1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 01:59
Најпримамливите денгуби и џаболебарлуци во она време не стигнуваа од Америка или Англија, туку од Италија. Така, пред светското првенство во Мексико во 1970, првпат се појавија сликичките од фудбалери со албум, во издание на печатницата со смешно име - Панини. Зошто некој сериозен човек би ја именувал фирмата по сендвич, нам кои сме оптоварени со будалести и звучни англиски називи, или уште побудалести кратенки и кованици, никогаш нема да ни биде јасно. Но и тука се разликуваме од Италијаните. Затоа тие, а не ние, ги измислија самолепливите сликички со фудбалери. Во тоа, имено, беше штосот. Со светското првенство во фудбал, во 1970 година започна ерата на самолепливи сликички. И порано клинците и чудаците, колеционерите и хобистите, собираа некакви си сликички и ги лепеа во наменски албуми - но со употреба на лепак за хартија. Впрочем, уште долго по 1970 година Краш ќе се гордее со своето „Животинско царство“, со несамолепливи сликички, со кои моравте да купите кутија Карбофикс, со она смешно мало шпакличе. Панини донесе уште една мала разлика: порано - а и подоцна - сликичките се добиваа со гума за џвакање или чоколатце, бидејќи предмодерниот трговски ум сметаше дека нема будала што ќе дава пари за сликички од опосум или Драгослав Шекуларац. Италијаните, како и модерните трговци, сметаа на будалите. И беа во право: што ќе ти е чоколатце покрај сликичка од Франц Бекенбауер, наречен Кајзер Франц, тој неприкосновен владетел на средината на теренот, прв цар и канцелар на кој Германците по 1945 смееја да бидат отворено горди.
Таа 1970 имав четири години и не покажав интерес за албумот со самолепливи сликички со учесниците на светското првенство во фудбал. Меѓутоа, пред следното првенство, кое се одигра во Германија, бев двапати постар, многукратно позрел, отприлика онаков каков што сум и сега, заинтересиран за фудбал и собирање сѐ и сешто, а притоа и многу празноглав, така што во меморијата слободно ми се таложеа илјадници непотребни информации дневно. Да речеме, неколку недели откако ми го набавија албумот кој го носеше името „München ’74“ веќе ја знаев годината на раѓање на сите репрезентативци, од Бразил и Аргентина, до Австралија и Заир, со бројот на одиграни натпревари и постигнати голови за националниот тим. И денес памтам нешто од тоа, добро, признавам, всушност памтам сѐ, и сѐ уште можам да ви ги набројам првите единаесетмина од Хаити, но зошто да се фалам со тоа? Лесно е да се биде чудак.
На осум години, претпоставувате, не бев финансиски самостоен. Тоа нема да станам ни пред следното светско првенство, кое ќе се одигра 1978 во Аргентина. Дури како 16-годишник, пред светското првенство во Шпанија, почнав сам да заработувам пари за книги, плочи, стрипови и - самолепливи сликички. Цело тоа лето работев како утрински разнесувач на весници: во 4:30 ги преземав во старата печатница на „Ослободување“, и разнесував „Ослободување“, сараевски „Свет“, „Вен“ и „Вечерње новине“ до претплатниците во „регионот“ од дното на Улицата Крал Томислав до половина од улицата Хасан Бркиќ, за што ми требаа, отприлика, два и пол часа; сјајно заработував, прстите и лицето ги мачкав со печатарско олово, и така влегов во новинарството...
Овој животен и финансиски исчекор имаше барем една важна последица: првпат го исполнив албумот до последната сликичка. Порано тешко одеше: детството e неславно време, во кое се учиме на просјачење, гребење, изнудување, емоционално уценување на роднините. Бев дете кое бара многу, кое уште рано имаше големи трошоци, често за работи на кои моите родители, а ниту Нона - која беше попаметна и со повеќе фантазија од нив - никако не можеа да им ја најдат смислата. Како да се сфати страста на тоа дете за сликички од фудбалери? Треба ли да се загрижат поради тоа што знае сѐ за фудбалерите? И што пред светското првенство се затвора во собата, го става пред себе фудбалот за на маса (т.н. „пуцомет“) и игра сам против себе, така што половина од него е, на пример, Полска, а другата половина Шведска? И не само што така игра сам против себе, туку истовремено прави директен пренос од натпреварот, вреска како Младен Делиќ и Владанко Стојаковиќ, а потоа во специјален црн роковник го бележи резултатот од натпреварот кој штотуку го одиграл, заедно со оцените за играчите и краток опис на играта? Дали е тоа воопшто нормално, се прашуваа најблиските. Одговорот е жалосен и непореклив. Го знам само јас, бидејќи нив веќе одамна ги нема, се распрснаа низ сараевските гробишта, и не можат да ме слушнат. Не, тоа никако не е нормално. И засекогаш остана така: ненормално. Мојот живот и моите интереси, подивената фантазија, кои мојата слаба човечка моќ тешко ги става под контрола, сѐ што сум, и сѐ што денес зборувам, обележано е од мрачното дејствување на италијанската корпорација Панини. Сликичките во мојата глава го најголема мера се самолепливи.
