Малата сирена како квир алегорија

20.09.2022 09:58
Малата сирена како квир алегорија

Кога Ханс Кристијан Андерсен почнал да ја пишува Малата сирена, една од неговите најпознати бајки, во 1836 година, тој бил во состојба на длабока вознемиреност. Повеќе од една година, речиси опсесивно се обидувал да го привлече вниманието на атрактивниот Данец, Едвард Колин. Едвард бил син на благородникот Јонас Колин, покровител на Андерсен кој станал и негов официјален старател откако во Кралскиот театар во Копенхаген изгледал две драми од тогаш младиот и сиромашен писател. Како свеќата од лој во една од неговите најрани приказни, Андерсен верувал дека е предодреден да го осветли светот на некој начин, но за тоа му била потребна добронамерна помош од вистинскиот човек, како што бил Џонас. Но, во однос на љубовта, Андерсен бил повеќе молец отколку пламен. Често флертувал и со мажи и со жени, а исто толку често бил и изгорен од одбивање. (Во наредната деценија тој ќе биде опседнат со големиот војвода од Вајмар.)

Едвард бил светлината околу која Андерсен упорно танцувал, дури и кога се чинело дека прекумерната близина го пече. На почетокот, младиот благородник стоел на дистанца, воопшто не бил импресиониран од необичното момче кое неговиот татко го донел во нивниот дом. Кога Едвард почнал да му помага на Андерсен да ги научи латинскиот и граматиката, тие брзо се зближиле - за Едвард како другари, за Андерсен како идни љубовници. „За тебе копнеам како да си преубава девојка од Калабрија“, се жали тој во едно писмо, а во друго вели „моите чувства кон тебе се чувства на жена“.  Во третото писмо, тој му се исповеда на Едвард дека еден летен ден донел „провинциска роза“ до неговиот кревет, религиозно ја бакнал, а потоа ја ставил под неговата перница. Една извонредно составена песна за розата, посветена на Едвард, со својот цветен еротизам ги евоцира сликите на Џорџија О'Киф: „Пупка од роза, толку цврста и заоблена / Прекрасна како усни на млада девојка! / Те бакнувам како мојата невеста!“ Љубовната песна потоа продолжува со описи на бакнежи и покана „да го почувствуваш мојот оган“.

Иако Едвард не возвраќал на додворувањето на Андерсен, и во најдобар случај бил наивно збунет, данскиот бајкописец не се откажувал. Бил среќен во близина на својот сакан и се надевал дека, за разлика од Икар, нема да изгори и да падне, туку ќе го намами Едвард да му ја возврати љубовта. Постојано му ги испраќал своите приказни, па во 1834 година Едвард налутено одговорил со писмо во кое рекол дека Андерсен „премногу му пишува“ и дека „таквата продуктивност е патетична“, што за малку ќе го скршело писателот.
Портрет на Ханс Кристијан Андерсен од Кристијан Албрехт Јенсен

Доколку имало преголема наметливост во тоа додворување, тоа бил очај кој барем делумно произлегувал од огромниот притисок и болката поради потиснатата квир сексуалност. Андерсен ги доживувал своите состојби исто толку интензивно како и суштествата и хероите од неговите приказни. Со тесно, долгнавесто лице, врамено со брановите од темно кафеавата коса, со длабоко всадени очи, истакнат нос и тенки, малку закривени усни, како што е прикажан на познатиот портрет од Кристијан Албрехт Јенсен, тој самиот малку изгледал како да е надвор од овој свет. Блесокот во палавиот поглед, во контраст со достоинствените црни костуми на кои се навикнал во благородничкиот дом, прави да зрачи со одредена меланхолија, особено забележлива во подоцнежните портрети.

И тогаш, Едвард ги објавил своите планови за брак. Андерсен бил скршен, но не се откажувал. Тој дури ѝ испраќал писма на младата свршеница на Колин, Хенриета, и се чини дека се обидувал да го спречи бракот. Кога Едвард во писмо во 1836 година, истата година кога се оженил, ќе го опише Андерсен како „достоен пријател,“ се чини дека Андерсен конечно се откажува. Се повлекол на островот Фин каде што напишал остар, суптилно еротски прекор кон својата невозвратена симпатија:

„Зошто ме нарекуваш твој достоен пријател? Не сакам да бидам достоен! Тоа е најдосадниот збор кој си можел да го употребиш. Секоја будала може да се нарече достоен!... Имам поврела крв од тебе и од пола Копенхаген. Едвард, се чувствувам толку бесно поради ова одвратно време! И копнеам по тебе, копнеам да те вознемирам, да го видам твоето хистерично смеење, да побегнам навредено и да не се вратам дома цели два дена.“

Андерсен копнеел по тоа да биде посакуван и сакан; статусот „достоен пријател“ за него бил навреда, знак на одбивање. Описот на навреденото заминување, а потоа и враќањето дома кај Едвард, звучи како фантазија за врска во која Едвард е неговиот препотентен дечко, додека Андерсен бара простор за себе. Потенцирањето на „жешката крв“ веројатно делумно има и сексуална природа, сигнал за силата на неговите желби. Колин подоцна во своите мемоари ќе напише дека не бил во состојба да ги задоволи желбите на Андерсен. „Сфатив дека не можам да му ја возвратам таа љубов, што на писателот му нанесе многу страдања“, признава тој, иако неговите писма од тоа време честопати изразуваат или глумат незнаење за страста на Андерсен.

