Камбиз и Лулу

22.11.2011 14:27
Камбиз и Лулу

Пред партискиот подмладок водачот некни уште еднаш згрме против „досега незабележаната медиумска хајка од една мафијашка структура, која, држејќи во заложништво група новинари, сакаше да и’ ја скрши кичмата на Македонија“.

Топчето што го фрли газдата вообичаено беше фатено уште во лет. Керберите на режимот, од разни страни, веднаш (тренирани по методата на Павлов) почнаа да ржат, да лаат, да гризат, започнувајќи го новиот круг „откривање непријатели“, овојпат меѓу новинарите.

Всушност, не станува збор за кербери. Расата на режимските дотрпезни кучиња влече накај малиот пес од јапонска раса од дворот на етиопскиот цар Хаиле Селасие. Тоа куче е славно. Се викало Лулу. (Лулу може да биде згодно генеричко име за целата раса режимски ѕверчиња.) Лулу имал право да спие во царската спална. За време на разните церемонии бегал од колената на царот и им ги помочувал чевлите на дворските моќници. Но, господата моќници, стаписани пред царот, не смееле ни да мрднат, ни да направат каков било гест кога ќе осетеле дека им е мокро во чевлите. Постоел специјален царски слуга кој одел помеѓу вкочанетите достоинственици и со атласна крпа им ја бришел мочката од чевлите.

Та така и кај нас, некои палаво трчкаат наоколу, ржат и замо(л)чуваат, а некои, особено меѓу моќниците и „достоинствениците“, се стаписани од страв и со помочани ногавици. Уште им се главите на рамењата, благодарни му се на малиот цар, т.е. на Малиот-Големиот, Златниот-Црниот. Знаат нашиве дека може да биде и многу полошо од ова, од селективниов дисциплинирачки отстрел, колку да работи фасцинантната кафкијанска машина во Казненичката колонија. Знаат дека царот може и да ја врати техниката лиебаша, за откривање лопови. Нашиот просветлен цар, исто како и Хаиле Селасие некогаш, го искоренува тие варварски дисциплинирачки техники, но ако народот премногу забега, ако непријателот премногу почне да се коти...

А на зборот „лиебаша“ на нашите дотрпезни кучиња лигите почнуваат уште поинтензивно да им течат. Да го запознаеме гордиот македонски народ („со кичма“) со уште една етиопска метода за чување на исправената народна кичма. Лиебаша е полициско-шаманистичка техника на откривање на виновникот. Врачевите им даваат тајни треви на мали момчиња, а овие, омамени, зашеметени, водени од натприродни сили, влегуваат во некоја куќа и го покажуваат виновникот. На покажаниот, според традицијата, му биле сечени рацете и нозете.

Та така и кај нас двајца од Лулу-керберите на Малиот-Големиот, да ги наречеме Латекс и Матекс, копнеат за поголеми овластувања, „дури ни посебниве истражни мерки не се доволни, накотен е олошов, непријателов... Замисли го само, пријателе, животот во земја во којашто во секој момент на кој било човек - јал невин јал крив, битно ли е?!, ние дисциплинираме, не делиме правда! - можеме да му одгриземе рака или нога... Заправо, не мора ни да гриземе, доволно е да го пуштиме подмладоков по улици, ете, си седиш на „Ленинова“ и одеднаш те фаќа за ногавица зашеметено вмровско дете и веднаш толпата од оближните кафеа рипа на нозе и почнува да сече, или си седиш дома, на МТВ гледаш документарци за вечна Македонија, упаѓа пијан ама горд вмровски младинец, те извлекуваат во дворот и те делкаат, т.е. спроведуваат космичка правда, нешто што е поголемо од самите нив...“ „Е, Латекс, Латекс“, одговара вториот Лулу-кербер, „како би било фино да се вратиме во детските денови, или да се камуфлираме во деца, па зашеметени од прекрасните лепаци на груевизмот, да гриземе народ што по улици а богами и по галерии, ко оној лудакот Кулик, па да ги обележуваме и замочуваме непријателите, чисто за и малку да ја развеселиме нашава незгодна ловечка работа...“

***

Се разбира, проблемот не е толку во „Лулу-керберите“ (иако и тоа е дел од проблемот), туку во царот. Теоретичарката на лидерството Џејн Липман-Блумен ги проучувала, како што вели, „токсичните лидери“. „Тоа се луѓе чие „разорно однесување и нефункционални лични особини создаваат сериозен и долгорочен отровен ефект... над оние со кои владејат“. „Токсичните лидери“ работат за остварување на своите лични цели и обично ги оставаат следбениците во многу полоша состојба од онаа во која ги затекнале. Таа верува дека ние ги следиме речиси инстинктивно, поради нашата всадена доверба во водачот и желбата некој „одозгора“ да нè заштити. „Вистинските проблеми настануваат кога водачите почнуваат да веруваат дека навистина се посебни и дека се над законот. Токсичниот лидер се појавува како јунак или спасител, но многу брзо слизнува во корупција. Воопшто не треба да се заборави дека отровот обично нè намамува со својот сладок вкус, а потоа долго не можеме да го исфрлиме од организмот“, вели Липман-Блумен.

