Распит пред незнајното

22.07.2022 16:50
Распит пред незнајното


Распит за раѓањето


Стари се тоа и досадни прашања
за чудото што не би требало да е чудо
оти се повторува, но со таква магија
што нѐ остава подзинати и без збор:

Дали е тоа трајна разделба со вечноста
или е крајна потврда на смртноста?
Дали првиот плач и липот се дална жалба
на плахото срце што треба да се роди

или е тоа сал ехо на празни мешунки
од стапалки нанижани во безличен круг?
Да, да. Стари се ова и досадни прашања.
Се ројат ко вредни пчели во цветен рај.

Ветерот со еони ја бара кревката колевка
во која се родил и жално завива кон ѕвезда
создадена од космичка глад што ко дервиш
се врти во галактички занес на духот.

Дали ехото негово е име на Големата Мајка –
тој бунар со родилна вода за сите реки?
Дали е тоа жилката што се ткае и расткајува
во постојаното порекнување на смртта?

 

Распит на смртта

       По мигновен сон сал еден, се будиме вечни
       и смрт веќе ќе нема; Смрт, ти си таа што ќе умре.

                                Џон Дан, „Смрт не биди горда“ (1633)


Зошто ти, јавачу страшен,
не му мислиш многу за утре,
а богами, ни за вчера?
Зарем овде и сега е царството твое?

Сѐ тече низ тебе:

и тие што се распнати на дрвен крст
и тие што ги голта пустински песок
и тие што ги крштаваат во воден плисок
и тие што тајни кријат во саќе од восок
и реките понорници во порозен карст...

и полињата што множат чинки моќни
и петлите што кукурикаат почеток на светот
и жабите што крекаат во рано лето
и езерата што личат на дрочни бочви
и жетвите што завршуваат во богати ноќви...

И сѐ ... и сѐ ... и сѐ
што сум знаел и не сум знаел,
што сум видел и не сум видел,
што сум сетил горко,
што сум вкусил слатко...

Зошто тогаш ти, јавачу мрачен,
не знаеш дали и раѓањето е смрт?
Кажи, тоа ли е цената за мајсторска игра, песна...?
Го знае ли тоа тој што пее, што танцува
или гори пред сликарско платно на свеќа...?

Е, па, штом молчиш, ај јас да ти кажам:
Мајсторот сал самиот на себе си подал рака,
или, можеби – кренал? Тој на тебе не мисли,
ниту, пак, некогаш мислел да ѝ удоволи
на твојата досадна мушичка од злоба и завист.

Колнат си ти, јавачу страшен, на своја пропаст.

 

 

Распит за воскресението


Кој ли ветер ја довеал оваа птица
што лежи оскубана и мртва на брегот?
Да не ја ожнеал остриот срп на месечината?
Да не ја жегнал врелиот сач на сонцето?
Да не ја апнала подмолна морска ала?

Нејзиниот последен крик сѐ уште ечи
ко грд гребеж од канџи врз тенко стакло;
грабеж е тоа на небесна сенка сред бел ден
што посегнала желно по бескрајот ладен
за да излупи тенка лушпа свежест од ветрот.

Наскоро шупливите коски и порите на песокот
ќе се слеат во едно; шарата од ситни школки
ќе заличи на птица што некое дете ќе ја збере
во своите кревки дланки и ќе ѝ ухне живот
за таа повторно да се вознесе леко во денот

и да ја започне совршената глетка – ах, плетка
на ситна тантела според мострата од небесата.

                                                            Ко Крадан,
                                                            Тајланд, 2018



Распит пред сонот


Дали си ти влез или излез од лавиринтот?
Слика ли си на смртта, или побратим нејзин?
Со какво горко слатко и црна вода ги гостиш
тие што заталкани тропнале плахо на твоја порта?

Какви ситни мрежи им простираш на мислите јата?
Ги тераш, ко зол режим, сами пердувите да си ги кубат
пред да паднат жртва на нечија богата со мезиња маса.
Што ќар имаш кога често со будењето носиш зијан?

Зошто нѐ тераш желно да посегаме по неможно што е,
со две раце да потпишеме пакт со мрачната армада?
Зошто на јасно реченото не му подадеш чесно рака?
Зошто ѕидовите и таванот ги тераш да молзат страв?

Сонувам како насон се прашам, се думам и шестам
за да се сетам на сонот, измамен ко сув, јалов бунар.

 


Распит пред ѕвездите


Дали сте вие огнени искри што избегале
од секало на копита по цврсто гумно?

Или сте златни пчели што се ројат над
рајот и го полнат саќето на мракот со мед?

Ни мајка ви веќе не ви знае име и број,
но со радост ја гледа вашата трепетна лика,

оти, иако дребни и ко пајажинки кревки,
сал на неа сте слични, слика и прилика.
Зошто, тогаш, напати без причина знајна,

пропаѓате во долните долапи на ноќта?
И таму ли сакате да ѕирнете со ококорено око

или ко ноќни самовили да се фатите на оро
што не допира почва, ами бестелесно е и лесно?

И таму ли, кај што сал демони реват и се котат,
сакате радост да посадите и светликава надеж?

 


Распит пред себеси


Зошто си тоа што не беше вчера
кога пиеше стари царства во пехари,
кога хранеше диви очи со чекори
без трага и јагули што миголкаат
во својата вечна потрага по себеси?

Зошто си сал крвава кошулка
при ова немо раѓање на говорот
кога зборовите се збираат за да видат
и измерат колку си блиску до себеси
и колку си далеку од тоа што си бил?

Зошто си незадоволен од својата
еднобојна и лита сламена сенка
изртена од здрава жила-срчаница?

Зошто си среќен со сините пеперуги
застанати за почин врз зелени острови
што насоне пловат врз водни мрамори?

 

Слики: Evan M. Cohen - „Distance”

Извор за песните: Зоран Анчевски, Збунети компаси (Или Или, 2021)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото