Работничката класа рано заминува во рајот

20.03.2023 03:31
Работничката класа рано заминува во рајот

За негативните последици на просторната или таканаречената социјална дистанца досега се зборуваше многу повеќе отколку за временската дистанца помеѓу богатите и сиромашните во пандемијата. Како што пишува Марко д'Ерамо во коментар за бројните понови истражувања, разликата во животниот век во САД, разликата во очекуваниот животен век помеѓу 1 процент од најбогатите и 1 процент од најсиромашните последниве неколку години е зголемена заради нееднаквата заштитеност од зараза со вирусот и неговите најлоши последици. Во 2019 година разликата во животниот век помеѓу најбогатите и најсиромашните изнесуваше 11,52 години, една година подоцна се зголеми на 14,67 години, а во 2021 година на 15,51 години. Јазот помеѓу еден процент од најбогатите и најсиромашните е малку поголем од 10 години за жени и 15 години за мажи. Заради споредба, овие разлики се исти како и разликите во животниот век помеѓу целоживотните пушачи и непушачите, или пак просечната стапка на морталитет помеѓу САД и Судан.

Иако класната разлика кај животниот век се зголемуваше и стана поизразена заради пандемијата, таа веќе прогресивно се зголемуваше со векови и може да се смета за константа на модерната цивилизација, пишува д'Ерамо кој овој феномен го нарекува биополитички јаз. Додека некои податоци посочуваат дека во предмодерниот период најбогатите живееле пократко од своите поданици заради лошите животни навики кои им ги овозможувал луксузот, со воведувањето на канализацискиот систем и водата за пиење – најпрвин во домовите на богаташите – нештата почнале да се менуваат, и тоа незапирливо. Детскиот морталитет прво е намален кај побогатите класи, кои исто така први добиле пристап до здрава исхрана и спорт/гимнастика во служба на здравјето. Иако овие ставки не останале резервирани само за најбогатите па животниот век постепено се продолжил за сите, разликата помеѓу најбогатите и најсиромашните во ниеден момент не почнала да се намалува. Напротив, со медицинскиот напредок во 20 век класниот јаз се прошири уште повеќе.

„Модерната медицина – особено кога е приватизирана и зависна од дискриминирачките режими за осигурување – стана акцелератор на нееднаквоста“, пишува д'Ерамо. Тоа го покажуваат и податоците од неколку истражувања на животниот век во САД во текот на 20 век – помеѓу 1912 и 1941 година посиромашните (долните 50 проценти во дистрибуцијата на приходите) „добиле“ само околу една година живот, додека во истиот период побогатите добиле дополнителни шест години живот. Сликата е уште појасна кога општеството ќе се подели на пет приходни класи: посиромашните доживеале незначителен раст на просечниот животен век помеѓу две генерации (родени 1930 и 1960 година), додека животниот век на најбогатите класи значително се продолжил. Во случајот со најсиромашните 20 проценти жени од овие две генерации, во тој период животниот век дури и се намалил за четири години.

Фактот дека животниот век расте со зголемувањето на приходите не е новост во општествените науки, но авторите на истражувањето на нееднаквоста во животниот век во САД помеѓу 2001 и 2014 година открија дека не постои праг, односно ниво на приходите по кое врската помеѓу зголемувањето на приходите и продолжувањето на животниот век престанува. Исто така, не постои ниво на приходите под кое пониските приходи престануваат да бидат поврзани со намалување на животниот век. Со други зборови, не постои никаков амортизер кој барем би го ублажил фактот дека колку си побогат толку подолго живееш. Најочигледен, иако не единствен, амортизер би бил јавниот здравствен систем: истражувањето на истата тема спроведено во Франција покажа дека кривата која ја прикажува врската помеѓу приходите и животниот век после одредена висина на приходите се израмнува, односно нема значителна разлика во животниот век помеѓу лицата кои заработуваат 2 500 евра месечно и оние кои заработуваат повеќе. Единствено можно објаснување истражувачите нашле во францускиот јавен здравствен систем кој, за разлика од американскиот, барем донекаде ги ублажува класните разлики.

Секако, пред доаѓање во болница постојат низа други фактори кои го одредуваат здравјето, па потоа и животниот век, заради што истражувачите од Велика Британија го развија поимот „healthspan“, кој се однесува на периодот од животот поминат без болести. Кога и тоа ќе се земе предвид, се покажува дека не само што сиромашните живеат пократко од богатите (во случајот со Обединетото Кралство, околу 74 наспроти 84 за мажи и 79 години наспроти 86 за жени), туку сиромашните имаат 18 години здрав живот помалку од богатите.

Превод: Алек Кузмановски

Насловна фотографија: Yap Kh

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото