Тестот за имплицитни асоцијации успешно ги открива педофилите

12.07.2013 10:12
Тестот за имплицитни асоцијации успешно ги открива педофилите

Клучниот проблем на превенцијата на педофилијата: Како да се препознаат потенцијалните педофили и да се оневозможат да се занимаваат со работи кои ги доведуваат во постојан контакт со децата?

Група холандски истражувачи од Универзитетот во Најмеген е на пат да ја пополни оваа празнина. Според извештајот што го објавија во списанието Archives of Sexual Behavior, едноставниот, неинтрузивен психолошки тест кој го развија, во дури 90 проценти од случаите успешно ја прави разликата помеѓу возрасните педофили и возрасните хетеросексуални мажи без педофилски склоности и искуства.

Тестот не е новост. Станува збор за тест на имплицитни асоцијации, психолошки мерен инструмент кој ги „фаќа“ имплицитните, несвесни врски помеѓу поимите во меморијата на субјектот, ефикасно ги детектира дури и кога испитаникот не сака да ги открие. Имено, задачите на тестот се такви што ја детектираат автоматската, несакана активација на овие врски, врз основа на показателите кои испитаникот не е во состојба свесно да ги контролира.

Во студијата на холандските психолози учествувале 40 возрасни мажи, класифицирани во експериментална група (20 педофили) и група на контролни субјекти (20 хетеросексуалци без сексуални склоности кон децата). Половината од експерименталните субјекти ја сочинувале педофили кои никогаш немале сексуални контакти со деца, додека преостанатите десет испитаници од оваа група биле педосексуалци – возрасни педофили со сексуално искуство со деца.

Сите 40 испитаници го правеле тестот за имплицитни асоцијации кој се состоел од две задачи. Во првата им бил презентиран звучен стимуланс – листа од 20 неутрални зборови (на пример, „земја“, „жолто“, „теорија“, „продавница“), меѓу кои случајно се вметнати шест термини поврзани со сексот (на пример, „ерекција“, „предигра“, „еротика“). Истовремено, субјектите ги класифицирале прикажаните фотографии по две основи: „сексуално релевантна содржина“, односно „сексуално неутрална содржина“, „возрасна личност“, односно „дете“.

Премисата на која се потпира тестот за имплицитни асоцијации е следната: Испитаникот брзо ги поврзува поимот и категоријата – времето за реагирање е пократко – доколку таквата врска веќе постои во неговата меморија. Конкретно, педофилот би требало да ја класифицира фотографијата со дете како сексуално релевантна содржина, со брзина која хетеросексуалниот маж го прави тоа со поимот „жена“ или со фотографијата со жена. Доколку се обиде свесно да управува со процесот (во даденото истражување немало причина за нешто такво, бидејќи на сите учесници им е гарантирана анонимноста, а педофилите се регрутирани преку сопственото здружение), односно да категоризира спротивно од вистинските импулси, ќе биде откриен од продолженото време за реагирање.

Методолошки, целта на втората задача на тестот, компатибилна и споредлива со првата, била да се проверат резултатите добиени во првото тестирање. Сега на субјектите им биле презентирани фотографии од жени, мажи, момчиња и девојчиња – во костими за капење или кратки панталони. На врвот од секоја фотографија стоел напишан неутрален или сексуално релевантен збор, а на испитаниците им било сугерирано да ја игнорираат визуелната содржина и да ги категоризираат зборовите/поимите како неутрални или „сексуални“.

Што покажа тестот?

Во 90 проценти од случаите, задачите прецизно ги раздвојуваат педофилите од не-педофилите. Освен неинтрузивноста, ова е една од неговите посилни страни. Имено, резултатите покажале дека педофилите се разликуваат од хетеросексуалните не-педофили по силната асоцијација помеѓу децата и сексот и изразено слабата (негативна) асоцијација помеѓу возрасните личности од спротивниот пол и сексот. Тестираните хетеросексуалци покажале сосема спротивен образец – силна асоцијација помеѓу возрасните жени и сексот и отсуство на асоцијација помеѓу децата и сексот.

Идејата на авторот на студијата е ваквиот тест да се користи како некаков вид дијагностички инструмент, кој би можел да биде употребен во селекцијата на кадри кои конкурираат за работа со деца. Кај важните одлуки и чувствителните прашања веродостојноста од 90 проценти не е доволна. Во најмала рака укажува дека таквиот инструмент - авторите ја најавија неговата доработка - мора да се користи со извесна доза на внимателност.