Повреден од предавството на Едвард, Андерсен се свртел кон своите приказни. Замислил свет во длабочините на морето каде една сирена копнеела по другиот свет, но била отфрлена дури и откако му го спасила животот на својот сакан принц. Сакајќи да му се допадне, сирената ја убедува морската вештерка да ѝ даде нозе. Ни тоа нема да ѝ помогне. За разлика од анимираната адаптација на Дизни, крајот на бајката на Андерсен е исполнет со страстен очај, а неговата сирена, осамена и несакана, се „раствора“ во морската пена.Малата сирена - илустрација од Едмунд Дулак

Тоа е потресна смрт, дури можеби и самоубиство; сирената буквално умира, како што навестува вештерката, од скршено срце, оти принцот наместо неа избрал човечко суштество. Навистина, слично на грдото пајче, малата сирена мисли дека со неа нешто непоправливо не е во ред; била отфрлена и со тоа е потврден нејзиниот најголем страв, дека не може да биде сакана. Аристократот Едвард бил пример за принц од бајките, додека Андерсен, осамен и тажен, наликува на својата безимена сирена. Сето тоа било иронично, оти Едвард и Хенриета ќе продолжат да бидат дел од животот на Андерсен во наредните години, но исто така имало и смисла, бидејќи тој брак ја означил бавната смрт на вербата на Андерсен во романтичната фантазија.

Малата сирена, значи, станува нешто повеќе од незаборавна бајка. Таа е обид на Андерсен да го преведе својот осуетен квир копнеж во јазикот на фантастичната приказна, во фрагмент од сон. Тоа е кодиран, но доволно јасен поглед на квир љубовта која не можел да ја оствари. Тоа што ќе ги раскаже своите желби преку бајка за светот на дното на морето е сосема соодветно, имајќи го предвид она што писателот му го открил на Едвард во писмото од 1835 година. „Кога би погледнал во мојата душа“, му напишал Андерсен, „потполно ќе го разбереш изворот на мојот копнеж и ќе се сожалиш на мене. Дури и едно широко, проѕирно езеро има свои тајни длабочини кои ниту еден нуркач не ги познава.“ Таму живеат сирени кои не се осмелуваат или не можат да го кажат своето име (како што лордот Алфред Даглас славно ја опишал квир љубовта во 1892 година), огромни морски суштества од минатото, заспани потонати бродови, левијатани кои живеат во темнина, чудесни убавини на себството кои само храбар нуркач може да ги открие.Статуа на Mалата сирена во Копенхаген, Данска, од данскиот скулптор Едвард Ериксен

Ова писмо го одразува воведот во Малата сирена, каде што длабокото море е опишано како место преполно со живот, цел век пред спуштањето на првите луѓе во длабокото море, за време на епохалното нуркање на Отис Бартон и Вилијам Биби во 1930 година во клаустрофобичниот прототип на подморница, врзана со челичен кабел за бродот Арктурус, кај Бермудите, која познатиот истражувач Биби ја крстил Батисфера („длабока сфера“). Таму не пронашле сирени - всушност, спуштањето во темната длабочина од над 900 метри било толку потресно доживување што истражувачите едвај да биле во состојба да го забележат она што го виделе. Но, да слушнел за она што го откриле - јата со големи лигњи, чудни риби и блескави медузи, Андерсен би бил задоволен. „Само немојте да мислите“, напишал тој на почетокот на својата бајка, „дека таму дното е голо, песочно, не - таму растат најнеобични дрвја и растенија со стебла и лисја толку еластични што при најмало движење на водата се виткаат како живи суштества. Меѓу гранките се провлекуваат риби, големи и мали, исто како што овде кај нас птиците летаат во воздухот.“

Како што Хамлет му вели на Хорациј дека на небото и земјата има многу работи за кои мудроста не ни сонува, така и Андерсен го замислува скриеното богатство на морските длабочини, и длабочините во самиот себе. Писмото на Андерсен до Едвард за тајните длабочини на душата е колку болно толку и вознемирувачко, земајќи ги предвид неговите упорни, токсични обиди да го заведе човекот кој него не го сакал.

Иако имала „глас најубав од сите на копното или морето“, трагедијата на сирената на Андерсен била во тоа што таа не можела да зборува над водата. Вештерката барала од неа да се откаже од „најдоброто нешто што го има“ во замена за нозе и убавина на копното, и покрај тоа што секој нејзин чекор ќе биде болен како убод од сечило. (Наспроти тоа, верзијата на Дизни е специјално осмислена за сирената Ариел да има свој глас.) Андерсен свесно го избрал молкот. Токму како што неговата сирена била нема, така и писателот не можел да ги изрази своите желби до крај, целосно да стане, како што црвенокосата инкарнација на неговата хероина ќе пее на екранот еден век подоцна, „дел од тој свет“. (Јас повеќе ја претпочитам прекрасната лезбејска верзија на таа песна, која сум ја слушнала во живо.)

Знам како осаменоста може да биде длабока колку морето, како може да страдаш толку многу та да посакаш да исчезнеш. Но, Андерсен знаел дека од очајот може да настане уметност полна со убавина и болка, па својата осуетеност ја преточил во безвременска приказна. Кога гледам како конзервативците протестираат поради тоа што во новата, играна адаптација на Малата сирена, Дизни ѝ ја доделил улогата на Ариел на црна жена, разочарана сум не само поради расистичката тесноградост - бидејќи и Дизниевата цртана Ариел прилично се разликува од безимената сирена на Андерсен - туку и поради начинот на кој таквиот залуден бес ја игнорира подлабоката сложеност на приказната на Андерсен и љубовните квир фантазии врз кои таа е изградена.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: LitHub

Слични содржини

Квир / Книжевност
Квир / Книжевност / Уметност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност / Уметност
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото