Ѓаволско време

04.02.2022 02:48
Ѓаволско време

Опатот Герберт и Ѓаволот

Можеби ќе ве изненади, но сè до крајот на средниот век, должината на еден час не била иста во текот на целата година. Имено, должината на еден час во лето и во зима не била иста, а не била ни строго дефинирана како што е денес. Времето се мерело така што од изгрејсонце до зајдисонце секогаш поминувале дванаесет часа без оглед на годишното време.

Инаку, заради инклинацијата, накосеноста на оската на ротација на Земјата, се јавуват годишните времиња, а денот е пократок во зима отколку во лето. Затоа кога времето од дванаесет часа се скалира според должината на денот, секој час во зима трае пократко, а во лето подолго. Ваквото, таканаречено темпорално сметање на времето веќе било востановено. Но, било мошне неверодостојно, особено за потребите на долгите морски пловидби.

Затоа во епохата на големите поморски истражувања почнала да се користи временска скала која не зависи од должината на денот, туку преку целата година била изедначена според должината на еден ист ден - пролетната рамноденица или еквинокција. За разлика од дотогашниот темпорален, во новиот еквинокцијален систем времето не зависи од моментот на заоѓање на сонцето, па еден ден може да се мери со рамномерна скала од двапати по 12 еквинокцијални часови.

Часовникот на Џакопо де Донди во Падова

Оваа, денес сосема вообичаена временска скала, е утврдена дури во 14 век, кога мерењето на времето престанало да биде зависно од сончевата сенка, а во широка употреба биле воведени првите механички часовници.

Најстариот часовничарски механизам прилагоден на еквинокцијалниот систем е направен во Милано 1336 година, покрај катедралата Сан Готардо. Се смета дека го направил градителот Џакопо де Донди кој ја добил титулата Дел Орологио.

Де Донди е познат и по јавниот часовник кој го изградил неколку години подоцна, 1344 година во Падова. Погонот на првите еквиноквијални механички часовници го движеле тегови. Овие часовници имале едноставен механизам со запирачка и тркало за рамнотежа.

Во таа доба во Европа веќе долго се правеле јавни часовници, но биле потребни векови механичките часовници да се заменат со сончеви - во средниот век било вообичаено покрај механичкиот, да се изгради и еден сончев часовник за полесно да може да се намести.

Статуата на папата Силвестер Втори (Герберт) во Оријак, Франција

Се претпоставува дека првиот механички часовник уште во 10 век го направил славниот опат Герберт (947-1003), кој по престојот во еден манастир во Шпанија, во Европа донел разни маварски, односно арапски знаења по математика, па така го донел и абакусот, механичка справа за сметање.

Имено, во германска хроника од 997 година, бискупот Титмат вели дека токму „Герберт во Магденбург градел часовници и тоа мошне добро зашто со разни справи ги посматрал ѕвездите, според кои се управуваат поморците на своите патувања.“

Насловната средновековна илустрација ги прикажува ѓаволот и опатот Герберт кој бил калуѓер познат по образованието (ја проучувал антиката и добро го познавал делото на Аристотел уште пред големата ренесанса), па затоа дури и бил прогласен за вештер. Се ширела легенда дека од Шпанија донел арапска книга за магии, а својата мудрост ја добил со договор од Ѓаволот.

Пред крајот на својот живот, Герберт напредувал во католичката хиерархија и станал папа Силвестер Втори, а механичките часовници почнале да се шират низ Европа.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://naukakrozprice.rs/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото