Не ја сакаме оваа војна!

22.03.2012 14:21
Не ја сакаме оваа војна!

Воените тапани се сѐ погласни на Блискиот исток, поради што израелскиот наставник по графички дизајн Рони Едри со својата партнерка Мишел Тамир и во соработка со школата за графички дизајн „Pushpin Mehina“ иницираа антивоена интернет кампања со цел на Иранците да им порачаат дека не сите Израелци поддржуваат воен напад.

„Иранци, никогаш нема да ја бомбардираме вашата земја, ние ве сакаме“, напишаа на Фејсбук Едри и Тамир.

„Ирански народе, мајки, деца, браќа и сестри. За војната помеѓу нас да биде возможна, најпрвин мораме да се плашиме едни од други, да се мразиме, а јас не се плашам и не ве мразам вас. Дури не ве ни познавам. Ниеден Иранец не ми наштетил“, напиша Едри.

Додаде дека кога гледа на телевизија некој Иранец кој повикува на војна, сосема е сигурен дека тој човек не го претставува целиот ирански народ.

„Ако на телевзија видете некој кој вам ви говори дека ќе ве бомбардира, бидете сигурни дека тој сигурно не нѐ претставува сите нас. За сите оние кои се чувствуваат како мене, ве молам споделете ја оваа порака и помогнете да дојде до што е можно повеќе ирански граѓани.“

Во изјавата за новинарот Голназ Есфандиариј, парот изјави дека главната идеја е да создаде виртуелен „прстен“ во кој, наместо да се борат, противниците еден наспрема друг ќе одат со раширени раце.

Тамир кажува дека не чекаа долго да одговори другата страна, но дека пораката која ја добила ја расплакала.

„Последните денови Иранците од сите краишта на земјата ги закачуваа своите фотографии на Фејсбук, некогаш портрети, некогаш половина лица, а некогаш само одраз во огледало... Не сакаат да им се видат лицата. Поставија фотографии со порака ’Израелци, никогаш нема да ја бомбардираме вашата земја, ние ве сакаме’, вели Мишел Тамир и додава дека Иранците коишто ги оставиле своите фотографии на интернет не живеаат во Иран.

Корисниците на Фејсбук во Иран се плашат дека секаков контакт со Израел може да им донесе обвинение за шпионажа. Иран не го признава Израел и не им дозволува на своите граѓани да патуваат во таа земја.

Меѓу бројните анонимни пораки, се најде и една од Техеран: „Некои велат дека ова е почеток на пријателство помеѓу двете земји, но јас, врз основа на историјата, сметам дека ова е повторно обединување на браќата и сестрите кои со текот на времето се изгубија, а во друго време, повторно се пронајдоа.“

Една Иранка напиша дека сака да ги увери Израелците дека нејзината земја сака само „мир и љубов на Земјата“.
„Мразиме војна и злосторства, сите сме дел од едно тело и затоа боли кога гледате како луѓето страдаат. Секој човек е дел од нашата заедничка душа“, напиша таа.

Израелците исто така ѝ се приклучија на кампањата, пишувајќи пораки за мир и поставувајќи свои фотографии на Фејсбук страницата.

Мишел Тамир вели дека страницата го урна ѕидот и дека сега луѓе од двете страни можат конечно да комуницираат и да ги критикуваат политичарите. Смета дека друштвените мрежи ги охрабрија луѓето и им дадоа сила јавно да го дигнат својот глас против „војната која никој не ја сака“.

Парот дизајнери планира и да иницира акција за собирање пари со цел кампањата да се прошири, да се подигне на ново ниво и со тоа да допре до што е можно повеќе луѓе. Едри се надева дека на крајот ќе успеат да влијаат и на оние кои ги носат политичките одлуки.

„Наша должност е да влијаеме на менувањето на мислењето, гласно да кажеме дека не го сакаме ова. Толку години се плашевме јавно да зборуваме, а сега нам од сите страни ни порачуваат дека војната е блиску, дека Иран ќе нè бомбардира и дека Израел ќе возврати. Луѓето се плашат, молчат и никој не зборува. Мораме да кажеме на глас: Не сакаме војна, граѓаните на Израел и Иран немаат за што да се тепаат“, вели Едри.

Израелските политичари последниве месеци често ја споменуваат можноста за превентивен напад на иранската нуклеарна централа, а Иран, кој тврди дека неговата цел е нуклеарна енергија, а не оружје, трпи меѓународни санкции поради недоволната соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија.

„Нашите зборови допираат до нас и покрај цензурата. Иранскиот народ, за разлика од режимот, не мрази никого, а најмалку Израелците... Никогаш Израелците не ги сметавме за непријатели. Режимот не може да добие јавна поддршка за војна“, напишан еден Иранец и прогнозира дека тој режим „набрзо ќе умре“.

Како што наведува израелскиот весник Haaretz, покрај Фејсбук страницата, отворен е и блог „Israel Loves Iran“, а снимки на Иранци без лица со антивоени пораки го преплавија интернетот.

Извор: slobodnaevropa.org

ОкоБоли главаВицФото