Македонија ги прекинува дипломатските односи со Италија

10.10.2016 12:33
Македонија ги прекинува дипломатските односи со Италија

Скопје, 10 октомври 2016

Република Македонија ќе ги прекине дипломатските односи со Италија, по синоќешниот пораз на македонската фудбалска репрезентација од селекцијата на Италија, соопштија од Министерството за надворешни работи на РМ.

Причина за остриот потег на МНР не е самиот пораз, туку начинот на кој Италија ја совлада Македонија, со гол за пресврт во 92 минута од натпреварот.

Прекинот на дипломатските односи ќе биде проследен со забрана за емитување на натпреварите од Серија А на територијата на Република Македонија, како и привремена забрана за работа на повеќе италијански ресторани во земјава.

„Недозволиво е една земја која ни се претставува како пријател и поддржувач да нè победи на таков начин, со гол во судиското продолжение. Тоа не води кон воспоставување пријателски односи меѓу двете држави и предизвикува ненадоместлива штета во односите на релација Скопје-Рим“, стои во соопштението на МНР.

Од дипломатски извори, дознаваме дека Македонија ќе ја ревидира оваа своја одлука само доколку во реваншот италијанската репрезентација се однесува примерно, и ѝ дозволи на Македонија да извлече бод, или барем прописно да ја победи, без да остави простор за неизвесност и надеж.

Од ФФМ ја разгледуваат можноста да ја тужат Италија во Хаг поради попречување на фудбалските интеграции на Македонија и оневозможување на учество на европските и светски првенства.

Исто така, од македонската фудбалска куќа најавија и исплата на премии за играчите за играта до 59 минута, кога Македонија поведе со 2-1.