Прометеј

29.05.2012 10:47
Прометеј

И најревносниот хроничар веќе не може да ги запише епохалните, да не кажам прометејски, успеси што библиската земја Македонија ги реди со суперсонична брзина.

Ете, уште не стигнавме да му се донавосхитиме на она грандиозно чудовиште од скулптура, што, нели, би требало да го претставува таткото на воинот на коњ, а веќе сме фасцинирани од идејата на голиот маж во најдобри години во Паркот на жената-борец да му се покрие срамот со некаква позлатена пелена.

За волја на вистината, самиот факт што на Прометеј, како што онака скромно се нарекува чудната фигура со факел во рацете, му е покриена машкоста, и не е некаква историска мисија. Во крајна линија, и тоа е подобро отколку, не дај Боже, да го кастрираа. Онака како што е кастрирана слободата на говорот, на пример. Она што мене ме воодушевува е наведувањето дека причина за интервенција врз видливоста на половиот орган на Прометеј биле реакции на повеќе женски невладини организации. Да ја оставиме настрана терминологијата, односно, ајде да не чепкаме во тоа што се тоа женски, а што неженски невладини организации, туку да се задржиме на суштината. Невладините организации успеале во нешто што никако не им поаѓа од рака: да ја убедат Владата ли, општина Центар ли, да интервенира по нивна заложба. Значи, станува збор за неверојатно грандиозен чекор на овдешното граѓанско општество.

Па, кои се тие невладини организации, макар биле и женски, што со својот активизам успеале да променат едно какво-такво уметничко дело, односно да ја променат македонската реалност? Иако станува збор за мал чекор за Прометеј, а огромен за македонското општество, овие претставници на овдешната граѓанска свест остануваат – анонимни. Нешто како организации на анонимни алкохоличари. Во ситуација, која, наспроти златниот сјај на гаќите на Прометеј, останува прилично затемнета, можам само да претпоставам за што станува збор. На пример, за жените на македонските министри. Ем не се во Владата, што автоматски им дава за право да бидат невладини, ем нивното влијание врз одлуките на нивните сопрузи бездруго е многу поголемо, отколку она на останатиот граѓански сектор. Зошто тоа би го направиле почитуваните брачни другарки на уште попочитуваните владини другари? Една од опциите е – компарацијата. Го сакале тие тоа или не, Прометеј просто самиот наведува на споредба со нивните домашни прометеи, а тоа е, ќе се сложите, недолично. Или уште подобро: зошто Прометеј би се кител со царевото ново руво, на кого сите, евентуално би му се восхитувале, а нивните алфа-мажјаци да одат во стандардните брендирани костуми? И тоа не личи. Барем до моментот додека некој не ѝ каже на овдешната врхушка дека и таа е облечена во царевото ново руво. Моралот е важна работа за секоја политика, што ќе рече дека морално беше да се покрие срамот на Прометеј.

Ако Прометеј ја загуби својата прометејска битка, не од она птичиште што му го колве џигерот, туку од уметнички, морално и естетски осознаените Македонки, тогаш Калиопи на Евросонгот ја издејствува својата прометејска победа. Иако, се разбира, никој повеќе не помни која песна победила лани или преклани на овој терористички фестивал на умоболни лесни ноти, сепак пласманот на Калиопи на финалната фестивалска вечер, доби такви епски димензии, така што, верувам, дека сегашните сведоци на овој возбудлив успех, тоа ќе им го раскажуваат на своите внуци, барем онолку возбудено како што денес раскажува Вангел Наумовски за битките на Александар Велики.

Ќе победеше Калиопи и во финалето, само да не беше добро познатата и веќе препознаената политика на двојни стандарди на земјите од НАТО и Европската Унија, кои, јасно е како што е јасна потребата од поставувањето на скулптурата на Прометеј во Паркот на жената-борец, прават сè само да ја понижат нашата горда Македонија. Па, дури наместо да гласаат за Македонија, тие гласаат за своите соседни земји. До каде оди заговорот против македонските успеси, може да се види и од фактот дека мнозинството од нашите соседи нам не ни доделија поени или ни доделија ептен малку. Се разбира дека не е точно дека проблемот е во Македонија и нејзината лоша дипломатија. Напротив. Проблемот е во соседните земји и нивната лоша дипломатија. Ние секогаш сме биле за добрососедски односи. Дури и принудивме илјадници наши граѓани да земат нивни пасоши. А коментаторката на преносот, пак, ни по грешка не ѝ го изговори името на Грција, цело време, онака од милозливост, нарекувајќи ја „нашиот јужен сосед“. За волја на вистината, очекував дека и по овој повод премиерот Никола Груевски ќе даде едно историско интервју во кое ќе се пресмета со ицемерната европска политика и ќе најави наше учество на музичките фестивали во Кина и Катар, каде што конкуренцијата е многу пожестока, ама затоа стандардите се многу поблиску до нашето сфаќање на демократско гласање.

Во секој случај, а особено во овој случај, покажавме дека сме достојни припадници на Гоцевата раса, кои го разбираат светот како музичко поле за имбецилен натпревар меѓу народите, на кој ние секогаш сме морални победници.

Зад сите овие возбудувања остана скриена веста дека под џиновските глави на Велигденските острови се пронајдени исто толку џиновски, ама закопани, тела. Тоа се оние острови што во оригинал се викаат „Папокот на светот“, а џиновските глави, моаи-скулптурите, се одраз на нивното сфаќање на одбрана на нивниот идентитет. За волја на вистината, идентитетот го одбранија, само што тие – исчезнаа. Токму поради големите глави, во кои нема мозок, и закопаните тела – за да не се соблазнуваат нивните морални сопрузи.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Квон Кјунги

Прочитај што се случувало

Прочитај што се случувало минатата недела и седни плукај.

Ајде доста ви се молам за

Ајде доста ви се молам за Калиопи дискутирање. Едните ја фалат, другите не. Не е точно тоа што зборувате дека Калиопи била славена ко победница. Зарем не читавте какви глупавштини се тресеа во некои петпарашки емисиици за неа. Калиопи добро си испеа, не победи, ама добро не претстави. Нешто што на некои најверојатно не им одговара...

Во Битола, пред Магнолија,

Во Битола, пред Магнолија, кај тенеќето што некои го нарекуваат фонтана, кај Филипче, е заградено. Сигурно нешто ќе се става. Нова статуа можеби... Како што тргнало, како што си носи редот, се надевам оваа новава ќе биди Џина Џејмисон...

Слични содржини

Став
Став
Езера [к:6]
Став
НАТО [к:12]
Став
Став
Став

ОкоБоли главаВицФото