Во очекување на 11.11.11.

10.10.2011 15:21
Во очекување на 11.11.11.

Во првите 12 години од 21-от век ќе доживееме 12 посебни датуми. Започна со први јануари 2001 година (01.01.01.), продолжи со 02.02.02 г. и сè така до 11.11.11. и 12 декември 2012 г. (12.12.12.).

Овие дванаесет датуми се издвојуваат од сите останати во ова илјадалетие по повторувањето на три исти броеви. До оваа година ги преживеавме првите десет, а сега пред нас се двата завршни чекора во оваа игра на необичните бројки.

Најголемо внимание предизвикаа комбинации 06.06.06. и 08.08.08. Првата предизвика страв кај трудниците поради можноста на поврзување на нивното дете со злокобниот број на Антихристот, а втората ги восхити азиските земји кај кои трите осумки се сметаат за среќен предзнак. Овој датум го искористи и кинеската влада за официјален почеток на Олимписките игри кои во 2008 г. беа организирани во оваа земја.

Претстојниот единаесетти ноември веќе подолго време предизвикува внимание не само кај нумеролозите туку и кај сите оние кои се запознаени со феноменот на комбинацијата на броевите 11.11. Сè започна во 1990-те години, кога низ светот почнаа да се појавуваат вести за луѓе кои во разни необични ситуации ги среќавале тие броеви. Часовниците застанувале точно во тоа време, ненавиените будилници почнувале да ѕвонат токму во тоа време, па дури и се појавуваа кругови во житото со исцртани симболи 11.11. Во езотеричните групи почна да се шири приказната дека овие бројки претставуваат клуч за отворање на затворените врати за комуникација со вишите светови. Се шпекулираше дека овие бројки ни ги праќаат суштества од други димензии за да ни помогнат во еволуцијата на свеста и да нè подготват за големите преобразби кои следат.

Во тој контекст, датумот 11.11.11. би претставувал кулминација на делувањето на броевите 11. Се зборува дека на 11.11.2011. во 11 часот и 11 минути по универзално време ќе се отворат сите небесни порти и на тој начин ќе се овозможи контакт со највишите облици на постоење. Се појавуваат и разни пророштва. Па така, Харолд Кампинг, американски радио-проповедник, крајот на светот го предвидува за 21 ноември. До тој датум дошол преку долготрајно нумеролошко проучување на Библијата. Според него, 21 мај беше судниот ден, а сега нè очекува заминување во небесните и подземните светови.

Ноември и декември носат и неколку исклучително интересни астрономски случувања. На прво место, тоа е поминувањето на кометата Еленин која минатата година ја откри рускиот астроном со исто презиме. Според некои, нејзиното доаѓање симболично ќе иницира големи промени во свеста на човештвото и ништо повеќе нема да биде исто. Ако ги погледнеме актуелните случувања околу Волстрит, можеби и ќе поверуваме во таа прогноза. Освен кометата Еленин, тука е и астероидот 2005 YU55 кој три дена пред фамозниот 11.11.11. ќе помине покрај нашата планета. Да споменеме и дека ноќта помеѓу 10 и 11 октомври ќе биде ноќ на полна месечина, и дека две недели потоа ќе има помрачување на сонцето.

Комбинацијата 11.11.11. во филмската индустрија се прикажува во крајно негативно светло. Веќе кон крајот на 1990-те се појави хорор филм наречен „11.11. – врата“ во кој оваа комбинација е прогласена за ѓаволски број. Сега веќе се сними нов хорор со наслов „11-11-11.“ чие прикажување се најавува точно за споменатиот датум. Најавите говорат за најстрашниот филм на ужасот кој досега е снимен.

Зошто сите секогаш се обидуваат однапред да одредат што треба да доживееме? Нека 11.11.11. биде денот кога ќе излеземе вон сите наметнати предвидувања.

Извор: novossti.com