Роденденска фудбалска приказна

14.02.2023 10:53
Душица Димитровска

 

Порано, многу години пред да наполнам 49, памтев сѐ. Сите песни на Боб Дилан, реклами за пиво и политички слогани на грчки јазик, телефонскиот број на тетка ми во Атина, цели дијалози од книги, имиња и презимиња на сите деца од основно по азбучен ред, хронологијата на Платоновите дела со клучните проблеми според три различни класификации, контакти и компетенции на безброј соработници, календари за Лига на шампиони, цели фудбалски натревари во минута, со измени и жолти картони и состави на десетици тимови со резерви кои никогаш не ни влегле, илјадници книги со целосни библиографски податоци и родендени на сите што ги знам.

Некои се тешат со семафори, некои со возови и црвени автомобили, јас спокојство си наоѓав во несомненоста на сеќавањата. Во мојот наивен реализам, за нивната обла кумулативност немаше замисливи граници. Демек, градивно ткиво, призма за аперцепцијата, центар на дејствениот субјект. Демек, јас.

Е, таа јас, раскажуваше мајка ми, пред да почне да се трупа таквиот мемориски капитал, се родила неколку недели порано заради фудбалска утакмица. Според семејната легенда, таа 1974 година Југославија дала гол против Грција, мајка ми се израдувала, почнале контракциите и по милион часови агонија, следниот ден сум се родила јас, вистински глушец со трепки. Толку згодно ми се погоди анегдотава, што ја протнав низ сите скептични редукции и заедно со хороскопскиот знак ја раскажувам како згоден украс на, на пример, анализата на празнини во формацијата на Бетис, или на паронимите кај Аристотел во контекст на Иконокластичкиот спор. Тотален смор, ама со згоден куриозитет. Фудбалска водолија.

И Ружди, Салман, кој неодамна преживеа атентат и има нова книга, е сопственик на фудбалска анегдота, ама неговата, за разлика од мојата, има содржина и зборува за тоа како, од сите можни клубови на светот, почнал да навива за Тотнем. Есејчето го насловил „Прва љубов“, а го имам во „Пречекорување на линијата“, во тврд повез со голем формат кој стрчи како златен заб на полицата настискана со меки повези и излитени ќошиња.

Значи, не е проблем да се најде, ама во чест на уводот одлучив да не го извлечам, да не го препрочитам и да го раскажам по сеќавање. Било отприлика вака: малиот Салман, на некои два-тринаесет години, со сѐ уште густо перче над челото но со очи веќе препознатливо ѓаволски, за првпат стасал во Лондон. Освен со леб (сигурна сум дека опсесијата со вистински леб во Лондон на главниот лик од „Тлото под нејзините нозе“ е автобиографска), татко му го почестил и со фудбал и тоа не каков било. Во северен Лондон, сигурно на складниот и од вашата авторка непрежален Хајбери, значи кај Арсенал, гостувал тогашниот европски шампион Реал од Мадрид, и тоа оној Реал со Пушкаш и Ди Стефано. За оние кои кон Арсенал во себе можат да ископаат само љубезна рамнодушност, треба да се спомне дека до ерата на Венгер, Арсенал го носел прекарот „Здодевниот“, и таа 1961 година веројатно орно работел да го заслужи играјќи спор, островски фудбал каков што без исклучок му бил и составот, со долги топки кон напаѓачите и постојано практикување на елементот што како заштитен знак ќе остане овековечен во за нашава приказна анахроната стриптиз кореографија на најсмешниот филм на сите времиња, „Фул монти“ – офсајд замката на Арсенал: сите четворица чекор назад и десна рака горе.

Салман проследил 3:0 за Реал на полувреме и конечен пријателски резултат 3:3, и кутриот, роден прерано, децении пред прото-тики-така, пред пируетите на Тиери Анри и чудесните голови на Денис Беркамп од работ на шеснаесетникот, морал да се вљуби во фудбал заради некакви кралски унгаро-аргентински Шпанци, а не заради тимот од маало. Кога се вратил во хотелот, го прашал рецепционерот дали во Лондон можеби има тим што игра фудбал волшебно како Реал, а овој, шпионски и безобразно, одговорил „Има, Тотнем“. И така, на невидено, Ружди почнал да навива за Тотнем. Рамнодушните кон Арсенал треба да знаат дека Тотнем е омразениот локален ривал од северен Лондон.