За време на светското првенство во Италија, мојата генерација повеќе не собираше сликички. Пораснаа, го отфрлија Панини, онака како што девојчињата ги отфрлија своите обезглавени пластични кукли. Фудбалот, навистина, и понатаму ги интересираше, но повеќе на ниво на тактика. На тоа првенство сите сериозни репрезентации играа традиционално поставени во 4-4-2 распоред, додека Италијаните го демонстрираа својот убиствен catenaccio. (Од тоа време им се восхитувам на Италијаните, нивната убавина и култура, нивната култивирана фантазија, менталитетот и духовната леснотија, која им помогна да го поднесат фашизмот и да бидат фашисти, но да не станат антисемити и човекојадци. Сѐ кај нив е поубаво и подобро отколку кај нас, само фудбалот им е грд, полн со подлост и измами, расипан и лажлив. Фудбалот е обично поубав од оние што го играат. Само Италијаните се поубави од својот фудбал.)
Да, веќе беме доволно возрасни за да разговараме за сериозни работи. Бевме Панкери, се палевме на Хармс, Хлебников, Рускиот уметнички експеримент, на Џон Кејџ, Гомбрович, Зенит, Брацо Димитриевиќ, Марина Абрамовиќ и полската Солидарност. Бевме напредни во своите шеснаесетти: бевме спремни да умреме за толку работи околу себе! Тие знаеја дека јас, и покрај сѐ, собирам сликички од Панини и пополнувам уште еден албум. Гледаа на тоа со некој вид сожалување, помешано со страв. Имено, најмногу знаев за Хармс и Кејџ, прв го прочитав „Ferdydurke“, и можеше да се каже дека бев најзрел во друштвото, а сеедно - собирав сликички. Ако можеа тогаш да разговараат со моите, лесно би се согласиле со нив дека тоа не е нормално.
И следното светско првенство во Мексико, и 1990 во Италија, купував албуми и лепев сликички. Навистина, изгубена е онаа некогашна возбуда кога ќе ми се најдеше некоја ретка сликичка (до денес ми остана верувањето дека произведувачот објавува некои сликички во помали серии, за конзументот зависнички да собира дупликати...), зашто веќе бев премногу богат, добро заработував и понатаму не ме интересираше ништо освен книги, стрипови и плочи, возев стара фолксваген буба, и брзо и лесно ги пополнував албумите.
Пред 1990 полека и мојата генерација се врати на собирањето сликички. Веќе беа пред крајот на своите факултети, првите меѓу нив и се оженија, и само уште чекаа што ќе биде со нас кога наскоро ќе почне војната. Беше тоа злокобно време на простување со животот, онаков каков што некогаш беше. Во следниот живот, оној кој ќе настапи по војната, сѐ ќе биде поинаку, помрачно, потешко и побесмислено. И ништо повеќе, или речиси ништо, нема да биде прашање на избор, туку водата ќе нѐ понесе, ќе нѐ разнесе на различни брегови, во Сараево и во земјите од сега веќе поранешната Југославија, или далеку, далеку од градот и јазикот. Пред светското првенство во Италија разменував дупликати од сликичките на Панини со Саша Хемон. Дваесет години подоцна, пред првенството во Јапонија и Кореја, Хемон живее во Чикаго, и е светски познат писател, заштитен со квалитетниот пасош, и ги собира истите сликички на Панини. Веројатно го пополнил албумот, не стигнав да го прашам. Јас го пополнив мојот, но тоа повеќе не е важно. Во тоа време една колекционерска страст веќе стана тема во хрватските весници. Првпат се пишуваше за тоа. Феноменолозите се обидуваа да објаснат зошто возрасни луѓе се занимаваат со таква чудна денгуба. Притоа, истите феноменолози беа и колекционери. Тоа требаше да биде некој вид автоанализа, вивисекција, експеримент на живо со сопствената душа. Дали собирањето сликички е обид да се надомести нешто што се пропуштило во детството? Не. Стои ли зад него машкото настојување доживотно да се продолжи и пролонгира сопственото детство? Не е ни тоа. А тогаш, што е? Не треба да се одговара на такви прашања. Кога би ви одговорил, што би правеле со мојот одговор? Луѓето собираат сликички и ги лепат по албуми поради причини што се впишани во нивните лични биографии. А некои ги собираат поради мода. Слушаат, Хемон собира сликички од фудбалери, па почнуваат и тие. Мислат дека така можат да откријат нешто што ќе ги направи славни и успешни, нешто што ќе ги направи среќни. Смислата на модата е во освојувањето на туѓата среќа. Среќни се секогаш само другите.
