Срце

21.10.2011 11:21
Уште еден човек со три срца

Една од библиските дилеми на македонската естрада беше (и е) значењето на насловот на песната од репертоарот на Мики Јовановски Џафер "Сонце за три света". Денес, неколку децении подоцна, во седиштето на Европската Унија во Брисел на повидок е нова нершлива дилема – што значат трите срца на Никола Груевски во обраќањето до Штефан Филе? Постојат некои теории како, на пример, Мојсие го пресекол Црвеното Море за да го поведе избраниот народ, речиси е со сигурност расчистено што значи насловот на песната на Битлси "Lucy in the Sky with Diamonds", ама што значи тоа со колку срца Никола Груевски работел за да ги спроведе реформите што од него ги барала европската администрација?

Да кажеме, да имаше четири срца, тоа веќе ќе имаше некаква логика во отворениот покер што премиерот го игра со ЕУ. Вака, со трите срца и не може премногу да се блефира, освен ако едно срце не му е во ракавот, па дури и во петиците. Зашто никогаш не знаеш каква боја во своите раце чува старата европска курва.

Претпоставувам дека едното срце би можело да биде за реформите во администрацијата, второто за реформите во судството, а третото за "наводниот проблем" со слободата на говорот. Невработеноста, на пример, е бесчувствителна и затоа не е предвидено за неа ниту едно срце. Од друга страна, проблемот со срцата може да се разгледува и медицински – ако, не дај Боже, административното и судското срце прекинат со испумпување крв, секогаш е тука "наводниот проблем" со медиумите, чие срце ќе го одржи во живот медицинскиот феномен од телото на премиерот.

Речиси патетично ми делуваат обидите на колегите од Здружението на новинарите да испреговараат со Владата нормални услови и стандарди за работа. Со кого преговараат? Со вицепремиерката Теута Арифи? Погрешен избор, во стартот. Жената воопшто и не знае како е да се работи со срце, а камоли со три. Имено, таа изјави дека Извештајот на Европската Унија за состојбите во Македонија сами сме си го напишале, односно сам се напишал. Според таа логика и медиумите можат сами да се пишуваат, односно дека луѓето од Владата можат да ги пишуваат. Што очигледно и се случува. Еве, весникот кој застана на тврдењата дека во Македонија има завидно ниво на слобода на говорот, мораше да го повлече својот викенд-додаток, зашто, белким, не се напишал самиот како што треба.

Ете, на врачувањето на наградите "11 Октомври" на новинарите им беше забрането присуство. Веројатно затоа што врачувањето на едно од највисоките државни признанија претставува државна тајна од највисок приоритет. Или затоа што појавата на новинарите во Свечената сала на Собранието на Република Македонија, едноставно, може да делува прилично непристојно во контекст на целата ситуација.

Зашто, да, новинарите се познати како непристојни беспризорници, платеници, предавници, соросоиди, фабриканти, влекачи и сигурно уште дузина квалификативи. Зашто, замислете, некој се исплашил дека, чувај Боже, некој може да го праша премиерот зошто е прекинат пописот, а не, на пример, колку пати дневно вози велосипед или која му е омилена боја.

Што се однесува до пописот, и тоа е една од оние илустрации што говорат во кој тип историски времиња живееме. Ако пет децении топ прашање на македонската интелигенција беше: "Кој го уби Кочо Рацин?", сега постојат реални шанси во следните сто години да ја расчистуваме дилемата "Кој го фалсификуваше пописот?". Иако работата е прилично едноставна – не е лесно да се попишат 35 милиони македонски државјани! И така да се разоткријат сите мрачни пописни манипулации што траеја од падот на империјата на Александар Влики, па сè до појавата на Никола Груевски.

Наводно, станува збор за различно толкување на Законот за попис, односно на методологијата на неговото спроведување – дали луѓето можат да се попишуваат со фотокопирани документи или не? Кој става облог дека на следниот попис овие дилеми децидно ќе бидат расчистени и дека во Законот ќе стои дека фотокопиите се официјални документи на жителите на Република Македонија? За фотокопирана држава – сооветни државни документи.

Без оглед на осетливоста на темата, не можам а да не останам фрапиран од одлуката фотографиите на педофилите јавно да бидат објавувани. Мислам дека единственото логично објаснување за ова решение е недоволниот затворски капацитет во државата. Зашто, декларативно, барем, и нашиот казнен систем е поставен во функција на ресоцијализација. Откога некој ќе ја издржи казната за своето (не)дело, се претпоставува дека може да биде полноправен член на заедницата. Ако се процени дека тоа не е можно, постојат соодветни санкции од долгогодишни, па сè до доживотни робии. Вака, јавното објавување на докажаните и недокажаните педофили е само уште еден канал за пресметка со "неподобните", а начините на кои македонскиот нововоспоставен општествен систем се справува со оние кои мислат поинаку се толку сурови, сирови и оригинални, што јавното објавување на фотографиите на педофилите нема да делува превентивно, туку прилично посттрауматски.

Нешто слично како што делува Законот за лустрација. Наместо да се сфати дека кодошењето е неисплатлив бизнис, на секој чекор се објавува по број од некоја бесплатна телефонска линија, на која ентузијастички расположените граѓани можат до утре сабајле да ги кодошат комшиите. И тоа однесување се стимулира.

Не, не се доволни тука три срца. И цел шпил срца да чуваш во ракавот, ништо не вреди. Некако мислам дека ќе бев посреќен, ако премиерот наместо со три срца, се зафатеше на својата работа со три ума. Трите срца на премиерот не можат да бидат сурогат за безумието.

Извор: globusmagazin.com.mk

Ни грам инвентивност

Ни грам инвентивност (луцидност, фантазија) нема во ова писание. Авторот само реди настани од минатата недела и ги користи како мотив за плукање по владата.

Но, добро, и тоа треба да му го одработува некој на Б. Шетачот...

ОкоБоли главаВицФото