Е сега, проблемот е што за таков пријателски натпревар Арсенал-Реал со резултат 3:3 во 1961 година нема никаков податок. Нема записи, нема слики, нема ништо. Во фуснота Ружди кажува дека тоа ужаснато го констатирал и дека веројатно си имал креирано „фантомско сеќавање“.

Јас му верувам на слепо, како што тој му поверувал на рецепционерот. И не само тоа. Тврдам дека ваквите приказни не треба се проверуваат, зашто тие се аксиомите на аперцепцијата. Прво низ нив, а потоа низ сѐ друго поминуваат сите искуства за да бидат собрани во препознатливо „јас“. Тргни ги нив, и имаш призалепен субјект неспособен за каков било ангажман. Тргни ги имињата на децата од основно, и целата историја се претвора во каша. Постојат податоци дека Арсенал и Реал играле следната 1962 година. Натпреварот завршил 4:0 за Реал, ама не е познато дека од него започнало нешто значајно, ниту дека нечиј личносен центар се потпира на тој настан. Во прагматична смисла, во смисла на ефектот, фантомскиов натпревар е пореален.

Добро, Ружди е озлогласен вештер на историската фикција и не би било неразумно да се претпостави дека воопшто не создал „фантомско сеќавање“ туку борхесовски книжевен трик. Тоа, се разбира, е небитно, зашто кога таква пукнатина ќе зазјае на едно место, неизбежно ќе се појави и на друго. Писателите, впрочем, така и се лекуваат, расфрлајќи се со своите заразни пукнатини врз кутрите читатели, за потоа нивниот наивен реализам, наместо оној на авторот, и нивната ведра убеденост, наместо лондонската, да се струполи во загрижен ревизионизам и приказните исполирани од раскажување да им се назабат во штрбави ругла.

И моите сигурни приказни ги нагриза фантомот од Хајбери. Споделувам, на пример, сеќавање на Фејсбук за историската утакмица Вардар: Спарта Прага на која од трибина, специјално за тоа дојдена од Охрид, со свои очи сум гледала како Вардар се враќа на 2:2 по 0:2 на полувреме и дознавам, целосно различно од официјалното сеќавање и тоа лично од тогашниот голман на Вардар Зеко (Муарем Зекир), дека не бил Поборски тој што го шутирал последниот слободен удар за 2:3 без да почека знак од судијата, туку Игор Глушчевиќ. И дека судијата кој ја дозволил таа историска, космичка, незамислива неправда не бил со години проколнуваниот Бекере, туку ценетиот и угледен Терје Хауге. А сепак, за ова не го обвинувам Ружди и здодевниот Арсенал, зашто знам дека вакви работи виновен може да биде само Реал.

Со Глушчевиќ и Терје Хауге наместо Поборски и Бекере, сега раздробениот субјект висеше на конец, односно само на кревката автентичност на семејната легенда. Знам, знам, реков дека такви работи не се проверуваат, ама сепак проверив. Југославија навистина дала гол на 13 февруари 1974 година во бараж натпревар за светското првенство, ама не против Грција, туку против Шпанија. Каталински го дал голот, еве и линк до видеото ако не верувате. Нека биде јасно дека сум сосема свесна за недоследноста на приказнава и совршено спокојна со тоа што сеќавањето не е мое, туку на мајка ми и што е мој само спектакуларниов датум, наместо, на пример, некој безличен 5 март.

Текстот е илустриран со стари фудбалски фотографии од Англија:

1. Велшкиот интернационалец од Тотенхем Вили Еванс тренира шутирање, 1934 г.

2. Голманот на Тотенхем Сирил Спајрс чека да биде повикан во репрезентацијата на Англија, 1931.

3. Стен Вилемс од Челзи смука лимон на полувреме од пријателски натпревар против Хејс, 1955.

4. Брајан Кинси од Чарлтон на тренинг прави салто над фудбалска топка, 1965.

5. Манчестер Јунајтед изедначува против Ипсвич, 1971.

ОкоБоли главаВицФото