Истанбул

15.05.2023 13:17
Истанбул

Можеби мој град е Монтевидео, или Сантјаго де Чиле, или Лусака, којзнае. Треба да се провери. Во меѓувреме, мој град, покрај Скопје, е само уште Истанбул. Или поточно, според рангот: покрај Истанбул, само уште Скопје, зашто конотацијата на Истанбул, емоционалниот и смисловен полнеж на поимот, е стопати поголема од скопската или, народски кажано, Скопје е само едно конотативно маало на Истанбул. Што не е ни лошо. Се случува градови, па и цели држави, да бидат само конотативна уличка на Истанбул. Некои дури само, што знам, конотативен семафор.

Истанбул секогаш наоѓа начин да биде значаен, ама мај, па нека е и вака кенкаво октомвриски, заслужено е истанбулски месец. Во мали животи како нашите мали се и циклусите, и само 18 години требаа да сврти кругот и крајот на шампионската лига повторно да биде во Истанбул. И повторно, можеби, којзнае, ќе видиме, Милан да се вратат на Ататурк.

Добро, Истанбул беше мој град уште пред воопшто да биде изграден олимпискиот стадион Ататурк, уште кога постоеше Инону, домчето на мојата турска екипа Бешикташ. Бешикташ, инаку, биле и соколи на Ататурк, зашто, знаете, во Истанбул, како и во Бразил, нема неутрални. Пред секоја куќа во понародските маала јасно е декларирана припадност – црвено-бело знаме за Галатасарај, сино-жолто за Фенербахче, црно-бело за Бешикташ. Новокомпонираните, како Истанбул Башаксехир, или локалните, како Казимпаша, не ги сметаме, зашто првите станаа битни со поддршка на Ердоган, а вторите, замислете, играат на стадион што го носи неговото име. Тогаш, таа едноставна и радосна 2004 година, не можев да знам дека од Инону, гнезденцето среде Долмабахче од кое на едната страна се гледала Европа, на другата Азија и за кое Пеле има кажано дека е најубавиот стадион на светот, во 2013 ќе остане само историската ограда од страна на трибината Ешли ачик, инаку сигурно немаше да го пропуштам. Другото сега се вика Водафон Арена.
Со тие истанбулски и со уште неколку други стадиони е врзана мојата денешна приказна, инаку ќе се расприкажев и за црквата Хора или џамијата Карије, или за моето омилено маало Галата, за уличките што се шират околу Таксим или за најспокојното место на светот – Сината џамија, и за имам бајалди со „Ефес“ во лимени кригли покрај саксии со босилек нареден околу џиновски чинар и за некои донекаде компромитирачки веселби во ресторанчиња со исечен квадрат за штекер во ламперијата. Ништо од тоа сега. „Ефес“ сега подлежи на фундаменталистички данок, Хора/Карије веќе не е музеј, а Инону веќе не постои. Оваа приказна, ќе мора да се конзумира на трезно и на празен стомак и без културно-историски застранувања.

Во центарот на приказната е 25 мај 2005 година. Еве сум и јас во центарот, седам на столче од милион долари речиси на самата средина на долгата трибина од стадионот „Ататурк“ во Истанбул. Среда е, 21:45 по турско време. Центарот, меѓутоа, е најбитната точка само низ телеолошка перспектива. Ако некој, како мене, повеќе верува во процеси отколку во цели, приказната мора да ја раскаже убаво, од првите зелени истанбулски никулци претходната година во Гелзенкирхен, до дебелите жолти турски сомуни во Париз следната година. И тоа брзо, зашто еве го каде е вторник и возвратните полуфинални натпревари.

