Борците и волците

15.07.2013 08:43
Борците и волците

„Ова веќе не се издржува“ се зборовите со кои ме пречекуваат граѓаните во сите градови каде одиме да поделиме по некој флаер, да поразговараме за проблемите. Малку се изненадени, но добро сме прифатени, нè сакаат, нè пречекуваат и отворено разговараат со нас, едноставно, во нас гледаат обични граѓани кои застанаа на браникот за нивна слобода и заедничка борба за подобрување на условите за живот.
Некои ни се лутат, некои нè мразат, некои не сакаат ни да постоиме, а не да опстоиме. Па добро бе луѓе, влеговме во некоја забранета зона, нарушивме нечија приватност? Јас сè уште не можам ни самиот да разберам како може да постојат толку многу лицемери, самомразци и останата багра парољубци.

Во мене лично се разгоре еден пламен кој осветли еден пат по кој одам и нема враќање назад. Свесен сум дека на овој трнлив пат ме чекаат премногу препреки, замки и останати кочници, но се надевам дека ќе издржам и ќе опстанам за да го изодам.

Јас сум дете од едно друго време, учесник во младински акции, јас сум дете на работничка фамилија, растен и образован во едно друго време. Прва лекција ми беше солидарноста и еднаквост, така опстанувавме. Сега живееме во едно друго време каде секој гледа колку може да те искористи и уништи за тој да биде главниот, тој да биде наплатувачот.

Некои не ги интересира дали имало демократија, правда или сиромаштија, нив ги интересира само материјалниот свет каде преку добро сработената виртуелност ќе прикажат подобрена статистичка ситуација, но во реалноста ја нема.

Ако земеме да читаме разни анализи, дали државни или од независни експерти, ќе останеме изненадени од самиот податок кога ќе видеме колку се „подобрени“ работите во нашата држава.

Право за изразување на јавно незадоволство имаат сите граѓани според Уставот на Р.Македонија, но според некој друг непишан закон немаат, треба да се договорат со некого. Со кого? Со партиските тапкароши кои демнат безидејно, кои немаат свое достоинство ,кои немаат свое јас, кои не можат да размислуваат. Тоа се граѓани кои сакаат да бидат главни носители на секоја идеја, граѓани без кои светот „не би можел да опстои“. Спротивно на тоа јас би рекол тоа се граѓани на кои ако некој не им донесе да јадат, ќе изумрат, затоа што не знаат сами да си донесат, тоа се граѓани растени во моето исто време, но додека ја учевме солидарноста на младинските акции, тие го изучуваа себичлукот на странските плажи.

Ете затоа немаме солидарност, немаме масовност, тоа се кочниците на активизмот, тоа се уништувачите на граѓанското општество. Знам дека веќе повеќето ги знаат истите работи, з немаат храброст јавно да ги истакнат. Но јас не знам да молчам и да бидам смирен кога гледам неправди. Не можам да се смирам со самиот податок дека во овој свет каде делувам треба да се пазам од секого - наместо да се пазам од власта против која делуваме, јас треба да се пазам од најверните и најблиските на кои им се доверуваме.

Ако добро се испазарат тапкарошите, ќе пристигнат андроидите и телетабисите и ќе има добра присутност, сите задоволни, сите насмеани, но ако не играш на нивната музика нема да имаш никого. Јас лично мислам дека е подобро да бидете малку, тоа е помоќно, тоа е она искрено и секогаш малите групи граѓани промениле големи работи.

Борците треба да се пазат од волците, но како предизвик треба да ја имаат во главата мислата дека волкот секогаш сам си оди на лов. Тогаш произлегува дека ние треба да бидеме волците и да им бегаме на ловците кои ги има сè повеќе и повеќе и се сè посурови.

Влатко Ристески,
граѓански активист

ОДРАЗ