Еволуција на интелигенцијата: мајмуни кои водат дискусија

31.07.2012 09:54
Еволуција на интелигенцијата: мајмуни кои водат дискусија

Не се потребни големи психолошки експерименти за да се укаже на несовршеностите на човечкото расудување. Доволно е да се погледне околу себе за да се види како луѓето, многу често, донесуваат ирационални одлуки. Но, еве и еден експериментален пример. Кога на испитаниците од групата ќе им се понуди да изберат дали во едно село со 600 жители, кое е заразено со епидемија, со сигурност ќе спасат 200 луѓе наместо да се обидат да играат неизвесно и да ги спасат сите или никого, поголемиот дел од нив го избира посигурниот исход.

Но, кога ќе им се понуди истиот исход, а притоа ќе им се каже дека сигурно ќе умрат 400 луѓе, тогаш мнозинството се определува да донесе поинаква одлука отколку сè или ништо. Овој експеримент пред 30 години го спроведоа психолозите Амос Тверски и Даниел Канеман од Универзитетот Принстон, но сè до неодамна немаше ниту едно потполно објаснување зошто луѓето различно го согледуваат изборот кога тој ќе им се претстави на различни начини. Но, минатата година швајцарскиот истражувач Иго Мерсије од Универзитетот Нојшател и Дан Спербе од Универзитетот во Будимпешта објавија труд во кој развојот на човечката интелигенција го гледаат како развој на способноста за убедување.

Благодарение на тоа, Мерсије и Спербе успеваат да ги протолкуваат очигледните нелогичности во секојдневното расудување, како што е подготвеноста на луѓето да купат скап производ само ако тој им се понуди заедно со некој друг кој е поскап. Според нивната хипотеза, луѓето не донесуваат одлуки врз основа на логичко промислување, туку во склад со желбата да ги убедат другите дека се во право. На тој начин Спербе и Мерсије објаснуваат зошто луѓето кои веруваат во летечки чинии или, на пример, во астрологија, го прифаќаат само оној дел од аргументацијата кој им оди во прилог. Според нивната теза, таа способност во примитивните заедници им овозможувала на поединци да ги наметнат своите ставови на другите.

Примитивниот човек наместо да собира податоци и да донесува заклучоци врз основа на голем број информации, тој поаѓал од веќе однапред поставените ставови, а потоа ги собирал податоците кои му оделе во прилог и со кои ќе можел да ги убеди и другите. Очигледно е дека оваа вештина ја нема загубено силата. Во експериментот на Тверски и Канеман со заразеното село, во зависност од тоа како ќе им биде претставено, испитаниците го бираат оној исход кој полесно можат да го бранат во понатамошната дискусија, а не оној што е логичен.

Согледувајќи ги луѓето во заедниците на овој начин, како мајмуни кои дискутираат убедливо, оваа теорија покажува дека тоа што човечкиот мозок не работи секогаш логично, не значи дека тој не работи за сопствената корист. Интелигенцијата пред сè е вештина на преживувањето и појава која не може да се дефинира на единствен начин.

Пред 3,5 милиони години
По милиони години промени, во Африка доаѓа до изненадувачки „скок“ во еволуцијата на приматите. Кај некои коминини, ниски четвороножни мајмуни кои живеат во заедници, сè почесто се јавува мутација на генот SRGAP2. Но, тоа доведува до огромни промени во структурата на мозокот кај новите мајмунолики примати. Така настанува видот australopithecus afaranesis чии единки имаат поголем мозок, очите се на поголема висина, побрзи се движењата и способни се да прават нешто што ниту еден друг вид на животни не може да го прави на тој начин, да одат на две нозе.

Пред 2,5 милиони години
Дуплираниот ген, SRGAP2, повторно се удвојува и настанува уште една мутација. Благодарение на неа, мозоците на австралопитекусот стануваат поголеми и со многу подолги синапси, практично тие се способни навистина да мислат. Настануваат првите видови од родот хомо. Првите меѓу нив, хомо хабилис, имаат доволно разум за да почнат да прават алати од камен и да ги користат. Употребата на алатите ја развива интелигенцијата, онака како што мозокот со почетни 600 кубни сантиметри волумен кај хабилисот станува с
è поголем и расте до 1500 кубни сантиметри кај неандерталците.

Пред 1,5 милиони години
Се покажува дека видовите со сè поголем мозок подобро се приспособуваат на опкружувањето и на тој начин родот хомо полека еволуира во сè поброен и поинтелигентен вид. Понатамошните генетички промени доведуваат до настанување на видот хомо ергастер. Припадниците на овој вид поседуваат мозок што е доволно развиен и доволно голем за да совлада различни нови вештини. Несомнено, една од нив е огнот. Споредено со усвојувањето на оваа базична технологија, еректусите значително подобро комуницираат едни со други и живеат во ловечки заедници. До тоа доаѓа благодарение на големината на мозокот, заради преголемиот череп, младите кај овој вид долго време се неспособни да се движат и да се грижат за себе.
Затоа првите племиња долго остануваат на исто место и додека женките се грижат за слабите млади, мажјаците заминуваат во потрага по храна.

Пред 200 000 години
Понатамошниот раст на мозокот и черепот станува сè поголем проблем, женките потешко раѓаат млади со огромни глави, а возрасните единки тешко се движат. Затоа, притисокот на селекцијата го запира понатамошниот раст на мозокот, но неговата внатрешна структура подобро се развива. Меѓутоа, новите и поситни единки, чив мозок е околу 1200 кубни сантиметри, ги наследуваат заедниците и способноста за користење на огнот и алатите, која станува попрефинета. Со тие знаења настанува хомо сапиенсот. Во долината Кибиш во источна Африка се развиваат првите модерни луѓе, кои се поприспособени, поинтелигентни и повешти од сите видови кои некогаш живееле на Земјата.

Пред 30 000 години
По раздвојувањето на три групи, една група од првите луѓе почнува да се шири по светот пред околу 80 000 години, за во наредните 50 000 години да ја насели целата планета. Миграциите носат нови предизвици, но човекот станува сè повешт со нив, сè поспособен да се приспособи и да ја покаже сè поголемата интелигенција. Фосилните и археолошките наоди покажуваат дека пред 30 000 години доаѓа до „големиот скок напред“ во интелигентното однесување.
Пештерските цртежи, фигурите и алатките укажуваат на тоа дека луѓето сè повеќе ги откриваат обредите за погребување, уметноста, музиката и трговијата.

Пред 12 000 години
Има повеќе модели за тоа како доаѓа до понатамошниот развој на интелигенцијата, поголемиот дел од нив, како на пример хипотезите на британскиот антрополог Ричард Данбар, се темелат на идејата за човекот како социјално битие кое мора да развива нови вештини за да преживее во примитивните групи на ловци. Од друга страна, моделот на Џефри Милер за развој на интелигенцијата го опишува со сексуалната селекција, заради која единките се обидуваат да ги совладаат новите вештини, да се разубавуваат и подобро да се претстават, за да можат да се репродуцираат. Другите модели го објаснуваат развојот на интелигенцијата и како резултат на борба со природата. Во обид да преживеат во природното окружување, првите луѓе развивале социјални вештини во рамките на племињата за поуспешно да се организираат, да ловат и да се заштитат од непогоди.

Извор: http://www.vreme.com/

Пред 2 години: Коља го пишува

Пред 2 години:

Коља го пишува првиот есеј против Скопје 2014 и трансцендира во бестелесен збир од умовите на Дерида, Жижек и Арент. Јукстапонирани.

ОкоБоли главаВицФото