Приказната навистина почнува, ако се сеќавате, ден пред да се родам, само што сега брзо премотуваме 30 години до раната пролет 2004 година. Сѐ уште е студеникаво и навидум сосема обично и олку рано, додека сѐ уште фаќаат утрински слани само Матеј може да знае дека во финалето на Лигата на шампиони ќе играат Порто и Монако. И сѐ уште никој, ни во сон, дека Грција ќе стане европски првак. Арсенал и Валенсија веќе се скоро сигурни шампиони, а во Лигата на шампиони Депортиво ла Коруња прават такви драми што соперниците се губат во сенката на нивните екстреми. Прво, во групи, откако ги победија Монако со 1:0 дома, на гости изгубија со 8:3. Потоа во четвртфиналето Милан ги сотреа со 4:1 на Сан Сиро, за една недела подоцна да победат со 4:0 на Риазор. Ова враќање се помнеше како најдраматичното сѐ додека Барса на Луис Енрике не им врати на ПСЖ 6:1 на Ноу Камп по поразот од 4:0 на Паркот на принцовите. На крај Депор ептен се истрошија и во полуфиналето Порто поминаа покрај нив како Урук-хаите покрај Боромир, со технички 1:0. Имаше уште по некоја помала драма, на пример меѓу прекрасните Арсенал и штотуку набилданите Челзи. На вториве за победата над англиските шампиони им врати стариот клуб на тренерот на топчиите, Монако, кои пак двапати се протнаа со гол на гости. На крај, на 26 мај во Гелзенкирхен, на музиката на „Свештеникот Завок“, се строеја два реда, едниот од Рома до Жили, другиот од Баиа до Дерлеи - Монако и Порто. На клупите, секој со своите каприци, младите Дидје Дишан и Жозе Мурињо, првиов пред само четири години капитен на светскиот, па на европскиот првак, вториов пред исто толку години преведувач за Боби Робсон. Околу нив, Арената на Шалке, најгласното место на планетата Земја, на која по само неколку месеци Вардар ќе игра меч од Интертото купот, УГЕ и Комити ќе се збратимат и до ден денешен ќе се бодрат и ќе ја споделуваат судбината на повремено испаѓање од првата лига.

Мене таа сезона на Лигата на шампиони, дури и тоа Европско првенство, презрени до игнорирање од љубителите на Премиер лигата и на Серија А, ми беа неверојатно интересни. Следев совесно, со студентска скромност. Така, студирајќи тактика, некако логично испадна прво да се врзам за Порто, потоа и за Португалија. Пред да ги искривите усните со презир, треба да знаете дека во 2004, на својот прв сериозен тренерски ангажман, Мурињо сѐ уште не се беше самопрогласил за специјален, барем не јавно. И сѐ уште не беше напорно трчкарало покрај аут линијата како денес, туку млад, речиси целосно непознат и многу модерен тренер, со тактика совршено јасна и логична, како учебник. До финалето Порто ги знаев како дишат. Да признаам чесно, ги знаев сите екипи од сите 6 главни европски лиги, така, се разбира, и Монако. Ама што знам, некако имињата Лодовик Жили или Патрис Евра не ми звучеа поетично како, на пример, Сержио Консисао или Витор Баиа, сигурно заради бразилскиот призвук на вториве.

Од областите на темелно и опсесивно истражување никогаш не сум очекувала ништо за возврат, па во наградната игра што се појави непосредно пред финалето всушност бркав само престиж, како што правев кога играв спортска. Амстел со години беа главни спонзори на ЛШ и сега, на некој тотално опскурен сајт, имаа игра за прогнозирање на исходот од финалето. Наградата е пат за двајца на следното финале. Натпреварот беше претставен како на првите верзии на Фудбал менаџер, проста лента пресечена на половина, на која можеа да се наредат настаните. Ќе извлечеш топка од менито и ќе ја ставиш во временската низа. Ако сакаш, ќе доделиш име на стрелецот. Можеш да наредиш и картони. Јас секако истото го правев во главата пред секој натпревар. Чекај, сега ќе замислам.