И Сем Вакнин неодамна пишуваше за типот на лидерство што ја тресе Македонија како бунило. Анализите на Вакнин за нас се посебно интересни зашто тој ги знае актерите на актуелнава македонска драма и приватно, одблиску, така што не се потпира само на изострените сетила за глобална политичка анализа... Вака Вакнин ги опишува „токсичните лидери“: „Вообичаено станува збор за луѓе со многу мала биографија, коишто постигнале многу малку пред да се издигнат на позицијата. Изгледа како да изникнале од земја. Се прифаќаат како месии испратени од небото токму поради тоа што не се оптоварени од познато минато, па, така, се навидум неоптоварени со претходни поврзаности и обврски. Нивната единствена должност е кон иднината. Тие се аисторични: немаат историја и се над историјата. Токму овој јасен недостиг на биографија ги квалификува овие лидери да отсликуваат и да донесат фантастична и грандиозна иднина. Тие се како празни кино-екрани на коишто масите ги проектираат своите одлики, желби, лични биографии, потреби и копнежи. Колку повеќе овие лидери застрануваат од нивните почетни ветувања и колку повеќе не успеваат, толку повеќе им легнуваат на срце на избирачите. Како и тие, нивниот новоизбран лидер се бори, се справува, се обидува и не успева, и, како и тие, има свои мани и пороци. Оваа приврзаност е шармантна, таа освојува. Таа помага да се створи заедничка психоза (follies-a-plusieurs) меѓу владетелот и народот и поттикнува создавање на култ на светец.“

***

Денешниот текст го завршуваме со секогаш инспиративното и свежо четиво, „Историјата“ на Херодот. Во ова парче (патем спомнувајќи ја и Етиопија) Херодот пишува за Камбиз, кралот кој владеел во годините 529-522 пред нашата ера со тогаш големото царство Персија:

„Според сè сосема ми е јасно дека Камбиз бил потполно луд... Првиот злостор што го направил бил над сопствениот брат Смердис... Зборуваат дека Камбиз започнал со тој злостор, а вториот го извршил врз својата сестра која го следела на патот кон Египет, а која ја земал и за жена иако му била сестра од исти татко и мајка... Друг пат фатил дванаесет персиски угледници без какви било веродостојни причини и ги закопал живи главешкум... Во многу случаи искажал такво лудило и спрема своите сојузници, а кога бил во Мемфис, ги отворал древните гробници и ги набљудувал мртовците... Тогаш Камбиз збеснал и почнал да ја подига војската против Етиопците без да заповеди да се подготви некаква залиха од храна, ниту пак повел сметка за тоа дека тргнал да оди до крајот на светот: како што збеснал и се избезумил... така тргнал во војна... Пред војската до измине една петина од патот, останале без целата храна што ја имале, а потоа останале и без влечната стока бидејќи ја изеле. Камбиз, кога тоа го видел, да започнал да се предомислува и да ја повлекува својата војска, наспроти грешката во самиот почеток, ќе се покажел како мудар човек; но, не водејќи сметка за ништо, тој постојано одел напред. Додека војниците можеле нешто да земаат од тлото, преживувале јадејќи корења, но кога стигнале до песокот, некои од нив направиле страшна работа: избирале меѓу себе еден од десетината и го јаделе. Кога Камбиз дознал за тоа, се исплашил сите меѓусебно да не се изедат, па се откажал од походот кон Етиопците и почнал да се враќа...“

Колажи: Anthony Zinonos

Не се ни кучиња бе Геле. Тоа

Не се ни кучиња бе Геле. Тоа се хрчаци кои некој ги убедил дека можат да бидат опасни. Исто како Пастир кога го убедиле како мал дека со боксирање може да ги реши сите кои го малтретирале во школо. Ама не ги решил, па сега не решава нас.

И нашиве млади ќе лаат ама за

И нашиве млади ќе лаат ама за 5-10 години ќе се каат кому му ја давале поддршката. Само ќе остане едиповската дилема дали е злочин незнаењето дека му се дава поддршка на авторитарен режим или незнаењето ќе се покаже како виза за амнестија (ignorance is bliss). Нешто како кога ги прашале поддржувачите на третиот рајх дали знаеле што се прави со Евреите во конц логорите. Одговориле дека не знаеле, меѓутоа колективната одговорност не се брише лесно... Аналогијата можеби е претерана, меѓутоа малку хипербола не шкоди.
 

Не можам да најдам соодветни

Не можам да најдам соодветни зборови, со кои би го изразил моето противење кон практиката на политичките партии (секаде во светот)да формираат партиски подмладоци.Во најмала рака, тоа не е фер спрема сопствените деца (деца на активистите)а што да се каже за останатите. Се врши киднапирање и „кастрација„ на слободата на идеолошко определување и, „инплантација„ на „идеолошки канцер„ врз организам, кој е во феза на формирање. Идеолошката определба треба да биде резултат на осознавање на општествените односи, а тоа осознавање, не е дозволиво и не може да се сервира на тацна, или со индоктринации, манипулации па некогаш и со корупција, уцена и присила де се в‘садува во човековиот ум. Последиците, покажала историјата, често пати биле трагични пред се за поединецот, а потоа и за општеството.
Нај погубана е „идеологијата„ зад која не стои идеологија, туку приземни интереси, или што е уште пострашно, „болни„ амбиции.
Егземплар: - Г(у)руја и фемили.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото