Манија на лажење

08.07.2011 11:57
Манија на лажење

Грција е релативно мала земја, ама во текот на минатата година предизвика огромни потреси во Европа. Оптоварена е од високиот државен долг кој може да ја доведе до ситуација да не може да си ги подмирува своите обврски (што би предизвикало проблеми во европскиот банкарски систем). Грција мора да усвои уште построги мерки на штедење за да обезбеди финансиска помош од ЕУ. Централно место во објаснувањата како се нашла Грција во ваква положба по правило го зазема расипничката јавна потрошувачка. Меѓутоа, фискалните неволји на оваа земја се поврзани со уште еден едноставен факт: затајувањето данок претставува национално хоби.

Еден член на Грчката централна банка минатата есен изјави дека разликата меѓу она што го должат грчките даночници и она што го платиле го достигнува износот од една третина од целокупните приходи од даноците, колку што отприлика изнесува и буџетскиот дефицит. „Сивата економија“ – легалните бизниси кои не се пријавуваат кај даночната управа – во Грција е позастапена одошто во која било друга европска земја, и претставува околу 27,5% од БДП. (Само за споредба, оваа бројка во САД изнесува околу 9%.) Притоа, културата на затајување данок има негативни последици кои ја надминуваат моменталната криза. Поради неа товарот на даночните обврски многу повеќе паѓа на чесните даночни обврзници. Ова го прави системот регресивен, со оглед на тоа дека богатите лажат повеќе од сиромашните. Исто така го прави и расипнички: ја принудува државата да троши дополнителни пари за наплата на данок (во однос на висината на БДП, Грција за наплатување данок троши четири пати повеќе пари од САД), додека истовремено, оние кои се обидуваат да затајат данок, вложуваат огромна енергија во прикривање на своите приходи.

Изгледа дека Грција има проблем со основното правило на здравиот даночен систем: спроведување на законот. Многу се поголеми изгледите дека граѓаните ќе бидат чесни и ќе ги пријават своите примања ако сметаат дека постои разумна шанса дека нечесноста ќе биде откриена и казнета. Меѓутоа, добро е познато дека грчките даночни службеници можеш лесно да ги подмитиш со факелаки (плик) со пари. Немаше политички притисок да се спроведе законот построго. Напротив, едно неодамнешно истражување покажа дека спроведувањето на даночните закони олабавило во месеците пред избори, бидејќи кандидатите не сакале да ги налутат гласачите и донаторите. Дури и во случаите кога системот успевал да ги лоцира затајувачите, речиси невозможно било да ги натера да платат, бидејќи на судовите кои се занимаваат со затајување данок во просек им треба 7-10 години да решат еден случај. Според податоците од минатиот февруари, околу 300 000 случаи чекаат на решавање.

Меѓутоа, овде не е само во прашање слабото спроведување на законот. Граѓаните на Грција го имаат и она што социолозите го нарекуваат многу низок „даночен морал“. Во најголем дел од развиените земји, луѓето плаќаат данок не само затоа што се плашат дека некој ќе ги казни туку и зашто чувствуваат одговорност да придонесат за општото добро. Но, чувството на одговорност доаѓа под одредени услови. Општо гледано, ние сме она што швајцарскиот бихејвиорален економист Бено Торглер го нарекува „социјални даночни обврзници“: ние ќе го плаќаме својот дел, сè додека веруваме дека и другите граѓани на нашата земја ќе го прават тоа, и дека нашата влада во основа е легитимна. Државите во кои луѓето имаат чувство дека влијаат на тоа како се однесува државата, и каде што постои високо ниво на доверба, во суштина имаат висока стапка на плаќање данок. Можеби тоа е причината зошто Американците, чија реторика е отровно анти-даночна, се познати како нација која во голема мера си ги плаќа даноците.

Наспроти Американците, Грците сметаат дека проневерата и корупцијата се широко распространети во деловното работење, во даночниот систем, па дури и во спортот. И не грешат: неодамна Transparency International објави дека Грција, Бугарија и Романија рамноправно го делат првото место на листата најкорумпирани европски држави. Грчката парламентарна демократија е воспоставена во релативно блиското минато, и нејзиниот легимитет е на стаклени нозе: општо мислење е дека таа претставува средство за остварување лични интереси и дека главно е посветена на своето самоодржување. Даночниот систем веќе многу долго пружа поддршка на ваквиот став, бидејќи е преполн со двосмислени дупки и исклучоци: не само што на лекарите им се одобрувале повластени даночни стапки, туку и на пејачите и спортистите, додека тајкуните-бродосопственици воопшто не плаќале данок на доход. На некои професии законски им е дозволувано да пријавуваат пониски примања од вистинските. Ако голем дел од населението лаже при плаќањето, неизбежно е дека луѓето кои не го прават тоа (или не можат, поради начинот на кој ги стекнуваат приходите) да се чувствуваат искористени.

И така настанува маѓепсаниот круг: со оглед на тоа дека затајувањето данок е толку често, луѓето уште помалку му веруваат на системот, поради што уште помалку се спремни да плаќаат данок. И бидејќи голем број граѓани не плаќаат придонеси, државата е приморана да ги зголеми даноците за оние кои плаќаат. Тоа само ја засилува мотивацијата за понатамошно лажење, со оглед на тоа дека постои директна врска меѓу високите даночни стапки и високиот процент на затајување данок.

Додека се обидува да се избори со протестите и отворените побуни, новата грчка влада започна рационализација на системот за наплата на данок. Ги поедностави даноците и укина некои дупки во законот. Покрај тоа, ги засили напорите за спроведување на законот на разни начини – даночните службеници, на пример, со хеликоптери ги надлетуваат богатите населби барајќи базени, како доказ за непријавено богатство. Нивните напори донесоа некои промени: изгледа дека еден број самовработени пријавуваат поголем процент од своите примања, додека оние кои избегнуваат да платат данок сега мораат малку повеќе да се снаоѓаат. (Денес во Грција постои исплатлив пазар за камуфлажни базенски покривки.)

Меѓутоа, општествената склоност кон затајувањето данок, еднаш изградена, тешко се искоренува. Едно фасцинантно истражување кое го спроведе економистот Мартин Хала покажа дека даночниот морал меѓу втората генерација доселеници во САД се задржува од земјата од која потекнуваат. А заземањето прецврст став може да има негативен повратен ефект. Истражувањата укажуваат дека ставањето поголем нагласок на спроведувањето на законите може да го ослаби даночниот морал, бидејќи плаќањето данок изгледа сè помалку како слободно избран дел од општествениот договор.

Сè на сè, причината поради која даночната реформа ќе биде многу тешка задача во Грција е факт таа да бара многу повеќе од промена на политиката: таа бара културна промена. Ако би се остварило ова, тоа би бил сериозен подвиг. Меѓутоа – можно е иднината на ЕУ да зависи од тоа.

Извор: The New Yorker

Velija e Grk.

Velija e Grk.

ОкоБоли главаВицФото