Кои се господарите на светот?

Планетата Земја, покрај нас, луѓето, ја населуваат и други примати - според проценките на Светскиот фонд за заштита на природата, околу 500 000 единки моментално најразвиени меѓу приматите, големите мајмуни или хоминидите, живеат ширум светот. Според оваа проекција, сите горили, орангутани, шимпанза и бабуни би претставувале една третина од жителите на Белград. Денес има 14 000 пати помалку големи мајмуни од припадниците на видот Хомо сапиенс.

Набљудувачот од друг свет затоа лесно би заклучил дека, без сомнеж, моментални господари на светот се сите тие многубројни бледи, невлакнести, кревки примати со големи черепи, односно луѓето. Навистина, ако го занемариме нималку едноставното и повеќезначно филозофско прашање како воопшто да се дефинира господарењето со светот и сведувајќи се само на здравиот разум велиме дека станува збор за прашањето кој ги изградил сите тие градови, го ископал морето и копното, го освоил секој агол од планетата и ја прилагодил на себеси, јасно е дека мислиме на нашиот вид.

Меѓутоа, антропоцентричната перспектива не ни дозволува за ова прашање да размислуваме на подолги временски скали. Моментално нема сомнеж кој е на власт - фантастичниот успех на човекот во прилагодувањето го довел во ситуација непречено да се размножува, да живее како што му одговара и, освен неколку видови микроби и инсекти, ниеден друг вид на ниеден начин да не го загрозува.

Но, кога веќе зборуваме за планетарните скали, рокот на траење на еден вид во еволуцијата е речиси занемарлив во однос на староста на Земјата. Ако се запрашаме кој господари со планетата во оваа геолошка епоха, тешко дека одговорот би бил дека тоа се само луѓето. Тоа би била поширока фамилија примати, во најмала рака биолошки ред или барем род, во секој случај - некаква група мајмуни.

Ако историјата на животот на Земјата која трае околу 3 200 милиони години ја споредиме со човечката историја од Тројанските војни до денес (околу 3 200 години), траењето на еден вид од околу милион години е еднакво на една година од човечката историја. Кога во таков период зборуваме за господарите како што е видот, навистина зборуваме за одредени диктатори и лидери чиј мандат не трае подолго од владеењето на римскиот конзул.

Меѓутоа, десетгодишното или стогодишното владеење им одговара на скалите од 10 до 100 милиони години. Тогаш, на оваа долга скала, на власт ги посматраме династиите, без разлика дали се крвни или политички - социјалдемократи, републиканци или фашисти, односно во вековни размери, Хабсбурговците, Бурбоните, Палеолозите или Антонините. Исто така, велиме дека цели 135 милиони години, од ерата на Тријас до Креда, со планетата владееле диносаурусите, што не подразбира само еден вид, туку цела династија гуштеролики организми.

„Историјата“ која му претходи на човекот подразбира одвојување од групата големи мајмуни од нашиот вид Хомо пред околу 2,8 милиони години, што е сразмер на еден неполн мандат на некоја демократска влада. Во родот Хомо спаѓаат разни примати кои користат алат, како што се неандерталците или хомо хабилисите. Тие се развиваат од пошироката група Австралопитекуси, кои од другите мајмуни ги одвојува одењето на две нозе.

Меѓутоа, сликата е значително посложена - како што пишува антропологот Дејвид Биган во списанието Њу Сајентист, во периодот од пред 20 па до пред 7 милиони години планетата ја населувале барем 100 видови разновидни мајмуни. Целата таа малубројна, мајмунолика династија впрочем господари со светот во период споредлив со две децении од човечката историја. Има извесна иронија во тоа што за моменталниот господар на светот тоа е само поширока, несакана фамилија која тој ја гледа само при посети на зоолошки градини, во биомедицински експерименти и во високопродуцирани документарци за животот во дивина. Но, во последниве години знаењето за остатокот од династијата значително се зголеми.

Ако само површно ги погледнете научнопопуларните списанија, порталите и другите медиуми кои објавуваат вести од науката, ќе забележите дека покрај космолошките и вселенските возбудувања, продорите во генетиката и неврологијата, проучувањето на човечките сродници го зазема барем третото место според значењето. Тоа не значи дека овие области се во подем, но најавува дека се во фокусот. Најблиското семејство на човекот, оној изумрен дел од родот Хомо во кој спаѓаат неандерталците, е предмет на навистина интензивни проучувања.

Неодамна беше завршен речиси епскиот проект за дешифрирање на генот на неандерталецот. Резултатите покажуваат некои вчудоневидувачки детали за заедничкиот живот на двата вида и заемното вкрстување. Истовремено, добрата стара приматологија доживува нови пресврти. Уште од пионерите на оваа дисциплина како што е славната Џејн Гудал, која ги проучуваше шимпанзата од шеесеттите години, знаеме дека мајмуните користат камени алати.

Со речиси неверојатните наоди во паркот Таи во Брегот на Слоновата коска и започнувањето нова област, таканаречената археологија на приматите, знаеме дека ги користеле и предците на мајмуните. Новите истражувања покажуваат дека мајмуните не само што користат алати, туку изведуваат мошне примитивни ритуали, водат сложен живот, па дури и тргуваат и се проституираат. Сѐ она што му доликува на еден двор.

Илустрации: Yifei Shao

Извор: http://naukakrozprice.rs

ОкоБоли главаВицФото