Нееднаквоста иста како на почетокот на 20 век

29.12.2021 02:41
Нееднаквоста иста како на почетокот на 20 век

Глобалната нееднаквост е иста како при кулминацијата на западниот империјализам на почетокот од 20 век, покажува новата анализа на податоците која ја спроведе World Inequality Lab, во која учествуваа стотина истражувачи и истражувачки од целиот свет, а меѓу нив и економистите Томас Пикети и Емануел Саез. Нивното истражување покажува дека триесетте години трговска и финансиска глобализација го продлабочија јазот помеѓу богатите и сиромашните. Додека од завршувањето на Студената војна нееднаквоста меѓу државите е намалена, нееднаквоста во поголем број држави е зголемена, а дополнително ја продлабочи пандемијата во последниве две години. Извештајот покажува дека имотниот јаз помеѓу богатите и сиромашните е поголем од разликата во приходите, а минатогодишниот раст на цените на имотот резултираше со најголем раст на богатството на милијардерите досега.

Истражувањето покажува дека нееднаквоста во приходите варира во некои региони - Блискиот Исток и Северна Африка се покажаа како региони со најголема нееднаквост, а Европа како регион со најмала нееднаквост. Додека во Европа 35 проценти од приходите се кај 10 проценти од најбогатите, на Блискиот Исток и во Северна Африка тој удел се искачува до 58 проценти. Некои држави како САД, Русија и Индија бележат „спектакуларен раст“ на нееднаквоста, европските држави и Кина бележат релативно умерен раст на нееднаквоста.

Истражувањето покажа дека најбогатите 10 проценти во светот присвоиле 52 проценти од приходите и 76 проценти од имотот од 1995 година па наваму, во споредба со само 8 проценти од приходите и 2 проценти од имотот кои ѝ припаѓаат на целата долна половина од светското население. Една личност од 10-те проценти најбогати во просек заработува 108 300 евра годишно, додека личност од 50-те проценти од светското население во просек заработува 3 480 долари годишно. Богатството на 50 најбогати луѓе во светот растело за 9 проценти годишно помеѓу 1995 и 2001 година, а богатството на 500 најбогати личности растело за 7 проценти годишно. Просечното богатство пораснало за 3,2 проценти во истиот период.

„Глобалната нееднаквост е подеднакво голема денес како што беше при кулминацијата на западниот империјализам на почетокот од 20 век“, наведуваат авторите на извештајот. „Значи, уделот на приходите кај посиромашната половина од светското население е помал за половина од оној од 1820 година, пред големата дивергенција на западните држави и новите колонии“.

Иако родовиот јаз во приходите во последните 30 години е намален до одредена мера, тој сè уште е голем. Во 1990 година жените поседуваа 30 проценти од светскиот приход, а во 2020 година тој удел се искачи на 35 проценти. Авторите и авторките на извештајот заклучуваат дека напредокот во борбата против родовата нееднаквост на глобално ниво бил мошне бавен.

Лукас Шансел, главниот автор на извештајот, изјави: „Ковид кризата ги разнесе нееднаквостите помеѓу многу богатите и остатокот од населението. Сепак, во богатите држави, државната интервенција спречи масовен раст на сиромаштијата, додека тоа не беше случај во сиромашните држави. Ако ова глобално истражување може да нè научи нешто, тоа е дека нееднаквоста секогаш е политички избор.“

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Escif street art

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото