Мантра

18.02.2012 10:26
Мантра

Екологистите имаат една мантра дека човекот живее или треба да живее во согласност со природата. Тоа со други зборови значи дека и општеството, како човечка творба, функционира во содејство со природните услови. Ако сакаме тоа да го преведеме на политички јазик, а екологијата, де факто, е политичка категорија, тоа, според природните услови во кои живее оригиналниот егземплар на Македоноидите, би требало да значи дека овдешниот резидент преку лето е спородвижечко и речиси неактивно животно, додека преку зима паѓа во длабока хибернација, односно во зимски сон. Од друга страна, што се случува кога ни се случува она што сега се случува? Значи, кога со ништо непредизвикана ќе нè погоди онаа чудна и изненадувачка појава, која вообичаено нè напаѓа во правилни временски интервали, односно во ова време на годината. Екологистичката теорија, ете, дефинитивно се потврдува во пракса: кога ќе падне снег настанува – хаос.

Просто е неверојатно како хаосот функционира врз главите на луѓето, а следствено на тоа и врз севкупното политичко и општествено битие. Ете, по Марјан Додовски, и Филип Петровски се врати во матичната ВМРО-ДПМНЕ. Тоа некогашниот десничарски опозиционер го протолкува со потребата за окрупнување на десницата. Што е своевидна екологистичка мантра од времето кога Петровски штрајкуваше со глад пред Собранието на Република Македонија, а против решението идните учители по албански јазик да учат на албански јазик на тогашната Педагошка академија. Беше конзистентен Петровски во својот став и кога своевремено се дистанцираше од сегашната му старо-нова партија и му се придружи на Љубе Бошковски. Што е најинтересно, Филип Петровски, и кога се одвои од Љубе Бошковски и ја направи Демократска десница, тоа го направи во име на окрупнување на десницата во Македонија. Во секој случај, во владеачката партија мора да се среќни – сега се прилично крупни. Просто, човек да им препорача диета.

Така некако изгледа општествено-политичкиот сообраќај во завиената во снег родина Македонија. Ете, медиумите објавуваат дека СДСМ нема намера да се откаже од својата сизифовска агенда. Значи, не е важно што се прави кон внатре, туку е важно она за понадвор. Во саботата одржаа меѓународна конференција со претставници на европските социјал-демократи за македонските аспирации кон ЕУ. И добија, барем според новинските известувачи, токму таков одговор – од понадвор. Имено, бор-машина зуела цело време во близина на салата каде што се одржувала Конференцијата, така што практично никој никого не можел да слушне. Во секој случај, станува збор за целосно неинвентивна и излишна постапка. И без бор-машина, па дури и без оној неограничен шум што го предизвикуваат машините од агилната градежна оператива што работи врз проектот „Скопје 2014“, самото споменување на Европа кај нас (по рефлекс, дури) предизвикува шум и зуење во ушите, кои не дозволуваат да слушнеме било што. Па, затоа наместо зборот „Европа“, на пример, често слушаме „тропа“.

Не е тоа недоразбирање, тоа е проблем со центарот за рамнотежа, ушните тапанчиња и елементарната логика. На „Гоце фест“, на пример, на тој славен фестивал што, во согласност со името што го носи, служи како имбецилно поле за идиотски националистички натпревар на таканаречените стихоклепци, барем така велат, можел да се слушне и стих „Лепче сол ќе јадеме/ јазикот не го даваме“. Откритието дека и од сол може да се прави леб, бездруго, ќе предизвика револуција во општата кулинарска вештина, не е ни толку битно, ама категоричкиот став дека јазикот не го даваме го буди целиот мој кулинарски патос и го крева до невидени височини. Тоа само ја покажува мојата национална решеност дека јас ќе се помирам со секој вид исхрана (особено ако станува збор за производи од македонско потекло), ама органот со сетилото за вкус нема да го дадам. Со оглед на фактот дека Коце Трајановски ја потроши солта и за следната година, можам да дадам една добронамерна забелешка – наместо „лепче сол“ треба да стои „и снег со сол“. Така ми е некако поверодостојно со оглед на актуелните ресурси за исхрана на овдешната попуација. Но, сето тоа е фолклор. Во најдобрата смисла на тој збор. Да не постоеше фолклорот, на пример, немаше да постои ни онаа квази риалити шоу емисија што така инвентивно се нарекува „Зајди, зајди... таленти“. Можам да претпоставам колку стимулативно делува тоа на евентуалниот талент, особено кога во стартот му се обраќаш со императивот: зајди, зајди... Во втората сезона од овој непресушен македонски арсенал, како што успеавме да разбереме, ќе биде додадена и фразата „помрачи се“. Колку да се знае за што станува збор. И колку талентите да се социјализираат со општите природни услови.

ЕВН, белким единствената приватна фирма која користи анти-реклама во пропагандни цели, односно која нон-стоп рекламира дека не смееме да го трошиме производот што таа го дистрибуира, ме убедува дека штедењето струја е забавна работа. Еве, да кажеме дека нема да се збуните и да помислите нешто сосема погрешно околу тоа како ЕВН ја замислува забавата и забавното штедење струја, ама таму навистина една од големите штедачки на струја изведува стриптиз, што ли, или игра на шипка, веќе не сум сигурен. Во мојот стан немам шипка. Додуша имам еден носечкки столб, ама тркалањето околу него не ми помогна ниту да гледам во темнина, а особено не да ми биде потопло откога ќе се соблечам.

Како и секогаш, значи, не се согласувам со екологистичките мантри на екологистите (особено не на оние од домашна провиниенција). Не живее и не треба да живее човекот во содејство со природата. Доволно е да си наштетува сам себеси.

Извор: globusmagazin.com.mk

Фотографии: Koen Demuynck

Слаб си, Бездан, Штичко те

Слаб си, Бездан, Штичко те шие по повикување на кривични дела. Се лизгаш надолу во партијата... Опрај се! Батали хумор и сатира, никогаш не те бидувало, тоа само те лажеа партиските другари.

ОкоБоли главаВицФото