Иницијатива на ФФМ и МПЦ: да се прогласи за светец судија чијашто жена не е пцуена

03.04.2013 14:57
Иницијатива на ФФМ и МПЦ: да се прогласи за светец судија чијашто жена не е пцуена

Скопје, 3 април 2013

Владиката Фудбалерие напаѓачко-голгетерски и претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Местимир Штеловски, ја соопштија заедничка иницијатива на МПЦ и ФФМ да го прогласат за светец судијата Правдољуб Кадиски, затоа што на ниту еден натпревар навивачите не ја опцуле неговата жена или друг член на неговото семејство.

„Во време кога сè почесто се зборува за наместени натпревари, а исправноста на секоја втора судиска одлука се доведува во прашање проследена со пцовки од трибините - најчесто за сопругата на судијата - овој чекор е повеќе од потребен“, изјави претседателот на ФФМ Штеловски.

И владиката Фудбалерие се согласува со првиот човек на ФФМ и смета дека во вакво опкружување, неизбежно е Правдољуб Кадиски да биде прогласен за светец. Дел од фудбалските верници се побунија против иницијативата сè уште жив и активен судија да биде прогласен за светец, но владиката со цврсти аргументи ги убеди дека е во право:

„Ако чеда, ако“, изјави тој.

Еден навивач на фудбалскиот клуб „Три чешми“ откри дека пред многу години сепак го навредил судијата, додека тој сè уште бил почетник и помошен судија, бидејќи досудил офсајд ситуација и го кренал знаменцето. Сепак, зборовите „раката така да ти остане“ не се пцост упатена кон сопругата, па МПЦ и ФФМ не ги прифатија неговите забелешки.

„Возљубени спортољубци, во ова тешко време, кога нечестивиот го напаѓа шеснаесетникот божји, а судиите чинат прегрешенија на двете половини од игралиштето, само од бога пратените, како Правдољуб, можат да го избават благочестивиот и многустраден фудбал наш“, рече владиката на прес конференцијата одржана пред арената Бенедикт XVI.

Се очекува конечната одлука да биде донесена и соопштена до крајот на неделава.