Дали сме подготвени за промени?

13.08.2013 09:26
Дали сме подготвени за промени?

Дали сме подготвени за промени, дали сме подготвени за делување? Не, не сме и нема никогаш да бидеме, затоа што во нашата држава има премалку граѓани со самосвест. Тоа е најголемата кочница за напредокот и развојот на нашето општетсво,тоа е онаа апокалипса која ќе го уништи нашето општество. Една држава не може да опстане ако нема граѓани кои си ги знаат своите права и се борат за нивното спроведување.

Како би биле подготвени за промени кога нема активизам, како би биле подготвени за делување кога нема граѓани на настаните кои се организираат? Тоа е онаа алка која веќе подолго време недостига во нашето општетство, тоа е таа алка која е најважна за нашиот просперитет и напредок, тоа е алката на опстанокот. Секој протест на граѓани завршува со премолчување на повеќето индивидуи и се сведува на добро изрежираното сценарио на веднеење глава.

Секој мирен протест кај нас се поддржува само во тесно затворените домашни кругови на разговор, а се сомневам дека и таму се разговара заради страв и сомнеж дека некој ќе разбере дека имало разговор на таа тема.

Ние немаме граѓанскиот активизам, ние немаме граѓанската самосвест за добра и соодветна реакција. Активизмот треба да се разбуди и возобнови ако сакаме да го изградиме повторно граѓанското општетство онакво какво што треба да биде, ако сакаме да го вратиме владеењето на правото и демократијата. Треба да докажеме дека заслужуваме да имаме граѓанско општество, треба да докажеме дека ние можеме да си го вратиме владението во нашето општество. Со премолчување на неправдата, со веднеење на главите пред скратувањето на најосновните закони на природата и пред омаловажувањето на темелите на државата ние само стануваме поддржувачи на тоталитаризмот.

Не е слуга само слугата, туку слуга е и оној кој веднее глава

Не треба да заборавиме дека нашите предци се бореле, животите ги давале за наше подобро утре, а ние сето тоа го погазивме и уништивме, ние ги погазивме најголемите вредности на граѓанското општетство. Со нашата инертност на секоја промена или кршење на најосновните права ние зедовме учество во нивното уништување.

Уставот е темелот на држвата и по секоја цена треба да го браниме и одбраниме од канџите на проклетството. Ако дозволиме да се отворат темелите тогаш опстанокот е неизвесен. Уставот е нашиот заштитник, Уставот е нашата Библија и не треба да се дозволи да се променува и изменува.

Верниците никогаш не би дозволиле промена на Библијата, промена на Куранот, бидејќи тие се книги кои еднаш се пишуваат, па и животот и навиките се прилагодуваат според напишаните закони. Така и Уставот на една држава се пишува еднаш и според тие напишани правила се гради државата, на тие правила се прилагодуваат граѓаните и останатите институции. Не може Уставот да се прилагодува кон граѓаните,бидејќи така се нарушува граѓанското општество и може да дојде до негово тотално уништување, како и до уништување на државата.


Секој еден граѓанин треба да ги знае најосновните делови од Уставот, за да не му биде нанесена неправда, а и за да не се злоупотребуваат институциите во државата. Уставот треба да биде основната книга која треба да се изучува, преку која ќе се едуцираат граѓаните. Кога ќе имаме свесни граѓани тогаш ќе имаме граѓани кои ќе го бранат граѓанскиот простор, тогаш ќе имаме граѓани кои јавно ќе застанат на патот на секоја неправда.

Излезот од овој безизлез е само во едукацијата на граѓанството за нивните права и обврски кон државата, со што ќе се создадат јадра на свесни граѓани кои нема да дозволат некој да им го уништува граѓанското општество. Само така може да се создаде армија која ќе го штити и почитува Уставот и принципите на владеење во нашата држава. Тогаш нема да има потреба од молби и покани за да присуствуваат на протестите, тогаш секој од нив сам ќе застане на браникот на слободата,тогаш ќе му биде гордост и чест да биде дел од борците за правда.

Излези и бори се!

Доста беше!

Ова се слоганите кои нашите виртуелни борци секојдневно ги пишуваат на своите профили. Следеќи ги нивните активности ќе си помислите дека степенот на активизам е на прилично високо ниво во Р.Македонија, па и ќе се прашувате како може да има толку многу неправда. Но кога ќе видите колку граѓани коментирано виртуелно, а колку се реално присутни на секој протест, ќе увидите дека во Р.Македонија се живее во целосно виртуелно. Ќе увидите дека во нашата држава има премногу граѓани кои носат розеви очила и кои си живеат во некои нивни замислени витруелни животи. Не е се така како што изгледа. Во нашата држава нема активизам, во нашата држава постои само шаблонизам и премногу егоизам. За да се променат овие работи и за да започне граѓанинот да се бори и да се избори за своето граѓанско општество, ни требаат вистински граѓани, а не виртуелни кои живеат само за својата добра материјална позиција.

Не ни треба виртуелен активизам, нам ни е потребен реален активизам.

Смрт за фашизмот-слобода за слободата.

Влатко Ристески

Граѓански активист

Претседател на ОДРАЗ

 

ОкоБоли главаВицФото