Златното време на самолепливите сликички сепак одамна помина, а траеше од средината на седумдесеттите до средината на осумдесеттите. Воедно, тоа беше и златно време на домашниот клубски фудбал. Тогаш човек со мирна душа можеше да отиде на натпревар од регионална лига, како што денес го вклучува телевизорот пред Лигата на шампионите. Постоеше тоа чудо од игра, сепроникнувачко и раширено чудо, кое доаѓаше од Кајзерите до бразилската Маракана, од Пофалиќ до Вембли. И да, постоеше оној стар Вембли, кој за фудбалот беше како Плоштадот Свети Петар во Рим. Кога во 2003 беше урнат, на многумина им се урна нивниот свет. Фудбалот одамна стана бизнис. Но во еден момент фудбалот ќе стане само бизнис. Во тој миг човечката фантазија станува негов непријател, фудбалот се претвора во војна, или во лигава националистичка тирада на неталентираниот хрватски поет и амбасадор во Бразил, додека ги дочекува своите момци, онака мускулести и цврсти, кои во неговата фантазија гинат на бразилсите тревници за „Убавата наша“, како што се прикажува Хрватска во оскудната амбасадорска имагинација на Штамбук, додека со пророчки глас го навестува голот на победничкото торзо на Манџукиќ и другарите. На таа беда не се учевме, ние, собирачите на сликички од фудбалери. На тоа не нѐ учеа ни стратезите на фудбалската игра. Тоа повеќе не е наш свет. Или поточно: тоа не е мој свет.
Во тоа златно време, понесени од успехот на Панини, „Дечје новине“ од Горњи Милановац со години издаваа албуми со самолепливи сликички од сојузната југословенска фудбалска лига. И тоа го собирав. И тоа моите несреќни родители мораа да го финансираат, сѐ додека не се предадов на новинарството. Во уводот на секој албум имаше, како и во уводите на албумите на Панини, историјат на фудбалските првенства. Приказна за тоа како сѐ почнало. Така од мали се учевме колку историјата е важна во нашите животи. Но и збунувачка. Се учевме на тоа дека во животот и во фудбалот не се важни само победниците. Важен е ској човек кој на 13 февруари 1974 стоел на трибините на франкфуртскиот стадион, кога во 13-та минута од мајсторката за пласман на светското првенство во Германија помеѓу Југославија и Шпанија, Јосип Каталински скокна високо, многу повисоко од висок човек, и ја удри топката со глава. Не влезе во голот, бидејќи голманот Хозе Анхел Ирибар Кортахарена, Баскиец кој целата долга кариера ја помина во Атлетик Билбао, со рефлекс на дива мачка ја изби од гол-линијата. И ја виде Каталински, додека паѓаше на тревата, одбиената топка, и го почувствува својот босански, илиџански јад и гнев, и знаеше Каталински дека никогаш повеќе нема да се повтори 13-та минута, на 13 февруари во Франкфурт, па замавна со десната нога, и онака во пад, во антрополошки невозможна поза, ја пикна топката во рамките на голот, со што Југославија се пласираше на светското првенство. И стана важен секој човек кој тој ден се најде на трибините на стариот добар Валдстадион во Франкфурт, кој, исто така, повеќе не постои, а наместо него е изградена Комерцбанк Арената. Одговорот често е во имињата: наместо шума, изникна комерцијална банка. За некого тоа е исто. За мене не е.
Мојата фантазија никогаш не ми дозволи да гледам на фудбалот како на војна. Фудбалот за мене беше пат до уметноста, до поезијата, до епската нарација, до балетот и очајот на Јосип Каталински. Моите фудбалери се занимаваа со уметност. Не војуваа за својата татковина, ниту, како Кристијано Роналдо, го користеа постигнувањето на голот за да им го покажат на напалените амбасадори своето голо торзо. Моите фудбалери настапуваа на Вембли, во франкфуртските и максимирските шуми, пред дрвените трибини на стадионот на Грбавица, а не во - комерцијални банки. Во банките е досадно, во банките трае вечна војна. Можеби не би го знаел ни тоа да не беа сликичките на Панини.
Извор: radiosarajevo.ba