Другата слабост на тестот за имплицитни асоцијации во овој контекст може да се согледа во неговата неможност да ги разликува педофилите од педосексуалците. Во студијата на холандските психолози педофилот е дефиниран како возрасна личност која сексуално ја привлекуваат деца од предпубертетска возраст (12-годишни или помлади), но која никогаш не би се впуштила во педофилско однесување. Најпросто кажано, оваа група педофили никогаш не оди понатаму од контемплација за секс со дете. Под претпоставка дека тестот се користи во цели кои авторите ги имале на ум, би можело да се случи некому да биде ускратен пристапот до саканата професија заради нешто што го замислува.

Цитираната студија е прва во која за субјекти се регрутирани педофили кои не издржуваат затворска казна или не се под задолжителен клинички надзор. Освен тоа, таа е прва која сугерира дека идентификацијата на педофилите би можела да се изведе со неинтрузивен, евтин метод.

За истражувачки или форензички цели, сексуалната ориентација најчесто се одредува со некоја од техниките на фалометрија – мерење на промените на обемот на пенисот (или вагиналната лубрикација) при презентација на сексуално релевантен стимуланс. Во зависност од типот, пенилниот плетизмограф, освен дотокот на крвта во пенисот и промената на неговиот дијаметар, може да мери и други физиолошки параметри на сексуалното возбудување, но има и свои ограничувања. Најпрвин, интрузивен е. Второ, неговата клиничка валидност е дискутабилна, бидејќи докажано е дека субјектите се во состојба да симулираат возбудување – или негово отсуство – со манипулација на менталните слики (со замислување на сексуално повозбудливи или сексуално одбивни примери за време на презентацијата на тест-стимулансот).

Во меѓувреме, истражувачите се обиделе да употребат функционална магнетна резонанца (fMRI) како метод на дискриминација помеѓу различните сексуални ориентации.

Хипотезирајќи дека разликите во сексуалната ориентација на субјектите ќе ги следи различна нервна активација, поврзана со природата на презентираниот стимуланс, група истражувачи од неколку европски универзитети изведе ваква студија на примерок од вкупно 56 возрасни мажи – хетеросексуалци и хомосексуалци без педофилски склоности, хетеросексуални и хомосексуални педофили.

На субјектите им е презентиран сет од 450 фотографии со жени и мажи, девојчиња и момчиња – нивните лица, цели фигури, голото тело, само гениталиите. Испитаниците ги прегледале фотографиите од скенерот, така што истражувачите биле во состојба да ја забележат нервната активност во мозокот на субјектите. Според резултатите од студијата објавени минатата година во списанието Archives of General Psychiatry, можно е педофилите да се идентификуваат врз основа на снимки од фукнционална магнетна резонанца (fMRI).

Цитираното истражување покажало дека врз основа на мозочните активности на субјектите, изложени на сексуално релевантен визуелен стимуланс, разликата помеѓу педофилот и не-педофилот може да се направи со веродостојност од 95 проценти. Освен што е скап и има големи технолошки барања, и овој метод има свои ограничувања. Имено, високата веродостојност важи единствено во случаите на дискриминација помеѓу ексклузивните хетеросексуалци и исклучително хомосексуалните педофили; разликата помеѓу хетеросексуалниот маж и хетеросексуалниот педофил, кој има сексуални контакти и со возрасни жени, веќе е замаглена. И покрај тоа, неможно е со сигурност да се каже што е причина за дадената мозочна активност. Имено, како група, педофилите според нервниот образец на реагирање на сексуалниот стумуланс, се разликуваат од возрасните луѓе без педофилски склоности. Меѓутоа, имајќи предвид дека во конкретната студија учествувале осудувани педофили кои се на издржување казна, вклучени во програмата за психотерапија чија цел е да се развие емпатија за жртвите, една од можностите е снимките од нивниот мозок да рефлектираат каење или чувство на вина. Сè на сè, новите fMRI студии за педофилијата би требало да одговорат на прашањето дали снимките од мозокот можат да забележат невропсихолошки промени кои настануваат – ако настануваат – како последица на одредени психотераписки постапки.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото