Ние сме тука

23.07.2013 12:26
Ние сме тука

Ние сме тука, и тука ќе бидеме, нашата мисија е голема, но не и неостварлива. Ќе го изодиме патот на слободата и ќе стигнеме до крајната цел - демократијата. Многу пати сме се запрашале дали воопшто и сме ја имале некогаш, можеби сме ја немале, но сепак сме имале некоја незина имитација која била подобра од сегашново време.

Исто како што ние знаеме дека ќе дојде моментот кога ќе се ослабне некоја алка на владеењето внатре, така и тие си знаат и ги слабеат алките кои можат кај нас, но овој пат бескорисно, затоа што ние тие алки одамна ги бевме замениле со неуништливи. Беспотребно трошат средства за нивно одржување – сепак, тие нам веќе не ни значат ништо. Не можеме да ги осудиме за нивната слабост на добар материјален статус, и некоја чашка луксуз на видно место, секогаш во добро друштво и добро работно место. Ние, борците кои останавме да се бориме со видливи и невидливи непријатели, постојано сме изложени на разни притисоци и преголеми задачи кои си ги имаме поставено пред себе.

Некогаш се запрашувам и самиот себе дали е вредна целта за цената која ја плаќаме за нашиот ангажман, дали ќе можам да ги издржам сите тие обврски и задачи зачинети со големи притисоци и препреки. Не ми претставува проблем борбата која ја водиме, колку што ми претставува проблем кога ќе стигнеме до препреката од нашите блиски превртливи соборци, кои имаат само една цел во својот живот, а тоа е да го нахранат добро своето его жртвуваќи нè сите околу нив.

За да им се придружиш на граѓаните кои се борат за своите права, прво треба да си добро свесен граѓанин како индивидуа и да сакаш да ја постигнеш целта, и секогаш треба да бидеш на страната на правдата. Ние тука треба да бидеме на браникот на демократијата и слободата, како свесни граѓани секогаш треба да стоиме во првите редови за да ја одбраниме и зачуваме нашата слобода.Таа секогаш земала жртви, но секогаш во револуцијата победувала правдата и праведните.

Во нашето граѓанско општество треба да се уништи и отстрани премногу пиреј, затоа што неговите корени се најжилавите и ако долго виреат, тие се испреплетуваат како мрежа и многу тешко се уништуваат. Сите наши капацитети треба да ги насочиме прво за да го отстраниме пирејот, а потоа да се организираме и градиме стратегии за подобро дејствување на терен. Секоја наша добро организирана активност секогаш е саботирана или привидно задушена од некои егоисти кои секогаш сакаат да бидат оние од кои зависи сè. Но напротив, тие со својата самобендисаност ги уништуваат добро сработените активности и секогаш се кочницата во нашата борба. За да успее нашата борба, за да стигнеме до целта, треба премногу да се насочиме на создавање јадра на свесни граѓани кои ќе допринесат во борбата со своите активности и ангажмани. Да бидеш дел од активистите или која било граѓанска иницијатива е привилегија која ја заслужуваат само свесните, активните и граѓаните кои си го сакаат граѓанското општество. Здравото граѓанско општество секогаш е приоритет за здрава правна држава, каде секогаш ќе функционира владеењето на правото и демократијата.

Ние сме тука за да ви го покажеме патот кон слободата.

Ние сме тука за да ви помогнеме во едукацијата и да ви кажеме дека основен предуслов за успехот на едно здраво граѓанско општество е едуцираноста на граѓаните за нивните права и обврски кои им се загарантирани во нивниот Устав, во нивното граѓанско општество.

Во Уставот на Р.Македонија член 28 вели :

„Член 28
Одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин.
Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.“


Значи и според Уставот, наше право и должност е да си ја одбраниме нашата држава, но не секогаш од надворешен агресор. Напротив, треба да си ја одбраниме и од владејачките гарнитури кои располагаат со власта. Ние треба секогаш да го браниме нашето граѓанско општество затоа што државата постои за граѓаните, таа е наша и не е ничија своина - ние сме тие кои треба да ја пазиме и унапредуваме. Секој атак од која било структура треба веднаш да го елиминираме и отстраниме, а не како што сега дозволивме да ни го уништатат целиот правен систем во нашата држава. Постојано велам „нашата“, затоа што сите треба да разберат дека вистински државата е наша и тоа е единствената супстанца која дава стимул за да опстанеме во борбата и да успееме да сигнеме до крајната цел. Слободата има секогаш највисока цена, за слободата се жртвуваат премногу животи, дали на терен или спонтано, но нашето животно темпо е забрзано затоа што сакаме што побргу да ја донесеме слободата и демократијата.

Ние сме тука и ќе бидеме тука и после тоа, ќе бидеме добри пазители на граѓанското општество кои нема да дозволат повторно да метастазира некој тоталитариам и да ги преживуваме повторно овие тешки моменти. Нема да дозволиме повторно некој да си игра со нашите пари кои ги внесуваме во државната каса, но нема да дозволиме ниту некој да го распродава нашиот имот, нашата земја која нашите предци ни ја оставиле во аманет. Ние таа земја треба да ја чуваме и сочуваме од нас самите, затоа што ние повеќе сами си ја уништивме со негрижата и неучеството во донесувањето на општествените и политичките одлуки во државата.

Ние и треба да бидеме тука, затоа што местото на граѓаните секогаш е тука на браникот на владеењето на правото и бранењето на демократијата и слободата на граѓаните.

Ние сме тука за сите нас, и секој ден нашата војска е сè поголема и поголема, а нашето оружје сè помоќно и помоќно, затоа што ние располагаме само со вистината, а наша муниција се зборовите кои се најмоќното уништувачко средство, кое ја уништува секоја неправда.

Граѓанската револуција започна во оној момент кога ни го киднапираа слободниот граѓански простор и ни го контаминираа со нивната идеологија, го загадија со тоталната партизација на приватноста и го уништија приватниот живот.

Праведните и праведноста секогаш победувале, ќе победат и ќе победуваат.

Влатко Ристески,
граѓански активист

Претседател на ОДРАЗ

Слики: Steamy Raimon