Историски ден: Македонија се пласираше на европско во фудбал

12.10.2016 01:40
Историски ден: Македонија се пласираше на европско во фудбал

11 октомври 2016 е ден кој ќе биде запишан во фудбалската историја на нашата држава, откако младите фудбалери на Македонија до 21 година остварија пласман на европско првенство. Младите момчиња и нивниот тренер Благоја Милевски го остварија незамисливото и во последниот меч од својата група ја совладаа Шкотска со 2:0 на арената „Филип Втори“.

Македонија со оваа победа заврши на првото место во групата 3 со 21 бод од 10 натпревари (6 победи, 3 нерешени и 1 пораз) и директно ќе се натпреварува на ЕП во 2017 во Полска.

На Македонија во прилог ѝ беа и останатите резултати од групата, откако Украина го совлада Исланд со 2:4 на гостински терен и со тоа ни помогна да го оствариме најголемиот резултат во нашата историја.

Идната година во Полска ќе се надигруваме со репрезентации од калибарот на Португалија, Италија, Чешка, Данска, Полска, Германија, Англија итн.

Што се однесува до денешниот натпревар, нашите нови херои покажаа смирена и одлична игра, а сѐ успеаја да реша во рок од 4 минути. Прво Кире Маркоски ја смести топката во мрежата на Шкотска за голема радост на „Филип Втори“ и водство од 1:0 во 18-тата минута, а само 4 минути подоцна Енис Барди постигна прекрасен гол од далечина за 2:0. Македонија можеше да дојде и до трет гол во 37. минута по досудениот пенал за игра со рака на еден од шкотските фудбалери, но Давид Бабунски не ја реализираше најстрогата казна.

Нашата селекција одигра паметно и знаеше како да ја задржи сигурната предност од првиот дел и само го приведе натпреварот до крајот.

„Со оваа победа, но и со сите прикажани партии во квалификациите, докажавме дека Македонија има талент и дека тука може да се игра фудбал. Ова не е најважниот натпревар во македонската историја, сите десет кои ги одигравме во овие квалификации беа еднакво важни. Секој натпревар беше клучен. Напорно работевме во текот на целиот квалификациски циклус, момците дадоа сè од себе и го заслужија ова што им се случува сега. Има време за ЕП во Полска, ќе се подготвиме добро, и верувајте дека и таму ќе барам да одиме на победа на секој натпревар. Ова е најголемата награда за трудот што го вложија овие момци“, изјави по мечот селекторот Благоја Милевски.

Извор: faktor.mk

Фотографија: Ekipa.mk

ОкоБоли главаВицФото