Половина век

20.07.2022 13:44

На Алдо Климан

Ова лето направивме
педесет години откако
не сме се виделе ни чуле
што е несакан рекорд
на другарските разделби.
Во меѓувреме земјината топка
се преврте наопаку
а од нашите песни
ја снема заедничката ни земја
и сега од срам вжарени
велиме дека имаше една земја
и дека таа стана складиште
на нашите соништа.
Во градината спроти морето
сосе морето и спроти Бриони
нѐ теши сенката на младините
морето е длабоко во нас
душата ни е полна
со песни за морето.
Ги превртуваме мобилните
одаи на музејот на личните спомени:
ти мене „се сеќаваш ли...?“
јас тебе „помниш ли...?“
нежниот трепет на морето нѐ крепи.
Купишта незаборав истуривме
на кафеанската маса,
лоша дума не рековме.
Тишината ни се понуди
за господарка на музиката
ние наздравивме со истарска Биска
недореченото му го дадовме
на пурпурното зајдисонце
со верба дека сепак нема да ни треба
уште половина век до новата средба.

Фажана, 13 јули 2022.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото