Случки

06.05.2022 16:06
Случки


Поминаа 20 години откако стартуваше прозната едиција Магма на книгоиздателството Темплум. Во чест на јубилејот издавачот направи репринт на некои од најпопуларните наслови. Меѓу нив се и култните „Случаи“ на генијалниот Данил Хармс. Во продолжение пренесуваме пет кратки раскази од таа книга. Повеќето изданија од едицијата изложени се на скопскиот саем на книгата кој деновиве (од 3 до 9 мај) се одржува во арената „Борис Трајковски“.


Сите дрвја пиф

сите камења паф

сета сета природа пуф

Сите сите девојки пиф

сите сите машки паф

сите сите женидби пуф

Сите сите Словени пиф

сите сите Евреи паф

сета сета Русија пуф


Случки

Еднаш Орлов се прејал пире од грашок и умрел. А Крилов, дознавајќи за тоа, исто така умрел. А Спиридонов умрел сам од себе. А жената на Спиридонов паднала од креденец и исто така умрела. А децата на Спиридонов се удавиле во езеро. А бабата на Спиридонов се пропила и пропаднала. А Михајлов престанал да се чешла и заболел од шуга. А Круглов насликал дама со камшик во рацете и полудел. А Перехростов телеграфски добил четрсто рубљи и станал толку важен што го избркале од работа.

Добрите луѓе не знаат правилно да се постават во животот.


Паѓаат старици

Една старица поради претерана љубопитност се наведна низ прозорецот, падна и се искрши.

Низ прозорецот ѕирна друга старица и почна да гледа во таа што се искрши, ама поради претерана љубопитност и таа падна од прозорецот и се искрши.

Потоа низ прозорецот падна третата старица, потоа четвртата, потоа петтата.

Кога падна шестата старица, мене ми стана здодевно да ги гледам па појдов на Маљцевскиот пазар, каде што, се зборува, на некој слепец му подариле плетен шал.



Случка

Си бил еден лисест човек кој немал очи и уши. Немал ниту коса така што лисест бил наречен само условно.

Да зборува не можел зашто немал уста.

Нос исто така немал.

Немал дури ниту раце ниту нозе. Ниту стомак имал, ниту грб имал, ниту ‘рбет имал, ниту внатрешни органи имал. Ништо немал! Така што не е јасно за кого зборуваме.

Подобро е тогаш за него да не зборуваме.



Машкин го убил Кошкин

Другарот Кошкин танцувал околу другарот Машкин.

Другарот Машкин со поглед го следел другарот Кошкин.

Другарот Кошкин навредливо мавтал со рацете и баш одвратно ги кривел нозете.

Другарот Машкин се намуртил.

Другарот Кошкин затресол со стомакот и треснал со нога на подот.

Другарот Машкин крикнал и се фрлил на другарот Кошкин.

Другарот Кошкин се обидел да побегне, ама се препнал така што сепак бил фатен од другарот Машкин.

Другарот Машкин со тупаница го удрил Кошкин по глава.

Другарот Кошкин крикнал и паднал на коленици.

Другарот Машкин го удрил другарот Кошкин со нога во стомак и уште еднаш го треснал со тупаница во тил.

Другарот Кошкин се истегнал на подот и умрел.

Машкин го убил Кошкин.



Средба

Еднаш некој човек тргнал на работа и по пат сретнал друг човек кој, купувајќи полски леб, фино си одел дома.

Тоа е, всушност, сè.



 

Слики: Вирџинија Мори

Превод: Павел Попов

Извор за текстот: Данил Хармс ‒ Случаи (едиција Магма, Темплум, 2022)

 


 

ОкоБоли главаВицФото