Прафашизам

24.07.2009 14:10
CN9=.jpg

Фашизмот би можел да се примени како назнака за најразлични цели, бидејќи еден фашистички режим останува препознатлив како фашистички и тогаш кога ќе му се одземат едно или повеќе обележја.

Ако од фашизмот го извадиме имеријализмот, сеуште ги имаме Франко и Салазар. Ако, понатаму, го одземеме колонијализмот, тогаш сеуште ни останува балканскиот фашизам на усташите. Доколку на италијанскиот фашизам му го додадеме радикалниот антикапитализам (кој врз Мусолини никогаш не дејствуваше нешто особено) тогаш го имаме Езра Паунд. Ако ги додадеме уште и култот на келтската митологија и гралската мистика (што на службениот фашизам му е потполно туѓо), тогаш пред себе го имаме едниот од најугледните фашистички гуруа, Јулиус Евола.

И покрај оваа нејаснотија сметам дека е можно да се состави една листа на обележја која ќе биде типична за творбата што сакам да ја означам како прафашизам или вечен фашизам. Тие обележја не можат да се организираат во систем; многумина од нив меѓусебно си противречат и, покрај тоа, можат да се класифицираат и меѓу некои други форми на деспотизам или фанатизам. Но, секое посебно може да стане точката на кристализација за фашизмот.

1. Првото обележје на прафашизмот е култот на традицијата. Се разбира, традиционализмот е многу постар од фашизмот. Тој не беше типичен само за контрареволуционерното католичко мислење по Француската револуција, туку настанал уште во доцното хеленистичко раздобје како реакција на класичниот грчки рационализам. Во медитеранскиот простор луѓето од различни религии (милостиво прифатени, во поголем дел, од римскиот пантеон) почнале да сонуваат за објавата примена во зората на човечката историја. Таа објава, според традиционалната мистика, долго време остана скриена под велот на заборавените јазици - во египетските хиероглифи, меѓу келтските руна, во пергаментите на слабо познатите религии на Азија.

Таа нова култура морала да биде синкретистичка. Синкретизмот не е само, како што вели речникот, "комбинација на различни верски форми или верски пракси"; таквата комбинација мора да ги толерира противречностите. Секоја од изворните пораки содржи една ронка од мудроста и понекогаш изгледа дека тие зборуваат различни и неспоиви нешта; тоа е само затоа што сите тие алудираат, алегорично, на истата изворна вистина.
Затоа не може да има никаков напредок во осознавањето. Вистината еднаш засекогаш е објавена и нам само ни преостанува да ја протолкуваме нејзината опскурна порака.

Доволно е само да се погледне програмата на било кое фашистичко движење за да се пронајдат главните традиционалистички мислители. Нацистичката гноза се хранеше од традиционалистичките, синкретистички, окултни елементи. Највлијателниот зачетник на теориите на новата италијанска десница, Јулиус Евола, ги стопи Светиот грал и Протоколите на сионските мудреци, алхемијата со Светото римско и со германското царство. Тоа што италијанската десница од неодамна го збогати својот канон со делата на Де Мејстр, Генон и Грамши, за да ја демонстрира својата отвореност, доказ е за синкретизмот.

Ако човек по американските книжари продушка по полиците со етикетата њу ејџ, ќе го најде таму дури и свети Августин, кој, според она што јас го знам, не бил никаков фашист. Но, да се поврзе Августин со Стоунхенџ - тоа е симптом на прафашизмот.

2. Традиционализмот имплицира отфрлување на модерната. Како фашистите така и нацистите ја почитуваа технологијата, додека традиционалистичките мислители обично ја отфрлаат како негација на традиционалните духовни вредности. Меѓутоа, иако нацизмот беше горд на своите индустриски достигнувања, неговиот модернизам лежеше само на површината на една идеологија темелена на крвта и тлото (Blut und Bloden). Одбивањето на модерниот свет се камуфлираше како одбивање на капиталистичкиот начин на живот, но во прв ред стануваше збор за одбивање на духот од 1789. (и 1776., се разбира). Просветеноста, векот на умот, се смета како почеток на модерното изопачување. Во таа смисла прафашизмот може да се дефинира како ирационализам.

3. Ирационализмот исто така е зависен од култот на акција поради акција. Една во себе убава акција мора да успее пред мислењето или во потполност без мислењето. Мислењето е форма на кастрација. Оттаму културата станува сомнителна штом ќе се идентифицира со критичките ставови.