Карлос Алберто беше брзо долгоного безобразно детиште, без страв и без никаква почит, со мал фластер за дишење на носот што ми го правеше некако уште побезобразен. Во Порто имаше статус на трет шпиц, по Дерлеи и Бени Мекарти. Такво боцкало сигурно мора да го почне натпреварот. Тој ќе се турка пред гол на почетокот, не Дерлеи, таков нестрплив и млад. Тој ќе го даде првиот гол. Пиши, Карлос Алберто, околу 27-8 минута. Потоа, додека е сѐ уште на адреналин, ќе добие жолт, секогаш добива жолти. Порто потоа малку ќе ја смират играта, до полувреме нема да има ништо. Во второ Монако ќе притиснат да изедначат, Порто ќе се затворат, ќе одат на контри. Следниот гол би требало да биде кога Монако ќе папсаат, на нивна грешка. Сигурно Деко, тој е најкреативен. Тој ќе украде и ќе смисли. Значи, пиши Деко, да речеме, 70 минута. Потоа рутинирано до крај. 2:0.
26 мај 2004 година. Веќе е 9 навечер, 15 минута од финалето, а од екипата собрана да го следи финалето половина сѐ уште не се дојдени, а другата половина главно го псуе глупавото финале и непознатите играчи и општо земено, таа за фудбалот и за секоја друга битна работа промашена година. Во набиената со туѓ мебел дневна соба во тесното изнајмено станче во Карпош 3 јас, се разбира, ученички внимателно следам како се движат екипите. Жили игра во средината на нападот и таков минијатурен двапати го препотува стабилниот Жорхе Кошта, дури и Баиа еднаш мора да излезе за да помага. Во Барса таа неверојатна брзина на неговите куси ноџиња ќе ја користиме десно во нападот и кон него ќе доаѓаат најдолгите дијагонали кои тој како на повторена снимка секогаш ќе ги прима со внатрешната страна на десната копачка, без никакво одбивање, во трк. Жили е супер-скапоцен за Монако, покрива некаков издолжен круг од 25 метри од шеснаесетникот до центарот, прво истурен напред, а потоа сѐ поназад, како организатор за Сисе и за Ротен. Којзнае што ќе беше со натпреварот да не се повредеше атомскава мравка и на нејзино место во 22 минута да не влезеше дрвосечачот Дадо Пршо. Сега Порто нешто напаѓаат, Деко шутира од далеку, ништо. Поминува и 30. минута, не дека е здодевно, напротив, ама сѐ уште нема гол. Се отвораат нови пива, се вадат хартии, се расчистува масата. Публиката веќе почнува други активности кога, околу 38 минута, Паоло Фереира добива топка по десно и дијагонално нафрла кон шеснаестникот. Таму, речиси на белата точка се Дерлеи и, свртен со грбот кон голот, Карлос Алберто. Меѓу него и голманот Рома двајцата стопери на Монако. Подзапирам со дишење, ама никој друг не следи, немам со кого да споделам тензија. Карлос Алберто ја прима топката речиси по земја, се врти до пола десно и на прв поглед изгледа како топката некако нелогично отскокнува. Се обидел да му ја протне на Дерлеи, кој чека подесно избеган од стоперите. Топката, меѓутоа, не стигнува до него туку од ногата на кутриот Зикос чудно се одбива нагоре и во таа теснотија од збиени тела, стои во воздух отворена за сите можности. Карлос Алберто од мојата визија не е момче што се повлекува пред можности, барем не на тој 26 мај. Токму како што замислив, не ни трепнува. Расплескува волеј меѓу двајцата одбранбени како некаков духовен син на Инѕаги, како цел деветнаесетгодишен живот да чекал токму ваков отпадок. Ја лепи право во горната половина на голот, точно над главата на Рома кој исцрпен од сецкање, веќе назачки паѓа и со задникот ја допира тревата речиси во истиот миг кога топката ја допира мрежата.

„Карлос Алберто!“ – кажувам не баш убедена, повеќе како прашање. Карлос Алберто се врти кон камерата, се соблекува по српска маичка и со дресот во рака трча цик-цак по теренот, со фластерот на носот и со безобразното фацуле. „Карлос Алберто, луѓе, Карлос Алберто!“, сега веќе викам со кренати раце. Мислам дека дури и танцувам до кујната и назад. Којзнае дали некој воопшто ме забележа. Карлос Алберто добива жолт, веројатно за српската маичка.

