Епитаф за трговските центри

21.02.2012 11:55
Епитаф за трговските центри

Барајќи го главниот виновник за културата на консумеризмот која постепено го разјадува светот, многумина веднаш ќе го вперат прстот кон САД. Доколку за истото некогаш и некаде се „приведат осомничените“, фотографот Брајан Улрих (Brian Ulrich) има безброј документирани докази кои ѝ не одат во прилог на Америка.

Имено, овој американски уметник е најпознат токму по фотографските серии кои ја документираат современата потрошувачка култура, консумеризмот par exellance, сниман низ годините за време на посетите на трговските центри низ САД. На неговата интернет страница notifbutwhen.com се наоѓаат фотографии кои можат да се сфатат како епитаф на сето она што културата на безобѕирната потрошувачка во САД го постигна во првото десетлетие од новиот милениум.

Низ сериите „Retail“, „Trift“ и „Dark Stores“ овој автор создава вистинска студија на потрошувачката култура, на трговските центри како своевидни светилишта – простори кои се посетуваат и обожуваат, како и нивните занесени посетители и често смешните понуди за купувачите. Улрих ги документира шаренилото на производите, бизарните ликови на вработените или купувачите, како и самите трговски центри, во сета своја сила, успех и карактеристичен колорит.

Во втората серија тој ги снима навечер, кога центрите се затворени и „спијат“, лишени од посетители кои се единствената нивна состојка без која не можат да функционираат, и кога наликуваат на истоштени организми или напуштени сцени од некои НФ филмови.

А во третата серија Улрих ни ги открива неминовните сценарија на затворање, згаснување и крај на некогашните зони низ кои имало огромен човечки промет, а кои денес претставуваат заборавени и напуштени инфраструктури, обраснати во треви, исшарани со графити или претворени во домови за бездомниците.

Извор: notifbutwhen.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото