Pasado Compuesto: Минато несвршено време (1)

17.06.2013 10:45
Pasado Compuesto: Минато несвршено време (1)

Нова социјална епидемија ја зафаќа Шпанија: самоубиства поради присилно иселување и одземање на имотите

Од минатиот јули до сега, во Шпанија се самоубија околу 20 луѓе откако се најдоа соочени со присилно иселување. Најмалку четворица се обесија во близина на нивните домови, само неколку часа пред пристигнувањето на полицијата која требаше да ги отстрани. Најмалку шестмина скокнаа од нивните балкони под слични околности. На 12 февруари, постари брачни партнери, на возраст од околу 70 години починаа во нивниот дом поради предозирање со лекови, откако добиле налог за иселување. Наредната надела, една жена влезе во една банка, си истури запалива течност врз главата и се самозапали викајќи: „Ми зедовте сè што имав!“ Почина по цели три месеци, во една болница на почетокот на мај, како резултат на тешките изгореници кои покриваа половина од нејзиното тело.

Самоубиството е карактеристично за маргинализираните и потчинетите поединци. Тоа ја претставува последната граница на говорот: протагонистот повеќе не може да ја сподели неговата сопствена приказна, да го објасни следот од настани кој довел до одлуката, да ги опише двоумењата или сомнежите, или пак чувствата на радост и страв кои го обзеле при спроведувањето на одлуката. Во исто време, само по смртта може да се пронајде смислата на ваквите постапки. Само откако сè е готово, смртта ни помага да ги споиме различните парчиња во еден след од настани кои ни кажуваат нешто за светот и за начинот на кој тој функционира. И додека шпанските активисти и политичари се двоумат за тоа како најдобро да ги интерпретираат самоубиствата, на писателите и историчарите им останува да го реконструираат редоследот на настаните и смислата на овие чинови. Можеби и затоа Талал Асад во својата книга „За бомбашките самоубиства“ вели дека самоубиството е блиско поврзано со фикцијата и со желбата за создавање „веродостојни приказни“.

Јас ќе ја започнам оваа приказна со признанието дека самоубиствата нè освестуваат во однос на значењето на повеќе фактори кои инаку не ги забележуваме. Имајќи предвид дека стапката на општа невработеност во Шпанија моментално е околу 26% – а во однос на младата популација е двојно поголема – не е тешко да се замислат многу веројатните сценарија при кои со зголемувањата на каматите правопропорционално расте и чувството на очај кај населението. По почетокот на економската криза во 2008 година, бројот на запленети имоти сè повеќе се зголемува. Во исто време, неодамнешните истражувања покажуваат дека помеѓу пет и шест милиони вселиви домови во моментов се празни, бидејќи речиси 20% од населението инвестира во недвижности. На овој начин, во рамки на кризата уште повеќе доаѓаат до израз структурните контрадикции на капитализмот. Шпанските рурални области сега се преполни со допола изградени згради, околу кои лежат делови од бетон, цигли и стакло – тоа се лузните на некогашниот градежен бум, во кој инвестираа европските банки.

Особено строгите закони за хипотеките кои важат во Шпанија се дополнителен товар. Тие им наложуваат на задолжените целосно да ги платат долговите, дури и откако нивните домови се запленети, а долговите не се поништуваат ни по смртта. Законите датираат од 1909 година, и активистите, економистите, правниците и академиците сметаат дека тие се застарени. „Законите за хипотеките во Шпанија се стари повеќе од 100 години и се направени на тој начин што им носат придобивки само на банките“, рече еден демонстрант за време на неодамнешните протести пред парламентот. „Овие закони не само што се неправдени и неморални, туку се и застарени и затоа и неприменливи.“ Овие критичари веруваат дека за да се реши кризата со запленувањето на имотите потребно е да се надоградат законите, со цел да се приспособат на социоекономските услови на XXI век. Кога Врховниот суд на Европската Унија поништи дел од законските одредби во март, дури и политичарите ја поддржаа иницијативата, па и шпанскиот претседател Маријано Рахој вети дека законите кои „се веќе многу застарени“ наскоро ќе бидат преформулирани во склоп со препораките од ЕУ. Меѓутоа новите измени сепак не ги земаат предвид барањата и предлозите на огранизациите кои му се спротивставуваат на иселувањето, па законите за хипотеките во Шпанија во голема мера останаа исти.

Но, проблемот на присилното иселување е многу постар и се протега дури до времето пред почетокот на XX век. Модерната историја започнува со присилното иселување.

Сите модерни држави се засновани на одредени првобитни форми на присилно одземање на имотите, на некои првични чинови на интерна или екстерна колонизација. Шпанија, на пример, е заснована на серија последователни иселувања, кои случајно или не, започнуваат во 1492 година. Дури и Кристофер Колумбо пишува за ова во прологот на својот дневник од неговото прво патување, каде што вели дека „оваа 1492 година“ е обележана од спојот на три големи настани, сите поврзани со присилното иселување и одземањето на имотите: кулуминацијата на освојувањата со падот на Гранада, падот на последната тврдина на Маврите на Пиринејскиот полуостров и присилното иселување на Евреите од истата територија, како и „откривањето“ на Америките, со што започнуваат долговековните европски освојувања, колонизацијата, ропството и искористувањето на природните богатства. Со овие „идеални постапки“, како што Карл Маркс иронично ги нарекува, „започнува почеткот на ерата на капиталистичкото производство“.

Можат да се воспостават интересни споредби помеѓу насилството на кое е заснована модерната држава и примитивната акумулација на добра од која потекнува модерната капиталистичка економија. Маркс објаснува дека циркулацијата на капиталот создава една траекторија во која секоја постапка е одредена од постапката пред неа:

„Оттука, целокупниот процес е зафатен во еден бескраен круг, од кој можеме да се извлечеме само ако ја преземеме во наши раце примитивната акумулација... која ја одредува капиталистичката акумулација; акумулацијата која не настанува како резултат на капиталистичкиот начин на производство, туку која всушност функционира како негова основа.“

Примитивната акумулација го овозможува процесот на насилно одземање на имотите кој ги „ослободува“ селаните кои произведуваат добра од начините за производство и ги сместува во наплатната економија, каде што тие се принудени да го продаваат својот труд за да преживеат. Иако примитивната акумулација е насилниот почеток на модерната економија, Луј Алтисер смета дека „примитивната политичка акумулација“ е „нужна суровост при почетоците на државата“. На овој начин, исто како што политичките економисти како Адам Смит ја прикривале вистината за крвавата историја на експропријацијата во „нивните нежни анали“, како што Маркс ги нарече, така и филозофите кои пишувале за природното право раскажувале среќни приказни за доброволното здружување на луѓето кои се обединиле со цел да формираат политички заедници. „Со бришењето на конститутивното насилство кое е во основата на модерните држави“, пишува Алтисер, овие идеолози „ја блокираа реалноста со нивните приказни.“

Ако присилното одземање на имотите е еден од предусловите за формирањето на модерната држава и на модерната економија, тогаш тоа е еден од предусловите и за почетокот на модерната историја. Примитивните историски акумулации ги одредуваат чиновите на присилно одземање на имотите на кои е заснована модерната архива и коишто ги востановуваат правилата според кои нашите истории се вреднуваат како веродостојни или пак се отфрлаат како фикции.

Ова важи и за Шпанија. Во главната архива на Индија (АГИ) во Севилја, Шпанија, се наоѓаат најважните збирки документи од периодот на Шпанската Империја (1492-1898). Таа била основана во 1785 година и била првата модерна архива во Шпанија, која функционирала како официјална институција, поддржана од страна на државата и чија цел била да воведе еден нов начин на пишување за историските настани. Во XVIII век, започнало преиспитувањето на оние истории кои претходно биле сметани за единствените вистини. Тие биле критикувани поради преголемата застапеност на библиските цитати, на класичните аналогии и за недоверливите и несигурните сведоштва. Новиот модел кој настанал како реакција на дотогашниот начин на пишување и кој и денес во голема мера го одредува начинот на кој размислуваме за пишувањето на историјата, се потпирал исклучиво на официјалните документи. Историчарите сметале дека податоците во овие документи биле помалку пристрасни и пообјективни од објавените сведоштва, бидејќи тие никогаш не биле наменети за објавување.

(продолжува)


Извор: thenewinquiry.com
Слики: Dadi Dreucol & Hyuro

ОкоБоли главаВицФото