За да опстане државата, треба да има граѓани во неа

31.07.2013 11:15
За да опстане државата, треба да има граѓани во неа

Во нашето граѓанско општество владее премногу партијата на стравот, владее премногу сомнежот во нештата, владее премногу неверството кое добро го инсталираа политичките субјекти во нашата држава. За да бидат тие оние избраните и никој да не може да им се вмеша во добро спремната пиеса која се изведува во нашето народно собрание повеќе од дваесет години, и за да можат само едни актери да глумат во истата, тие го воведоа сомнежот и неверството во нашето општество. Ја растурија слогата и единството помеѓу граѓаните и ги направија модерни „кодоши“ - секој за секого да кажува и никој на никого да не верува без нивниот „амин“.

Тоа се темелите на уништувањето на граѓанското општество и темелите за добро разработениот тоталитарен режим кој завладеа со нашата држава – значи, за оваа состојба сите се виновни. Граѓанските институции кои треба да бидат во корист на граѓаните како правните, извршните и другите општествени институции ги направија премногу зависни од властите кои се на власт т.е. партиите кои ќе победат со некој процент разлика. Дали е демократија кога една партија која добила 51 процент повеќе гласови на изборите и таа да владее со целото општество вклучуваjќи ги тука и оние 49 проценти кои не гласале за неа? Значи, таа ја има евиденцијата за граѓаните кои не ја поддржале нивната опција или се јавно декларирани за спротивната политичка опција, па каде тогаш се гледа демократијата. Како ќе се однесува владајечката партија спрема оние кои не го дале својот глас на позајмица на нивната партија? Нормално, ќе се однесува одбивно за нивните проблеми. Секоја јавна функција велиме дека е за доброто на сите граѓани, но не е секогаш така затоа што за кој било проблем ако се изјасни граѓанин кој не ја поддржува владејачката гарнитура, нема да добие помош и решение за проблемот. Тогаш ние не живееме во демократија, туку во некоја замислена опција на самовладение со мотото

„ако не си со нас, тебе ти нема спас“.

За оваа состојба сите заедно на каков било начин имаме дадено голем придонес, и само ние граѓаните можеме да ја промениме и да го вратиме вистинското граѓанско владение во нашата држава. Сè додека ние се делиме и расправаме, тоталитарниот режим зема се поголем размер и се шири со енормна брзина. Додека ние се прашуваме и омаловажуваме граѓани како индивидуи, со намера за наше добро материјално обезбедување, ни отиде државата.

Ќе дојде моментот кога ќе имаш пари, ама нема да имаш држава.

Граѓанинот е тој кој треба да реагира и стави крај на ваквото однесување на неговите избраници, граѓанинот може да си го врати владеењето во своето граѓанско општество и треба свесно и мудро да постапи. Треба да се посети секоја индивидуа и да им се објасни дека силата е во рацете на граѓаните, и дека тие се тие кои можат да донесат промени во едно општество, и дека не треба да чекаат сè повеќе да се влоши ситуацијата и да си ја изгубат својата држава.

Држава не се раѓа секој ден, таа се раѓа еднаш, но ако не се брани постојано и свесно таа може многу брзо да замре, да ја снема. Нашите предци ни оставиле држава, секоја генерација на свој начин придонесувала за нејзиниот опстанок и развој, секоја еволуција одзела премногу крв и ресурси за доброто на идните генерации... ние не смееме да ги погазиме нашите предци и нивните прерано згаснати животи. Ние не смееме да дозволиме некој да си поигрува со нашата држава, затоа што ќе нема каде да живееме.

Ние со нашето неучество во донесувањето на општествените и политичките одлуки, им даваме одврзани раце на нашите политичари кои работат со нашите позајмени гласови за учество во државата. Ние наместо да бараме отчет за секоја одлука и да бараме да се советуваат со нас, од политичарите во нашето општество направивме луѓе кои наместо да се плашат од нас, владеат со нас. Тоа е нашата најголема грешка која ја направивме во граѓанското општество, наместо стравот да биде нивен, успеавме да го преземеме ние. Како ние да зависиме од нив и нивната одлука дали ќе живееме или не. Тоа е денешната реалност во Македонија, тоа е она што треба да го измениме ако сакаме да имаме здраво граѓанско општество и иднина за идните генерациии. Ако сакаме да немаме граѓанско општество, следната фаза на уништување е прогласување кралство,тоа е врвот на тоталитарниот режим. Ние веќе живееме во еден таков, но засега недефиниран однос, иако има многу сличности со монархизмот,затоа што и кај нас се спроведува мислењето на една личност и тоа важи за сите граѓански институции.

Граѓани на Македонија, нема веќе време за размислување и делење по која било основа, нема време за веднење на главата, сега е времето на делување и агитирање за поткревање на граѓанската свест кај граѓаните во нашата држава.

Сега е времето на единството и слогата, заеднички да створиме такво граѓанско јадро во Македонија кое ќе ги контролира и управува со секое донесување на општествени и политички одлуки. Да направиме систем во кој политичарите ќе се плашат од своите граѓани, а не како што сега граѓаните се плашат од политичарите. Секој граѓанин треба да разбере дека граѓанинот во една држава е на повисока скала од политичарите и треба да направиме тие да зависат од нас. Тоа е можно само со постојана промена на кандидатите за пратеници и носители на јавни функции. Треба да го урнеме нивниот модул, дека само тие се избраните. Само на тој начин ќе успееме да изградиме здраво граѓанско општество кое ќе може да се носи со сите проблеми.

За да опстане државата, треба да има граѓани во неа. За да има граѓани треба да има реален сектор и добра економија во една држава, а не како кај нас сите да работат во јавна администрација и да бидат политичари, а реалниот сектор да го силуваат до тој степен што ќе го доведат до изумирање. Тоа е стадиумот на уништување на државата, уништување на индивидуата-граѓанин и целиот институционален систем во општеството.

Ние сме веќе пред завршниот стадиум на уништување, но сепак се надевам дека постои мала надеж да ја регенерираме нашата држава и повторно да ја вратиме во рацете на граѓаните.

Влатко Ристески,

граѓански активист

Претседател на ОДРАЗ

Слики: Ник Шихи