Сеир

22.07.2009 11:07
onthebeach-large.jpg

Многу ми беше чуден моментот што во ниту во една од рекламите за туристичка промоција на Македонија не беше соодветно третиран „сеирот“ како национално културно богатство и културна специфика на земјава.

Наместо фино да се спакува како „the ancient art of seir“ и да му се „продава“ на светот како „Only in Macedonia“ (Само во Македонија), авторите на кампањата и видеата се одлучија за друг правец на промовирање (главно, фалење со природните и културните богатства, кои бездушно ги уништуваме и распродаваме на секој чекор). Нејсе, нивно право, но пропуштена е извонредна можност пошироко да се промовира овој значаен дел од нашата локална култура.

Знам дека е зортно да се спакува сеирот како позитивна туристичка вредност (на пример тешко дека ќе привлечеш некого со кампања од типот „Добродојдовте во Македонија, место каде можете да скапете на улица без никој да ве погледне!“), но мислам дека постојат начини самиот сеир да се спакува на начин кој ќе го заскокотка вниманието и интересот на туристите, но и другите заинтересирани странки и странци, вољни да видат нешто различно и впечатливо. Со други зборови, сеиров да биде некаква штица отскочница за нашиот поконвенционален туризам.

Сеирот, кој потекнува од турскиот збор за „гледа“, во суштина претставува еден вид „анти-Брацо-gaze“, односно „зјапачки опул“ кој не помага, туку му одмага на предметот на гледањето. Културата на сеирот е така проширена што е широко застапена на многу места и во безброј контексти: на улица, во продавница, на шалтер, во амбуланта, на спортските терени, во фабриките, со еден збор сегде каде можеш да сретнеш граѓанин на оваа земја. Обично оди со активни глаголи: „прави (сеир)“ и „фаќа (сеир)“, иако во него нема ништо активно, а има и целосно плеоназични форми: „виде сеир“ и „гледа сеир“. Во секој случај парадоксот е некако близок и сроден со самиот сеир.

Сеирот како појава има свои паралелизми и во животинскиот свет, па постојат два вида примери и тоа: а) ексхалациски или олеснувачки сеир: кога предаторите ќе нападнат некои од тревопасите, па другите кога ќе видат дека некој од нив веќе е „печен“ онака спокојно гледаат како оди курбан кутрото животинче, среќни што тие не се дел од предаторската гозба; б) лукративен или профитерски сеир: во случајот на лешинарите каде гледањето на нечие страдание нужно води и кон нивно омрсување.

На сеирот можe да му се пријде и од друг агол, психоаналитичкиот. Според Фројдовите концепти, сеирот би можел да се нарече мек садизам, односно ужифкање во измачувањето на другиот. Иако во сеирот има еден тивок еротизам, сепак, иако искуството е уживачко, тоа не е директно сексуално. Со други зборови, „сеирот“ може да се смета за еден вид мутирана форма и на воајерство, која се развила во средина со изразена патријахална вредносна матрица каде сексуалните канали во однос на гледањето биле целосно затворени. И сега, наместо вообичаената сексуална сензибилизација на гледањето, како што е случај кај садо-воајерот, сеирот се оформил како усвоена културна форма позиционирана негде помеѓу садизам и воајерство, во несексуална смисла, и која претставува своевидна супституција.

Оваа (пер)мутација на еротското, има своја терапевтска функција за сеирџијата (субјектот на гледањето), па преку одреден конвенционален каузализам, сличен на олеснувачкиот сеир, „штом на Другиот му е лошо, ерго мене мора да ми е добро“, генерира позитивни, на свој начин, мисли и емоции кај сеирџијата. Ономатопејата која вообичаено оди со сеирот е „хе-хе“.

Говорено во историска смисла, не е познато кога всушност настанал сеирот. Дали е донесен од другите краишта на османлиската империја не е познато, како и тоа дали концептот за сеир постоел и пред да се прифати турскиот збор кој го покрил овој термин. Постојат некои теории (јаничарска теорија, арач теорија, апсаана теорија, и слично), но ниту една од нив до сега не е поткрепена со поиздржани докази и аргументи.

Сеирот, може да се каже, не е ендемичен феномен за земјава (види, на пример, ликот на Нелсон од Симпсонови), но мора да се признае дека локално е извонредно развиен, проширен и надграден.

Но, вистинската суштина на сеирот е пасивноста. Да не се реагира на нештата околу себе, да се повлечеш од настаните, да ја отуѓиш својата природна проактивност, т.е. оној дел кој прачовекот го извел надвор од пештерата или ,лингвистички кажано, да не бидеш подмет, туку прилошка определба. Сеирот е културен алгоритам според кој припадниците на таквата култура се впуштаат во ритуалот наречен сеир, и благоугодното гледање на туѓото страдание, но во крајна инстанца заразени со ваквиот вирус на пасивност ја уништуваат самата заедница на која припаѓаат, а со тоа и самите себе.

Како?

На пример, како што е тоа случај во поемата на Мартин Нимулер (Martin Niemöller) „Првин дојдоа...“:


Првин дојдоа по комунистите, молчев, не бев комунист. Потем дојдоа по синдикалците, траев, не бев синдикалец. Потем дојдоа по Евреите, не протестирав, не бев Евреин. На крај дојдоа и по мене, а немаше кој да протестира...

Така е и кај сеирот, кусо задоволство на отсутност од реалноста која го возвраќа својот удар, бавно но неизбежно. Реалноста е „дама“ која не милува да ја игнорираат.

 

слики:Damian Loeb

ОкоБоли главаВицФото