Недовербата спрема светот на интелектот секогаш била симптом на прафашизмот, од Геринговиот отворен став ("Кога ќе го слушнам зборот култура, се фаќам за пиштолот") до честата употреба на изразите какви што се "дегенерирани интелектуалци", "јајцеглавци", "јалови снобови", "универзитетите се гнезда на црвените" итн. Службените фашистички интелектуалци главно беа ангажирани на напаѓањето врз модерната култура и либералната интелигенција поради предавство на традиционалните вредности.

4. Никаква синкретистичка вера не може да и’ се спротивстави на аналитичката критика. Критичкиот дух спроведува разликувања. Во модерната култура научната заедница го фали неслагањето како нешто корисно за збогатување на знаењето. За прафашизмот неслагањето е предавство.

5. Впрочем, разликите во мислењето се знак на разноликоста. Прафашизмот расте и бара поддршка така што го користи и заострува природниот страв од различното. Првиот апел на едно фашистичко или предфашистичко движење е насочен против дојденците. Така прафашизмот по дефиниција е расистички.

6. Прафашизмот настанал од индивидуалната или социјална фрустрација. Затоа кон типичните обележја на историскиот фашизам припаѓа апелот кон фрустрираната средна класа, која страда под економска криза или под чувството на политичко понижување и којашто се плаши од притисоците на социјалните групи одоздола. Во нашево време, кога старите "пролетери" станаа малограѓани (а лумпенпролетерите главно се исклучени од политичката сцена) фашизмот на утрешнината ќе ја најде својата публика во тоа ново мнозинство.

7. На луѓето коишто чувствуваат дека им е грабнат нивниот сопствен социјален идентитет, прафашизмот им доделува една единствена и најчеста привилегија: дека се родени во иста земја. Тоа е извор на национализмот. Освен тоа, една нација доаѓа до идентитет само црпејќи од своите непријатели. Затоа во корените на прафашистичката психологија лежи опсесијата на завера; најдобро е меѓународна завера. Следбениците мораат да се чувствуваат опколени. Таа звера најлесно се надминува со повик за омраза кон странците. Но заверата може да дојде и однатре: Евреите обично се најдобра цел бидејќи ја имаат таа предност едновремено да се и внатре и вон. Во САД една проминентна инстанца на оваа опсесија на завера може да се препознае во The New World Order на Пет Робертсон, но, како што неодамна видовме, има и многу други.

8. Следбениците мораат да се чувствуваат понижени од очигледното богатство и моќ на своите непријатели. Кога бев момче ме научија да мислам за Англичаните како за народ со пет оброци. Тие јадеа почесто од сиромашните но умерени Италијани. Евреите се богати и меѓусебно се помагаат низ тајни мрежи на взаемна поддршка.

Следбениците, меѓутоа, исто така мораат да бидат уверени дека можат да ги победат своите непријатели. Така, со непрекинато придвижување на реторичкиот фокус непријателите истовремено се и премногу силни и премногу слаби. Фашистичките влади осудени се на тоа да ги губат војните, бидејќи конститутивно се неспособни реално да ја проценат силата на непријателот.

9. Во прафашизмот не постои борба за живот, напротив, животот се живее само поради борбата. Поради тоа, Пацифизмот е колаборација со непријателот. Тој е лош, бидејќи животот е непрекината борба. Тоа пак води кон армагедон комплексот. Бидејќи непријателите мораат да бидат победени, нужна е една решителна битка по која движењето ќе завладее со светот. Таквото "конечно решение" имплицира одново едно раздобје на мир, ново златно доба, што му противречи на начелото на непрекината војна. Ниеден фашистички водач никогаш не успеал да го реши тој проблем.

10. Елитизмот е типичен аспект на секоја реакционарна идеологија, доколку во основа е аристократски, а аристократскиот и милитаристичкиот елитизам имаат една сурово обележје - презирање на послабите. Прафашизмот може да биде застапуван само од еден популарен елитизам. Секој граѓанин му припаѓа на најдобриот народ на светот, најдобрите граѓани се членови на партијата, секој граѓанин може (или треба) да и’ пристапи на партијата. Меѓутоа, без плебејци нема патриции.

Водачот знае дека неговата моќ не е демократски пренесена врз него туку е насилно освоена и нему исто така му е јасно дека неговата снага произлегува од слабоста на масите; тие се толку слаби што им треба водач.

А бидејќи групата е хиерархиски организирана (според војничкиот модел), секој од пониските водачи ги презира своите потчинети, како што и секој од потчинетиве ги презира оние нему потчинети. Тоа ја засилува свеста за масовниот елитизам.

11. Во една таква перспектива секој се одгледува за јунаштво. Во секоја митологија јунакот е извонредно суштество, но во прафашистичката идеологија јунаштвото е норма. Овој култ на јунаштвото најтесно е поврзан со култот на смртта. Не беше случајно што мотото на фалангистите гласеше: "Вива ла Муерте!" ("Да живее Смртта").

Во нефашистичките општества за лаиците смртта се смета како една непријатна појава што треба да се пречека достоинствено; на верникот, смртта му е болен пат кон неземската среќа. Спротивно од тоа, прафашистичкиот јунак бара јуначка смрт како најдобра награда за јуначкиот живот. Прафашистичкиот јунак ја очекува смртта со нетрпение. Во своето нетрпение тој најчесто другите ги праќа во смрт.

12. Бидејќи бесконечната војна и хероизмот навистина се тешки игри, фашистот својата волја за моќ ја пренесува на сексуалноста. Овде лежи изворот на мачизмот (во кој освен презирот кон жените спаѓа и насилничката нетолерантност спрема невообичаените сексуални навики, од невиноста до хомосексуалноста). А бидејќи и сексуалноста е сложена игра, прафашистот е наклонет кон игрите со оружје - настанува фаличката ерсац вежба.

 

13. Прафашизмот се темели врз еден селективен популизам, врз еден речиси квалитативен популизам. Во демократијата граѓаните имаат индивидуални права, но земени во целина тие поседуваат политичко влијание само со оглед на едно квантитативно гледиште - се следат одлуките на мнозинството. За прафашизмот индивидуите како индивидуи немаат никакви права, додека народот, напротив, е сфатен како квалитет, како монолитен ентитет кој ја изразува заедничката волја. А бидејќи големиот квантитет од луѓе не може да има никаква заедничка волја, водачот се претставува како нејзин толкувач.

Губејќи ја својата делегирана моќ, граѓаните веќе не дејствуваат; тие се повикуваат само тогаш кога треба да се одигра улогата на народот. Затоа народот и не е ништо друго освен една театрална фикција. Како добар пример за тој квалитативен популизам веќе не ни се потребни Пјаца Венециј во Рим или Нирнбершкиот стадион. Во иднината не’ чека еден ТВ- или Интернет-популизам во кој емоционалната реакција на некоја одбрана група на граѓани ќе може да биде претставена и прифатена како глас на народот.

На темелот на својот квалитативен популизам прафашизмот мора да биде против "гнилата" парламентарна власт." Една од првите реченици на Мусолини во италијанскиот парламент беше: "Ова глуво и мрачно место можев да го претворам во логор за моите манипули" - "манипули" се единиците од коишто се состоела традиционалната римска легија. Всушност, тој веднаш пронајде подобро сместување за своите манипули, но нешто подоцна го ликвидира и парламентот. Таму каде што некој политичар ја доведува во прашање легитимноста на парламентот затоа што тој веќе не ја изразува волјата на народот, тука смрди на прафашизам.

14. Прафашизмот зборува новоговор. Орвел во "1984" го измисли њу спик како службен јазик на Ингсоц, англискиот социјализам. Но елементите на прафашизмот се заеднички за различни форми на диктатура. Сите нацистички или фашистички школски учебници се служеа со осиромашен вокабулар и со елементарна синтакса, за да можат во корен да ги сосечат инструментите на комплексното и критичко мислење. Но, мораме да се подготвиме и за други форми на новоговор, дури и кога се појавуваат во наизглед невиниот облик на популарниот talk show.

превод: П. Вулкански

Илустрации: Анита Кунц

fashizam i mk

Eko ko da ja opishuva Grcija! Lugje, mora da se dademe vo borba protiv fashizmot. Shto bi reklo edno poznato makedonsko, novinarsko pero, profashisticki orientirano: "Otpot, stoko, otpor!".

 Па и ко да ја опишува

 Па и ко да ја опишува Македонија, нели, ах колку сличности имаме со грција :)

Слични содржини

Никола Гелевски
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото