Луѓето што гледаат МТВ живеат подолго

14.01.2013 09:52
Луѓето што гледаат МТВ живеат подолго

Скопје, 14 јануари 2013

Научници од Катедрата за истражување на ТВ манипулации при универзитетот Св. Спикер и Метео ги обелоденија резултатите од 8-годишното истражување на животниот век на македонските телевизиски гледачи. Имено, тие откриле дека најдолго живеат македонските граѓани кои се редовни гледачи на МТВ.

„Резултатите до некаде беа очекувани, со оглед на тоа дека и на испитувањата врз стаорци извршени пред три години исходот беше ист. Но, изненадува високиот степен на среќа кај оние гледачи со најнизок животен стандард“, вели д-р Среќко Живомирски, автор на студијата.

Тој објаснува дека долговечноста на гледачите на МТВ пред сè се должи на претставувањето на реалната состојба во Македонија на националната телевизија. Според Живомирски, некои од останатите телевизиски куќи и други медиуми ја искривуваат реалната слика за земјата и ја прикажуваат како мрачно место во кое владее сиромаштија, невработеност, беда и репресија од власта. За разлика од нив, МТВ им овозможува на гледачите полесно да сфатат колку животот овде е убав.

„Не станува збор само за централниот дневник. Голема улога за продолжувањето на животниот век и негувањето на оптимистичкиот дух на народот играат и документарните емисии во испустените села (со баба, дедо и едно споулавено куче). Тука се и емисиите како Печалбарска миксета, Ебете се, котете се, да нè има појќеВодич низ убавините на природата и владејачката партија и Беше еднаш пред миљарда години“, објаснува Живомирски.

Аналитичарот-експерт за македонски убавини, Родољуб Тресикуровски, за Пара вести изјави дека очекува ваквиот тренд да се одржи, па дури и да порасне, затоа што, за среќа, во земјава има сè помалку медиуми кои го претставуваат животот во Македонија како тежок и мрачен.

„Ако МТВ продолжи во овој правец, ништо чудно нејзините гледачи да живеат подолго и од желките на Галапагос. Но, мора да се внимава на современите содржини со кои во моментов националната телевизиска гордост си ја збогатува програмата. Содржините понови од 25 години може негативно да се одразат врз здравјето на публиката“, вели Тресикуровски

Во меѓувреме, од анонимен извор од МТВ, Пара вести дознава дека не само што наплатата на радио дифузната такса е зголемена на 99%, туку сè поголем е и бројот на граѓани кои донираат средства и и’ го препишуваат целиот имот на телевизијата.