Ние! Сме! Народот!

26.04.2012 10:54
Ние! Сме! Народот!

Се чини дека популизмот се прошири низ цела Европа. Без разлика дали станува збор за Front national во Франција, Lega Nord во Италија или Герт Вилдерс во Холандија, популистите стекнаа силно упориште во Европа. Сега е јасно дека беа погрешни предвидувањата оти успесите на овие партии ќе бидат краткорочни. Од раните 1990-ти во Европа се појавија дваесетина значајни популистички движења, од кои згаснаа само две. Погрешна беше и претпоставката дека популистите никогаш нема да влезат во власта: без Вилдерс нема влада во Холандија, без Умберто Боси немаше да владее Берлускони, а национал-популистичката Fides го користи своето двотретинско мнозинство во парламентот за целосно да ја преобликува унгарската држава.

Сепак, дали овие партии можеме да ги наречеме навистина популистички? Колку е јасна границата меѓу популистите и нивните противници? Левичарските теоретичари се жалат дека етаблираните партии го користат зборот на „П“ за да ги замолчат критичарите на владејачките неолиберални догми. Десните гласови звучат слично, кога тврдат дека секое референдумско отфрлање на ЕУ договорот Брисел го жигосува како популизам и со тоа го прогласува за неважечко. Токму затоа Марин Ле Пен со гордост ја носи етикетата „популистка“, небаре станува збор за демократски орден на честа – бидејќи тоа, според неа, значи дека застанала во одбрана на народот, а посебно на „заборавените“ во војната против елитите.

Дали оној кој за еден е демократ, за друг е популист? Дали обвинението дека некој е популист и самото е популистичко, како што уште пред десет години забележа Ралф Дарендорф? Човек се наоѓа во големо искушение да го објасни овој феномен врз основа на неговиот препознатлив политички стил. И навистина, популистите секогаш ги мамат гласачите со истите пароли: „помалку доселеници“ и „помали даноци“. Тие секогаш ветуваат едноставни решенија за сложените проблеми. На прв поглед изгледа логично да се каже дека популистот го препознаваме по неговите желби, но кога ќе се погледне повнимателно, тешко е да се повлече јасна граница: горе-долу сите го сакаат истото, а тешко е да се процени дали некоја политика е едноставна или не.

Од мала помош е и теоријата дека за популистите и екстремистите гласаат губитниците од модернизацијата и глобализацијата. Унгарското истражување за десничарската партија Јобик покажа дека нивните гласачи не се помалку образовани ни посиромашни од просекот; истражувањата за поддржувачите на шведските демократи и англиската Одбранбена лига дојдоа до слични резултати. Секако, точен е заклучокот дека луѓето економската глобализација ја доживуваат како закана. Но и покрај тоа, популистите не уживаат еднаква популарност насекаде.

Она што навистина ги обединува популистите е идејата за морално чисто народно тело кое го сквернават странците поделени во две групи: корумпираните и надмени елити, и вистинските странци, етничките или верските малцинства, а посебно доселениците. Обете групи повремено престануваат да ѝ бидат верни на нацијата: елитите како дел од космополитскиот џет сет, додека на малцинствата во срцето им лежи нешто друго наместо народот, на пример – исламот. Во Унгарија тие се стигматизирани со изразот „туѓи срца“. Во источна Европа е врежано верувањето дека елитите и малцинствата плаќаат помали даноци и дека корумпираниот Брисел ги штити овие две групи.

Популистичките политичари својот напад го насочуваат во две насоки, против левоориентираните елити и незаконските доселеници (Берлускони), против посткомунистичките елити и Ромите (Јобик во Унгарија, Атака во Бугарија или Големите Романци во Букурешт). Во Америка, редовна мета на напад е мрачниот сојуз на елитите и демократите од источниот и западниот брег со Афроамериканците од пониските слоеви. Кој подобро се вклопува во оваа слика од Барак Обама – а бидејќи никој не може да ја оспори неговата изборна победа во 2008, тој е постојано изложен на директните напади дека е муслиман, додека движењето Birthers (Родени) тврди оти тој не е ни роден во Америка и дека според вториот член на американскиот устав не може да биде претседател.

Популистите не боледуваат само од политичка параноја – но без манијата на гонење и чувството дека сте нечија жртва нема популизам. За неговите приврзаници политиката е прашање на идентитетот. И да не постоеше кризата со еврото, Марин Ле Пен би тврдела дека најважниот политички судир се одвива меѓу француската нација и Европа. А кога Ле Пен и Вилдерс ги истакнуваат вредностите како што се слободата и еманципацијата, тие не ги сфаќаат нив либерално-универзално туку како дел од националната свест, во која странците – а посебно муслиманите – немаат удел.

Притоа решавачки е тоа што од идејата за морално чистото и хомогено народно тело не произлегува желбата за поголемо политичко учество. Иако популистите бараат повеќе референдумско одлучување, критиката не е насочена кон претставничката демократија туку дијагнозата гласи: ова не е претставничка демократија, бидејќи вистинскиот народ во неа нема свои претставници. Во екстремни случаи се чини дека целиот народ е обединет во едно тело, како кога тврди Хуго Чавез: „Јас сум по малку секој од вас“.

Популизмот не мора во секој случај да биде антипарламентарен: унгарскиот премиер Виктор Орбан не го напаѓа парламентот во кој преовладува неговата партија Fides. Но, популизмот секогаш е нужно насочен против плурализмот, поделбата на власта, идејата за легитимна опозиција: зошто народот би се судирал со самиот себе?

Точно е дека популистите нудат едноставни решенија за сложените проблеми – но нивното најделотворно поедноставување е дека „Народот“ лесно се дефинира и претставува. Со популистите нема никакво објаснување и преговарање – нема спротивставување на автентичната народна волја. Затоа популизмот не е само антилиберален туку и аполитичен. Како што истакнува Хана Арент, граѓаните се политички исти, но нивните претстави и ставови се разликуваат; затоа сталожената расправа за заедничкото добро треба да му претходи на дејствувањето – а ако се исцрпат темите за разговор, настапува крајот на политиката. Без плурализмот нема политика.

Во оваа точка се допираат крајностите: постдемократскиот декрет „Не постои алтернатива“ ја негира неопходноста од политичка расправа. Популизмот би можел да стане дел од хорор сценариото кое во 2007 г. го опиша бугарскиот политиколог Иван Крастев: либералните елити, на кои народот никогаш не им е добар, се соочени со антилиберални гласачи, кои својата сигурност ја бараат во пркосното „Само ние сме народот“.

Авторот предава политичка теорија и историја на идеите на Принстон.

Извор: Die Zeit

Илустрации: moonasi

ОкоБоли главаВицФото