Кој има право да го критикува капитализмот?

30.08.2023 02:08
Кој има право да го критикува капитализмот?

Пред извесно време во Фајненшл Тајмс беше објавена кратка репортажа за тековниот штрајк на сценаристите и глумците во Холивуд. Еден од соговорниците, извесен Чич Манохар, важноста на отворениот класен конфликт на неочекувана локација ја сумираше вака: „Мислам дека многу луѓе се збунети кога ги гледаат ѕвездите како демонстрираат. ‘О, штрајкуваат милионерите’, помислуваат. Но, всушност, штрајкот не е за нив. Се штрајкува заради огромното мнозинство кое веќе има проблем и со започнувањето на своите кариери, зашто моменталните правила на игра не им се нималку наклонети.“

Кон средината на јули долга низа реакции предизвикаа пак изјавите на глумецот Рон Перлман. Неименуван директор на едно од водечките холивудски студија прогнозираше дека штрајкот ќе прекине кога сценаристите и глумците ќе почнат да остануваат без своите куќи, станови и пари, а Перлман му одговори со видео кое експресно стана вирално. „Сакаш луѓето да останат без своите домови и сакаш семејствата да гладуваат, додека ти заработуваш 27 ебени милиони долари годишно создавајќи ништо“, му порача заканувачки. Иако поентата за паразитирањето на плеќите на непосредните произведувачи Перлман тешко можеше да ја изведе на поефектен начин, таа во прифаќањето не наиде на претеран одек. Наместо дискусија за структурните противречности на современата филмска и телевизиска индустрија, дискусијата главно се исцрпи во дрдорење за дебелината на банкарската сметка на Перлман.

Двете епизоди можат да послужат како соодветна влезна точка за критиката на капитализмот. Имено, од каде во денешните општества се црпи легитимитетот за критикувањето на капитализмот? Или, уште поедноставно, кој има право денес да го критикува капитализмот? Ако како мерило се земат доминантните реакции на штрајкот во Холивуд – и вообичаеното приговарање од про-пазарниот камп – заправо, не е тешко да се понуди јасен одговор на ова прашање. Барем на Запад, во актуелната општествено-политичка коњуктура во која критикувањето на капитализмот е лишено од посериозна политичка поддршка, правото на приговор, повеќе или помалку, им е одземено на сите.

Промени во политичкото дејствување

За тоа какви учиноци создава критиката на капитализмот во практиката, меѓу другото, малку кажува и нивото на аргументацијата со која истата критика се настојува да се дискредитира. Вообичаено се работи за варијанти на рефренот „ако не сакате капитализам, зошто користите паметен телефон?“, што без проблем може да се види и од примерот на монологот на Перлман. Понатамошната дискусија не се сведе на релевантноста – или промашеноста – на неговата критика, туку на еден вид обид за решавање на етичката дилема. Најкратко кажано, дали критиката на човекот чие богатство се проценува на шест милиони долари едноставно е лицемерна? Со други зборови, кога зборуваме за критиката на капитализмот треба да се каже нешто и за оперативната концепција на политиката.

Во таа смисла, нештата исто така се мошне едноставни, првенствено заради тоа што станува збор за концепција која исклучува каква било идеја за принципи. Пикната во ќошот помеѓу хипериндивидуализираноста и морализирањето, политиката денес главно не се доживува како нешто повеќе од краткорочна борба за сопствените партикуларни интереси. Според тоа, богатите не можат да имаат легитимитет за да го критикуваат капитализмот, зашто сепак профитирале од системот во поголема или помала мера, а не можат да имаат ниту сиромашните, кои исто така се виновни за таквиот исход. На тој начин политичките победи и порази, по правило дискурзивни, се дефинираат со повисоки или пониски степени на морални противречности во оваа или онаа дискусија, додека капитализмот останува надвор од границите на каква било смислена структурна критика.

Најпосле, може да се каже дека токму морализирањето, како еден од главните симптоми на актуелниот политички момент, ја пополни празнината која настана со исчезнувањето на масовната политика, односно со губењето на значаењето кое им се припишуваше на политичките партии барем до падот на Берлинскиот ѕид. Во 19 и речиси целиот 20 век левите политички партии, како основни форми на политички организации, функционираа како веродостојни наратори на критиката на капитализмот, повеќе или помалку успешни, во распон од предлози за корекции на постоечкиот систем до обиди за негово надминување. Заради илустрација доволно е да се обрне внимание на хипертрофијата и растот на популарноста на книжевните текстови кои го тематизираат искуството на класниот скок во последниве триесетина години. Освојувањето на животот одоздола за што поголем број луѓе е работа на политиката, а не на книжевноста, и затоа треба да се истрае во критиката на капитализмот, без разлика колку е тмурна моменталната перспектива. А кога станува збор за легитимитетот, едноставната идеја според која нешто им должиме и на луѓето околу себеси и на светот, секогаш беше и повеќе од доволна.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Arthur Henry Young

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото