Човекот кој го одби нацистичкиот поздрав

13.02.2012 13:55
Човекот кој го одби нацистичкиот поздрав

Човекот се вика Аугуст Ландмесер (August Landmesser). Еден ден во 1936 г., во Хитлерова Германија, одбил да ја крене раката во знак на нацистичкиот поздрав, среде толпата во која сите ја креваат својата рака за да го поздрават и прослават запловувањето на новиот брод од хамбуршкото пристаниште. Сцената ја овековечил некој непознат фотограф. А снимката се појави пред неколку дена на интернет и за кратко време го обиколи светот.

Фотографијата беше поставена на 4 февруари на Фејсбук страницата на една организација која се обидува да им помогне на жртвите од земјотресот кој пред речиси една година ја погоди Јапонија. Земјотресот резултираше со разорно цунами и катастрофата во нуклеарната централа во Фукушима. Оттогаш над 90.000 корисници на Фејсбук кликнале на „ми се допаѓа“ под оваа фотографија, а над 30.000 ја споделиле со останатите. Фотографијата предизвика и околу 7.000 коментари.

За јапонската организација „Сенри но мичи“ овој миг ја симболизира „храброста да се рече ’не’“. „Храброст“ е и насловот кој на оваа фотографија ѝ го даде Fasena, информативна интернет страница за концентрациониот логор Аушвиц.

Кога фотографијата била снимена Аугуст Ландмасер сè уште работел на бродоградилиштето во Хамбург. Оттаму и доаѓа неговото присуство при пуштањето на бродот „Blohm & Voss“ во употреба. Според страницата која ја цитираше Huffington Post, тој ден и самиот Адолф Хитлер се нашол во Хамбург за да присуствува на свеченоста.

„Аугуст Ландмасер има свои лични причини да не го направи нацистичкиот поздрав“, пишува на страницата на Washington Post.

Една година пред да настане оваа фотографија, во 1935-тата, 25-годишното момче Аугуст, кое се жени со Ирма Еклер, 22-годишна девојка, наидува на сериозен проблем – Ирма е Еврејка, а во тоа време Евреите биле прогонувани во Германија, и бракот со нив бил забранет. Поради тоа, Ландмасер е исклучен од нацистичката партија, чиј член бил уште од 1931 г. Но оваа двојка ѝ пркоси на нацистичка Германија, носејќи на свет две ќерки, Ингрид во 1935 и Ирене во 1936 г.

Уапсени се 1938 г. Аугуст и неговата сопруга се затворени бидејќи „ја посрамотиле расата“. Осудени се на присилна работа. Аугуст е ослободен 1941, но веднаш потоа бил испратен на фронт, каде што му се губи секоја трага. Неговата сопруга најверојатно умрела во заточеништво во 1942 г. Обете ќерки се испратени во сиропиталиште, но преживеале.

Како се знае дека станува збор токму за него на оваа фотографија која е воздигната до култна икона? Во 1991 г. Ирене го препознава татка си на фотографијата која ја употребил еден германски дневен весник. Веќе неколку години таа собира документи за судбината на своите најблиски. Составила дури и книга, која ја објавила во 1996 г. и во која раскажува за историјата на семејството кое „било растргнато од нацистичка Германија“.

Извор: tacno.net

Фала ви за ова

Фала ви за ова

Типов ми личи на Дејвид Линч

Типов ми личи на Дејвид Линч и со тоа фотографијата ми е уште појака. Ууааа за едноумието!

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото