Џанго место танго

25.01.2013 09:29
Џанго место танго

Отсекогаш сум мислел дека кај нас излезoт од некоја криза треба да е автентичен, поинаков и малку, на изглед, безвезен. Токму такви, како што чинам се и самите наши политички кризи, автентични, поинакви, но и безвезни. Зборувам за очигледната криза поврзана со „лесните“ проблеми како што се функционирањето на Собранието, буџетот, изборите без опозиција. Затоа што проблемите како што се одржување на попис на население, борба против сиромаштијата и насилството се навистина тешки за да можат да бидат решени од овој актуелен збир на карти, и носителите на тие карти.

Ете, да замислиме дека на премиерот во заминување (секој кој се грижи за последователниот период, за закон потоа, со „шест млади мускулести момчиња“ и такви привилегии, самиот себеси се дефинирал како: премиер во заминување), ќе му падне, токму тој, да спроведе попис на населението. Па, од тоа што беше случај тоа секако ќе беше утврдено преку некоја анкета на некојси институт и потоа една телевизиска кампања за тоа дека резултатите се тие, како во анкетата?!) Или некој како Ставревски да треба да го реши проблемот со сиромаштијата. Тој кој сигурно ќе тргне од првата аксиома: па која сиромаштија кога имаш каде да се задолжиш? Не може тој да се бори против нешто што не постои, според таа негова аксиома.

Поради тоа што вистинските проблеми на Македонија за ваквите се нерешливи, тогаш да помогнеме за да ги решат овие другите. Но исто така и за нив треба нешто поинакво и автентично. Затоа предлагам следната лидерска средба да се состои или да почне со заедничко гледање на последниот филм на Тарантино: Џанго Разузданиот! Тоа значи граѓанска иницијатива за купување четири билети за сите четворица, кои најверојатно ќе треба да учествуваат на таа следна средба.

Велам четворица, зашто после неуспешниот состанок за рестартирање на пратеничкиот дом преку средба на само двајца лидери во Домот на пратеници, стана јасно дека ова не се решава со Танго! Така едниот лидер, тој на ДПМНЕ, веднаш по средбата го навести третиот лидер, тој на ДПА. Рече дека има и друга опозиција која треба да се консултира за изборите итн, и со тоа призна дека не е за танго, но и тоа дека самиот тој не може да функционира без столбот на сопствената политичка сила, од 2006 година, па наваму: Мендух Тачи! Исто така и на другиот учесник во првата средба за танго, лидерот на опозицијата, може за следниот пат да му текне дека и за танго, како за валцер, е важен чекорот, но и времето, па така да реши дека нема да чека повеќе од 15 минути на договорена средба. Или уште повалцерски, на следната средба за танго, со себе како соработници да земе некој валцерски калибар како Љубчо Георгиевски или Тито Петковски!

 

Во прилог на тоа дека повеќе не е возможно решение со танго, говори и фактот кои опции за реакција се отворени за потенцијалниот четврт учесник: Али Ахмети. Тој може при локални избори без македонска опозиција да истапи од договореното и да кандидира кандидати за градоначалници и во општините како Долнени, Маврово-Ростуше и Македонски Брод. Таквиот потег во такви избори сигурно ќе се одрази на соодносот помеѓу „македонски“ и „албански“ општини но може и целосно да го репроблематизира целиот процес на и онака закочената, децентрализација. Тоа заради нервозата и сомнителноста на вакво „македонско“ танго кое се предизвикува кај албанскиот дел од јавноста во Македонија. А случајно не се договараат за Струга и Кичево или за прогласување монархија?

Првото предизвикува нервоза поради фактот дека и Ахмети размислува како Заев но, малку, обратно: Што ќе му е Македонија ако го изгуби Зајас и бачилата? А другата со ваква констелација на силите и опкружувањето веќе не се смета за безвезна. Така може Паско Кузман да почне да убедува дека со републиканско уредување немаме шанси во преговорите за името со Грците. Посебно сега кога, ете, никако да го најдеме гробот на Александар Македонски и кога вака непредвидливата Бугарија може да предложи европска резолуција дека тој бил Грк од мајка Албанка? Убедливо, нема што: само кралство нè спасува! Единствен проблем може да биде досегашното функционирање како „братучедија“ (Исо Руси), кој од братучедите тогаш ќе биде кралот и дали мајката кралица ќе се согласи, но тоа може и со дополнителна расправа. Секако во Домот на пратениците.

Дотогаш најискрено и топло го препорачувам колективното гледање на „Џанго Разузданиот“. Тоа најмалку е само обработка на еден вестерн филм. Во него има сè; од учењето дека и во највалканите работи има правила и критериуми, па сè до тоа дека слободата е можна само со иницијатива. Инаку, робовите и кога се без пранги, ако ја немаат иницијативата за ослободување, остануваат робови. Па доста беше гледање турски серии! Толку му се нагледавме на Сулејман и неговите Украинки, што го заборавивме германскиот јазик дотолку, што не знаеме веќе дека „свински“ е навреда на турски, но не и на германски!

Слики: The Royal Art Lodge

ОкоБоли главаВицФото