Македонија лидер во регионот во следење спорт пред телевизор

09.06.2016 12:22
Македонија лидер во регионот во следење спорт пред телевизор

Скопје, 9 јуни 2016

Македонската фудбалска репрезентација е лидер во регионот во следење на светските и европските првенства пред телевизор, а се прават напори тоа да се постигне и во останатите спортови, гордо објави Агенцијата за млади и спорт.

Овој успех на спортски план се должи на долгогодишната работа на челниците на Фудбалската федерација на Македонија, но свои заслуги имаат и тренерите, судиите и останатите фудбалски и спортски работници.

„Ќе продолжиме и во иднина да го поддржуваме развојот на спортот во земјава. За таа цел, набавивме еден тон грицки, кои ќе им бидат поделени на нашите талентирани спортисти кога ќе ги гледаат своите колеги од другите земји на европските и светските првенства“, велат од Агенцијата за млади и спорт.

Во тек е и набавката на илјада и петстотини телевизори, кои треба да им овозможат на македонските спортисти поквалитетна HD слика од натпреварите на првенствата.

„Не е важно да се победи, важно е првенството да се гледа, кога веќе не се учествува“, велат од Агенцијата.