„Лисиче“ – нежна приказна за трансформацијата, растењето и спознавањето

22.08.2022 19:19
„Лисиче“ – нежна приказна за трансформацијата, растењето и спознавањето

„Лисичето брка две пеперутки, затоа што се виолетови“ – вака Едвард ван де Вендел ја започнува приказната за малото лисиче кое играјќи си во шумата не им обрнува внимание на опасностите со кои е опкружено. „Лисиче“ е извонредна сликовница на Вендел и илустраторката Марије Толман за трансформацијата, растењето и спознавањето, за љубопитноста при откривањето на нови нешта и стекнувањето искуства. На македонски е во издание на „Чудна шума“.

Бркајќи ги пеперутките лисичето паѓа и лежи зашеметено, а животот низ сон поминува пред него: првата средба со мајка си и светот, играта со братчињата и сестричките, грижата на родителите и лекциите од таткото лисец. „Кој душка, ќе остане без муцка“, му вели лисецот на своето младенче. Тој сака лисичето да истражува, да осознава нови нешта и да се дружи, но и да биде безбедно – како и секој родител. Но, лисичето не слуша совети, туку го истражува светот на свој начин: се забавува со пеперутки, трага по храна и по нови пријатели.

Приказната започнува без зборови и преку цртежите во различни техники илустраторката му дава простор на читателот да се запознае со лисичето и неговото живеалиште. Лисичето лебди меѓу сонот и јавето, животот и смртта, гледа како неговиот живот поминува пред неговите очи како филм. Поминува низ еден вид „мала смрт“, што всушност е и самиот сон, неопходен за да ги напушти старите модели и форми, да открие нови знаења.

Приказната добива нов пресврт кога едно момче на велосипед го фотографира лисичето. Тие се познаваат, момчето му помогнало на лисичето да ја одглави главата од една тегла. Дали повторно ќе го спаси?

Ван де Вендел го опишува дејството преку струја-на-свеста, кое се надополнува со илустрациите на Толман во различни форми и техники налик на филмски негативи. Позадините се сиво-зелени, животните исклучително верно нацртани, а Толман користи фотографии за да ги создаде пејзажите на шуми и дини. Лисичето и неговото семејство се илустрирани во најсветлата портоклова нијанса, а љубезното детенце исто така има светло портокалова коса и облека.

И кога лисичето се буди, тој е можеби помудар, но сепак малку љубопитен и полн со живот. Да излезете, да истражувате и да го запознавате животот и светот околу себе – тоа е инспиративната порака на оваа приказна.

Извор: Чудна шума