Зошто во шесто престанав да играм фудбал

08.11.2022 12:01
Зошто во шесто престанав да играм фудбал

Секоја недела во Оксфорд играм фудбал. И секоја недела, иако поминале 14 години, си правам споредба со тоа како изгледаше играњето фудбал во основно (Песталоци).

Дома, за тие што не знаат, во секое друштво за фудбал има (барем) по еден Урлач кој продава памет на сите од неговиот тим. Урлачот не е најдобриот играч (преку сила, благо над просек), ама е најгласниот и најисфрустрираниот. Степенот на урлање е обратнопропорционален на бројот на други лични квалитети.

Овде, од друга страна, секогаш откако ќе изгубиш топка, настанува една апсурдна ситуација во која играчите од твојот тим те чекаат да направиш најситна работа правилно (макар и да исфрлиш во аут) и почнуваат хорски да те фалат. Мене ова ужасно ме иритира, пошто сепак сум Балканче (нека ми прости Тодорова), ама со тек на време сфатив дека е помалку лошиот екстрем.

Да се вратиме на Песталоци. Урлачот кај нас беше и еден од двајцата „делачи“. Делачи се играчите што ги бираат тимовите по најбизарен (и се надевам географски ограничен) метод на правење ситни чекори еден спрема друг (процесов трае и по две минути) се’ додека патиката на едниот не ја згази патиката на другиот за да може да бира прв. Урлачот, порано или подоцна, задолжително ме бираше мене. За да може да ми урла секогаш кога ќе фатам топка.

„Роден со две леви. Фатен во тоа нозете. Мрежички да ти купиме за меѓу нозе. Абе ај иди дома бубај си.“

И така, на секое играње од прво до шесто си седев стриктно во одбрана. Со тек на време, изгубив самодоверба да одиграм било што поамбициозно од пас два метра по земја. Се молев и воопшто да не фатам топка. Damage control.

Е, во шесто, ми текнува како сите во клас сакавме да се правиме Трендо и да смислуваме Милионер прашања. Еднаш имаше смислено и Урлачот. Неговите прашања беа 14 од 15 украдени од интернет и не можеше ни да ги прочита. Ама 15-тото беше авторско.

„Кој е најслаб во фудбал во одделение?“ Можни одговори: тројца што никогаш не ни играа и јас. Мислам дека е очигледно кој му беше „точниот“ одговор.

Во шесто престанав да играм фудбал и, со ретки исклучоци, немав стапнато на терен до лани.

Денешниот хет-трик му го посветувам на Урлачот, каде и да е.

Стрип каиши: Reg Wootton (1908 - 1995)

ОкоБоли главаВицФото