Што се случува до крајот на полувремето баш и не се сеќавам. Во второ Дишан го внесува најдобриот стрелец Шабани Нонда на местото на Сисе, дете уште поснаодливо од мојот Карлос Алберто, ама не толку дрско и со мило лице. Мурињо очекувано го менува Карлос Алберто, ама не со некаков последен за врска како што би требало во мојот план, туку со сосема поинаков напаѓач, со умниот, искусен и досетлив Аленичев. Ова е целосно надвор од моите планови. Да знаев дека Аленичев ќе игра... Сега веќе Монако притискаат за да изедначат и Мурињо, како што во следните години ќе гледаме многупати, го мести автобусот и демне грешки. Не знам чија грешка беше, ама Деко успеава да дојде до топка и веднаш ја пушта токму до Аленичев. Овој трча по лево речиси до крај, Деко го следи паралелно. Аленичев подзастанува во иста линија со тројца одбранбени на Монако кои стасале да се вратат, подготвени да пречекаат евентуален центаршут. Значи, Аленичев подзастанува, го гледа Деко во црвено-белиот букет. Зад него празен простор од 30 метри. Деко се одлепува од одбранбените 5-6 метри назад, дечките од одбраната секунда-две стојат и не сфаќаат што се случува. Кога конечно ќе го проследат погледот на Аленичев што се губи зад нивните грбови и ќе се свртат, веќе нема време за ништо. Деко веќе ја примил топката, токму навреме и токму каде што треба, под агол недофатен за очајниците. Сепак едниот излетува накај Деко со полупируета, другиот паѓа на средина, третиот останува да гледа од десно. Деко е еталон за стабилност. Се мести уште пола секунда и шутира токму колку што мора за топкатата да се залепи токму каде што треба. Рома успева само малку да потклекне и детски да замавта со двете раце. Деко, 71 минута. 2:0.

Трет гол не требаше да има, зашто во мојата визија Аленичев не ни требаше да игра. Ама, не поминаа ни три минути, а Дерлеи веќе бега со топката и му нафрла на Аленичев. Изгледа како една од оние акции што се прават брзоплето, само за играта да биде пред противничкиот гол. Меѓу нив е Скилачи кој е влезен наместо Живе, успева донекаде да блокира или топката случајно удира во него и.... се одбива на најоткачен начин – преку играч, високо, право пред ногата на залетаниот Аленичев кој се лепи на метар од Рома и го гледа во очи. Голманот чека шут со десна и пантерски се фрла од место кон лево, а Аленичев, како старовремски шериф ја пука покрај него од другата страна. Гол вишок, 75 минута. 3:0, го промашив резултатот.
Испадна, не сум промашила баш до толку. На ранг листата со моите два точни и еден непредвиден гол сум прва со илјада бода повеќе од вториот. Добро, стварно, си мислам, погодив два точни стрелци и речиси точно време. Исто, испадна дека луѓето прогнозираат без да визуелизираат. Како можеш да кажеш кој тим ќе даде гол ако не ја замислиш акцијата? По кратко допишување со централата на спонозорот, Скопска пивара нѐ прифатија, мене и тогашниот партнер, во екипата добитници на наградни капачиња и следната година со двокатно автобусче нѐ однесоа во Истанбул, да го гледаме финалето. Само, за тој дел од приказната нема да раскажувам ако Милан прво некако не помине во полуфиналето. Откако во средата главно го отстојаа мечот со Интер и во саботата повторно изгубија од Специја, видовме како Ултрасите ги наредиле за да им објаснуват нешто. Нормално, повторно треба се оди во Истанбул.

Колку и ми е мене лично специјално, финалето меѓу Порто и Монако од оваа перспектива изгледа како стек на околности, како некоја група луѓе случајно да се затекнала на некое место на патот кон некои други работи. Мурињо го напушти Драгао само една недела по финалето за да ги води првите богаташи Челзи и со себе ги зеде милениците Карваљо и Фереира. Коштиња и Маниш веќе следната година отидоа во Динамо од Москва. Деко и Жили истата година дојдоа во Барса. Дишан остана во Монако само уште една година, потоа отиде во Јувентус. Замина и Евра во Ман Јунајтед, Шабани Нонда во Рома. До крај остана само Витор Баиа.

Замина и Карлос Алберто назад во Бразил и, веројатно навистина пргав и безобразен каков што си смислив дека е, продолжи да се сели од клуб во клуб и никаде не фати место, со исклучок на трите години што ги помина во Вердер. За 15 години што му останаа до крајот на кариерата, постигна вкупно 35 гола за повеќе од десет тима. За Порто, освен овој мојов против Монако, даде само уште еден.

 

ОкоБоли главаВицФото